More

    Децентрализација во информирањето!

    Пишува: АРТА ТАХИРИ

    За време на овие години на транзиција, често сме слушале за децентрализација на власта, што подразбира општините да имаат повеќе овластувања, но многу малку се зборува за децентрализација на медиумите. Оваа синтагма значи дека медиумите не треба да се фокусираат само на политички и општествени настани или процеси кои се случуваат во главниот град, без оглед на тоа што во Скопје се случуваат многу политички, дипломатски, економски, културни, образовни и спортски случувања. Ова е повеќе од нормално.

     

    Скопје е несомнено и медиумски центар. Во главниот град е МРТВ, сите пет национални терестријални телевизии, речиси сите кабелски телевизии, дневни информативни весници, државната информативна агенција (МИА) и повеќето од порталите што се највлијателни кај публиката.

    „Централистичката држава“ и по осамостојувањето и „демократизацијата“, по 90-тите, немаше сенс и политичка волја да обезбеди спроведување на стратегијата за регионален развој во медиумскиот систем. Тоа значи дека Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги (поранешниот Совет за радиодифузија) мораше да планира и да создаде можност за која било телевизија надвор од Скопје да добие национална терестријална лиценца.

    Ова се случи кај радијата, бидејќи радиото Канал 77 од Штип има национална лиценца.

    Покрај медиумскиот плурализам, кој се обезбедува преку разноликоста на медиумскиот пејсаж и неговото унапредување, потребна и разноликост како гаранција за плурализмот на информативната содржина во секој медиум.

    Новинарството е професија која мора да има сеопфатен пристап, што значи дека медиумските содржини мора да имаат објективна и избалансирана презентација на граѓаните и различните групи, без разлика на нивната географска положба. Доброто и квалитетно новинарство, новинарството од јавен интерес, треба да им овозможи на граѓаните, кои живеат во различни градови или села и имаат проблеми или се третирани неправедно, да зборуваат или да го кренат својот глас кога е потребно.

    Медиумите мора да бидат на услуга на публиката, и јасно и истражувачки да се осврнуваат на грижите што таа ги има за различни прашања. Само со понуда на широк спектар на различни мислења и ставови, новинарите ќе обезбедат вистински увид во она што се случува во општеството.

    Тоа значи дека Националната радиотелевизија (поранешна МРТВ), како јавен радиодифузен сервис (иако сè уште не е трансформиран во јавен), мора да има стручни и квалитетни дописници и дописништва во сите градови во државата. Овие канцеларии треба да бидат опремени со софистицирани технолошки средства за снимање, бидејќи помина времето на снимање со VHS камери, кои се користеа порано.

    Од друга страна, помина и времето на известување само преку глас, покриен со слики од слајдови (замрзната слика на екранот), како што се случуваше во минатото со многу дописници во програмата на јавниот сервис на албански јазик. Како да известувале за радио, а не за телевизија, на која изразно средство и е ликот или видео снимката.

    Останатите медиуми со национална лиценца, терестријални и кабелски, како и сериозните портали, мора да имаат дописници во градовите во земјава, од каде ќе известуваат за настани и ќе обработуваат теми кои се актуелни од локален аспект.

    Треба да се има предвид дека тоа е скапо за медиумите, кои ги чувствуваат последиците од економската и енергетската криза, но доколку сакаат да бидат во функција на публиката, треба да се потрудат да споделат дел од добивките за да известуваат за локалната јавност или за локализирање на информациите. Во спротивно, медиумите ќе им служат на приватните интереси на нивните сопственици, без да се води сметка за општествената функција или развојот на поединецот и општествената заедница.

    Само така медиумите ќе покажат професионалност, фер пристап кон јавноста и со тоа ќе го добијат нејзината доверба. Граѓанинот, не лично, не како поединец, туку како субјект кој ги дели истите грижи и проблеми со другите во одреден регион, доколку не се гледа себеси во медиумите, не е склон да верува во објективноста на новинарите.

    Со децентрализацијата на информациите ќе имаме правично известување и намалување на дезинформациите, кои од различни средини се објавуваат главно на порталите и социјалните мрежи.

    (Авторката е уредник на вести во ТВ АЛСАТ)

     

    Exit mobile version