Последни написи

Полиграф: Руските пропагандисти прават лажни паралели помеѓу Косово и Украина, во обид да ја легитимираат руската инвазија

Ескалирањето на кризата во Косово е проследена и со ширење на бројни руски дезинформации и теории на заговори.

Порталот за борба против дезинформации „EU vs. Disinfo“ во последно време разоткрива повеќе руски дезинформации, кои преку наводни „експерти“ ги обвинуваат НАТО, ЕУ, САД или Западот за ескалирање на кризата во Косово.

Наспроти недокажаните обвинувања, „EU vs. Disinfo“ покажува дека токму „руски претставници, медиумски и Телеграм канали, долго време се обидуваат да потпалат тензии околу Косово и Западен Балкан“.

„EU vs. Disinfo“ како пример го дава и лансирањето на каналот RT Balkan на српски јазик, кој пропагандистката на Путин, Симоњан, го промовира со зборовите „Бидејќи Косово е Србија“.

Руските пропагандисти прават и лажни паралели помеѓу Косово и Украина, во обид да ја легитимираат руската инвазија. Таква паралела се прави и во рускиот пропаганден документарец „Србија: Знаци на војната“, објавен пред неколку месеци и на портали во земјава, кој РТ го прошири на повеќе јазици ширум светот.

Во него, РТ промовира радикални проруски десничари, како Миша Вациќ од „Српска десница“, кој со маица со знакот „Z“, прави паралела меѓу „рускиот“ и „српскиот свет“: „Мојот син и други деца ќе живеат во една земја на апсолутен мир, каде што сите српски земји се собрани, значи и од Српското море, преку српска Босна, српско Косово. Како што Русија успева да го денацификува и демилитаризира рускиот свет, така и ние Србите имаме право, по пат на специјални операции, да го создадеме српскиот свет, кој ќе живее во мир и слобода“.

Но, невистина е дека има „српско море“, како и дека „Русија успева да го денацификува и демилитаризира рускиот свет“. Руската незаконска воена инвазија врз Украина нема никаква врска со „денацификација“, ниту пак со „демилитаризација на рускиот свет“. Овие дезинформации се веќе разоткриени од проверувачите на факти.

Со ваквите дезинформации се оправдуваат империјалистичките воени претензии и на Русија во Украина, и на Србија на Балканот. Како што појаснува „EU vs. Disinfo“: „Косово и Донбас се различни и не можат да се споредуваат. Во Косово, српскиот режим на Слободан Милошевиќ водеше војна со илјадници жртви и стотици илјади бегалци и раселени лица. Немаше војна во Украина пред илегалното анектирање на украинскиот полуостров Крим од страна на Русија во 2014.“

Вациќ на 11.12.2022 објави и видео од автомобил со руската ознака „Z“, и порака: „Вечерва се подготвени од 40 градови на Србија да тргнат стотици храбри млади кои ќе застанат во одбрана на барикадите!“.

Јасно е дека дезинформациите на Вациќ, зајакнати и во документарецот на РТ, немаат никаква врска со „мир и слобода“, туку со потпалување на конфликт на Косово и на Балканот, токму она што настојува да го постигне пропагандата на Кремљ.

Latest Posts

Не пропуштај