More

    МИА ги стави во мирување дописништвата во Брисел, Атина и Вашингтон, за новинарскиот синдикат тоа е недозволиво

    Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изрази жалење поради одлуката на АД МИА за ставање во мирување на неопределено време на дописништвата во Брисел, во Атина и во Вашингтон, како и за најавите за непродолжување на договорите за соработка на дописниците од другите европски градови.

     

    „Свесни сме за економската криза, односно за мерките за штедење кои беа наметнати на државните институции и претпријатија, меѓутоа се надеваме дека ќе се направат напори и ќе се изнајдат начини во најкус можен рок дописништвата да не престанат со работа“, се вели во соопштението на ССНМ.

    Ос новинарскиот синдикат сметаат дека не смее да биде дозволено државна новинска агенција како што е МИА да нема свои дописници во едни од најважните главни градови во светот, особено во овој период на комплицирани и предизвикувачки меѓународни односи во светот.

    „Потенцираме дека особено е важно македонските граѓани да бидат објективно и навремено информирани директно од новинари кои се на местото на случување, особено за процеси како што се на пример пристапувањето кон Европската Унија, како во Брисел, така и во другите главни градови на земјите членки на ЕУ. Со ваквата одлука на МИА предизвикана од одлуката на Владата за штедење директно се влијае и на несигурноста на работните места на новинарите и медиумските работници, но и врз стандардите и нормите за објективно и професионално известување за случувањата во светот“, посочуваат од ССНМ.

    Според синдикатот, Владата, како основач на МИА и контролор на нејзината работа, треба да води особена грижа за присутноста на државната новинска агенција во важните светски центри, и затоа ја повикаа Владата да изнајде модус за понатамошно соодветно и комплетно функционирање на овој медиум.

    Р.С

    Exit mobile version