Последни написи

ДЕБАТА: Политичарите разговараа со младите за како да се подобри нивниот стандард

Корупцијата како главна причина за иселување на младите од земјава, состојбата со студентскиот и ученичкиот стандард, мерките што државата ги презема за подобрување на состојбата на младите, беа дел од темите што се најдоа во фокус на настанот „Како до подобар младински стандард во 2023 година?“ во организација на Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) и Фондацијата „Фридрих Науман“, во соработка со Клубот за младински прашања и политики при Собранието.

Младите, младинските организации и политичарите зборуваа за некои од најважните прашања што ги засегаат нив во земјава. Покрај дискусијата, присутните на настанот понудија и конкретни решенија за проблемите.

Целта на ваквите дискусии, истакнаа организаторите, е да се води отворен дијалог со организациите кои работат со млади, но и со самите млади кои се носители на промените во земјата за размена на идеи за активности што можат заеднички да ги преземат сите општествени чинители во иднина, а со цел да се подобри младинскиот стандард и да се задржат младите тука.

Младите сами да ги поттикнат промените

Младите не се само иднината, туку и сегашноста и затоа треба да ги чуваме и да се грижиме за нив за да останат во земјата, и како претставници на државни институции да преземеме мерки и да им понудиме повеќе и подобри услови, истакна пратеничката Фиснике Бектеши Шаќири во првиот дел од настанот.

Според неа, повеќе од потребна е нова Национална стратегија за млади, чија изработка е веќе во тек.

„Во државата е потребна младинска легислатива која ќе предвиди вклученост на младите луѓе и младинските организации. Треба да се предвиди буџет за млади, политика за младинско информирање, децентрализирање на политиката за млади, младинско истражување, учество на младите во политиката и меѓусекторска соработка“, истакна Бектеши Шаќири.

Пратеникот Бојан Стојаноски посочи дека единствен начин да се донесат позитивни промени за младите е доколку младите сами ги иницираат таквите процеси.

„Ако се направи анализа на историјата на сите крупни работи што се случиле во земјата, секогаш, без исклучок, иницијативите биле водени од помлади луѓе. Никој нема ништо да ни даде како млади, туку ние самите треба да дојдеме и да го земеме тоа што ни припаѓа. Со многу работа, со многу труд, можеме да добиеме шанса, и потоа да ја искористиме за да направиме разлика“, рече во своето обраќање Стојаноски.

Со него се согласи и градоначалникот на Валандово, Перо Костадинов, кој е еден од најмладите градоначалници во земјава. Според него, една од најтешките стигми со кои може да се соочат младите во земјава е да бидат партиски обоени.

Костадинов посочи дека е потребна реформа на административниот апарат на државата, бидејќи кога младите се вработуваат во јавната администрација, ја губат својата прогресивност и волја за промени.

„Во ниту еден случај ниту еден од нас не смее да се откаже. Мора да работиме на децентрализација на процесите. Во моментов во Македонија има неколку процеси и трендови кои се ужасни и негативни, меѓу кои и иселувањето на младите во странство, но и иселувањето на младите од помалите градови кон главниот град. Голем дел од состојбите ги предизвикуваме и самите. Младите мора да бидат бунтовни“, им порача Костадинов на присутните млади.

фото: Мета.мк

Младинскиот стандард жртва на корупцијата

Ние сме последната генерација која може да направи промена во општеството, рече во своето обраќање градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски, говорејќи за корупцијата. Според него, нема дилема дека корупцијата влијае врз младинскиот стандард, додека за справување со овој проблем смета дека е потребно создавање на стратегија, преку која, меѓу другото, ќе бидат предвидени и обуки за администрацијата со кои ќе се влијае на менталниот склоп кај вработените.

„Треба да воспоставиме систем на добро управување и треба да се бориме со корупцијата. Прво, треба да прифатиме дека корупција постои. Корупција има од најниско до највисоко ниво. Потоа да почнеме со преземање чекори за промена на свесноста, односно да се промени свеста кај корисниците на услуги дека ако сакаме да бидеме принципиелни, тогаш истите принципи треба да важат за сите нас“, рече Муцунски.

