More

    (ИЗБОР) Албански медиуми: Косовско-српски „нон –пејпер“ за формирање Заедница на српски општини, корупциска шема Брезовица, Албанија купи три беспилотни вооружени летала од „Бајрактар“

    БОТА СОТ: Формирање  на Заедницата на српски општини, една од препораките од „тајните“ средби меѓу Косово и Србија

    „Владата на Косово треба да започне со формирање на Заедница на општини со српско мнозинство“ , е една од препораките  од таканаречениот „нон –пејпер“ што произлезе  од  „тајната“ средба меѓу  претставниците на политичките партии на Косово и на Србија, одржана на 11 и 12 јануари во Солотурн, Швајцарија, пренесува косовскиот весник БОТА СОТ.

    Дел од учесниците на оваа средба порачаа дека Здружението треба да биде дел од сеопфатниот договор.

    „Мора да се разговара за модел за избори на север на кои учествуваат Срби и партиите да се договорат во рок од три месеци. ЕУ и САД треба да бидат страни во решавањето на овој спор со притискање на Приштина и Белград да се договорат за рамката на преговорите. Тие треба да преминат од улогата на олеснувач во улогата на медијатор. Рамката треба да го стесни опсегот на опции за партиите. Предлогот на ЕУ, познат како француско-германски предлог, се чини дека го прави токму тоа“ , се наведува меѓу другото, според  БОТА СОТ.

    РАДИО СЛОБОДНА ЕВРОПА: Како Брезовица се претвори во корупциска шема

    Стотици градби без дозвола, деградирање на животната средина, давање и примање поткуп се само дел од кривичните дела, за кои Основното обвинителство на Урошевац , Република Косово, поднесе две обвиненија против 20 лица.

    Меѓу обвинетите се Братислав Николиќ, поранешен градоначалник на општина Штрпце, каде што всушност  се наоѓа Брезовица, потоа општински директори, службеници од Министерството за животна средина, градежници и други лица кои помагале или давале мито во замена за градежни дозволи.

    За овој случај, во кој се истражени околу 100 лица, обвинителот Расим Малоку за Радио Слободна Европа дава детали – меѓу другото покажува како Николиќ како градоначалник на Штрпце незаконски дал дозвола за градба во Брезовица, во замена за поткуп, како општинските инспектори не ги прекинале работите и како службеници од Министерството за животна средина ја занемариле работата во врска со деградацијата на Националниот парк „Шари“ во Брезовица.

    По долга истрага, Основното обвинителство во Урошевац во 2020 година поднесе обвинителен акт против 11 лица осомничени за злоупотреба на положбата, градење без дозвола, деградирање на природата, како и прекршување на други закони. Овие работи се поврзани со изградбата на десетици викендици и хотели во Брезовица.

    ТОП ЧАНЕЛ: Албанската влада набави три вооружени беспилотни летала од  „Бајрактар“

    Албанската влада го финализираше и потпиша договорот со турската компанија „Бајрактар“, за набавка на три вооружени беспилотни летала, кои ќе се користат во воени, полициски и цивилни мисии, во функција на националната безбедност, пренесе албанскиот медиум Топ Чанел.

    „Повеќе од 30 луѓе кои ќе бидат избрани многу внимателно со помош на компанијата Бајрактар, кои ќе поминат обука и ќе бидат подготвени да ја преземат функцијата на контролниот центар, кој ќе биде предмет на највисока технологија во воздухопловната база на Кучове“,изјави албанскиот премиер Еди Рама.

    Д. Тахири

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version