Градоначалникот на Аеродром рече дека во земјата се провлекуваат исти проблеми со години наназад, а кај граѓаните преовладува чувство дека никој не прави ништо за да донесе промена.

„Не можеме ништо магично преку ноќ да смениме, овие процеси се длабоко вкоренети во нашето општество. Треба генерациска промена и вие сте таа генерација. Фактот што има интерес во јавниот живот и што доаѓате на вакви дебати и дискусии, ве прави идеална група на луѓе со која заедно ќе почнеме да ги движиме овие процеси“, додаде Муцунски.

Пратеничката Моника Зајкова рече дека, покрај лошиот образовен систем, меѓу младите постои големо ниво на недоверба и во правосудството, а порача секој млад човек да даде личен придонес кон промена на состојбите. Таа рече дека и покрај тоа што се носат закони за млади, тие повторно заминуваат од државата.

„За да направиме огромна реформа и во правосудството, треба да го менуваме менталитетот, треба да постои политичка волја и консензус за промена на легислативата и за тоа како се однесуваат институциите“, рече Зајкова.

Според Зајкова, факт е дека младинскиот стандард не е на она ниво на кое што треба да биде и само преку дискусии и јавна дебата ќе може да се детектираат аномалиите на системот. Таа рече дека младите не ги засегаат само законите за младинско учество, младинска невработеност и стандард, туку и покрупните работи и прашања.

За информацијата дека се разговара за префрлање на Агенцијата за млади и спорт под Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, пратеничката рече дека всушност треба да се размислува за формирање на Министерство за млади.

„Не се согласувам со ваквата одлука, без разлика кој и да е изговорот и кој и да го препорачал тоа. Агенцијата треба да постои и да си ја врши својата работа професионално. Во изминатиов период не сме имале соработка на завидно ниво со оваа агенција во делот на младинските политики, а е тело кое има најмногу ресурси и средства за младите. Подобро е да прерасне во министерство со свој буџет и да се грижи посебно за младите“, истакна Зајкова.

Младите што присуствуваа на настанот се интересираа и дискутираа за спроведувањето на законите што ги засегаат нив, за лошите услови во образованието и државната поддршка за студентите и учениците, но и за партизацијата како „епидемија“.

Пратениците истакнаа дека токму ваквите горливи теми ги натерале тие што се дел од Клубот за младински прашања и политики да работат поинтензивно и да ги надминат партиските идеологии.

На дискусијата се зборуваше и за дигитализацијата на јавните услуги, што од страна на младите беше посочена како главен фактор за намалување на корупцијата која не може целосно да се искорени.

Муцунски рече дека е потребно зголемување на бројот на јавни услуги кои се испорачуваат и до кои граѓаните ќе имаат пристап по електронски пат, но главен предизвик е финансирањето, затоа што процесот на дигитализација е скап.

„При имплементацијата на дигиталните услуги има отпор и од вработените во администрацијата. Тоа се луѓе кои 20-30 години работеле на еден начин и не го прифаќаат новиот. Мора да се промени организационата култура во рамки на институциите. Дури и да се обезбеди најдоброто дигитално решение, ако нема кој да го примени на соодветен начин, вие ќе дадете многу пари, а во пракса нема да направите ништо“, рече Муцунски.

Модератори на двете дискусии беа младинската НАТО амбасадорка Ирена Шумениковска и младинскиот активист Гент Салихи.

По дискусиите беше презентирано и истражувањето на тема „Младите во 2022 – факти и заклучоци“ изработено од Младинскиот сојуз Крушево.

Организаторите на настанот истакнаа дека по консултациите е предвидено да произлезе Документ со конкретни препораки и предлози за идното дејствување на Клубот за младински прашања и политики при Собранието.

 

(Извор: Мета)

Latest Posts

Не пропуштај