Последни написи

Контраспин: Барањето одговори за одлуката за „Таргет-Тврдина“ не е притисок врз судството

Во услови на висока исполитизираност на општеството и на сè уште премногу дебати за нецелосна поделеност на трите власти, како и во услови на многу ниска доверба на јавноста во судството (од само 4 отсто) за кое постои перцепција за силно влијание од политички, но и од бизнис елити, сосема е разбирлива реакцијата и на јавните функционери и на граѓаните дека правдата повторно ќе остане неостварена или нецелосна. Според тоа, суштината на реакциите е врз основа на перцепцијата за недостижност на правдата, дотолку повеќе што е втора по ред укината пресуда за Сашо Мијалков и неговите соработници од ист суд, а не за вршење политички притисоци врз независноста и непристрасноста на судството, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Во морето реакции за одлуката на Апелациониот суд во Скопје за укинување на првостепената пресуда за „Таргет – Тврдина“, бележиме и дел од реакцијата на одбраната на обвинетиот во овој случај Сашо Мијалков, во која може да се детектира спин:

Спин: Актуелните политички напади врз судскиот совет во Апелациониот суд во Скопје, кој одлучуваше по поднесените жалби за предметот, се неприфатливи и заслужуваат најсериозна осуда.

Одбраната се уште ја нема добиено пресудата на Апелациониот суд во Скопје и се уште не ги знае аргументите и насоките на второстепениот суд. Знае само дека се изразува „загриженост“ или „згрозување“ од највисоки државни функционери од извршната власт. Тоа е директно мешање и вршење притисок врз судската власт, која мора да биде независна.

Уште позагрижувачки е што таквиот притисок е јавен и покажува дека оправдан бил стравот за политичко мешање уште од самиот почеток на постапката и се влијаело да се донесе првостепена пресуда каква што беше донесена.

За ваквите притисоци и мешање во судската власт ќе го информираме и Судот за човекови права во Стразбур, бидејќи цениме дека со тоа се нарушуваат правата на нашиот клиент за фер и правично судење кое во ваква атмосфера и хајка врз судиите е невозможно тоа да се добие.

[Извор: Фактор – Се јави одбраната на Мијалков...; Датум: 18.12.2022]

Контраспин: Реакцијата на тимот адвокати – одбраната на Сашо Мијалков во случајот Таргет –Тврдина, во еден дел спинува кога ја запознава јавноста со својот став дека изразите на „загриженост“ и „згрозување“ се директно мешање и вршење на притисок врз судската власт.

Станува збор за реакциите на повеќе избрани или именувани јавни функционери кои запрашани од јавноста/новинарите, се произнесоа за нивниот став околу укинувачката пресуда на Апелациониот суд за Скопје за случајот „Таргет-Тврдина“, која беше соопштена во петокот на 16.12.2022 година.

Спинот е дотолку поевидентен затоа што и одбраната вели дека „сè уште ја нема добиено пресудата“ и „ сè уште не ги знае аргументите и насоките на вторстепениот суд“, па оттука значи не знае ниту дали нивните аргументи во жалбата биле клучни за одлуката на Апелација или нешто што таа го прави по службена должност. Во секој случај, работите стануваат малку појасни со второто соопштение на Апелациониот суд во Скопје од 19.12.2022, при што останува непознато зошто биле толку „скржави“ при првото соопштување во петокот на 16.12.2022. Но и не само тоа, туку спинот го гледаме и во  нејасноста во делот од реакцијата на одбраната кога тврди дека ќе го информира Судот за човекови права во Стразбур, бидејќи овој случај сè уште не е стигнат до Стразбур.

 

Од „шумата не се гледаат дрвјата“ – масовно и незаконско прислушување

Суштината на коментарите на јавните функционери, кои впрочем се компатибилни со најголемиот дел од известувањата и коментарите во медиумите и со најголем дел од коментарите на граѓаните на јавните мрежи, не се насочени кон законитоста на одлуката што ја донел Судот, туку се насочени кон остварување на правдата. Затоа и во голем дел од изјавите тие бараат солидна аргументација.

Имено, станува збор не за висок, туку за највисоко профилиран случај на незаконско прислушкување во време на владите на Никола Груевски што било вршено во период од повеќе години и поради кои дојде до формирање на СЈО со посебен закон. Впрочем, тоа беше и крунскиот или фундаменталниот случај на СЈО, со прифатено обвинение на илјадници страници и со прифатени докази одбранети во првостепената пресуда дека станува збор за повеќе илјади оштетени граѓани кои биле директно прислушувани и десетици илјади други кои биле прислушувани индиректно за време на контактите со прислушуваните. Значи најмалку 24 илјади оштетени граѓани. Овој факт, колку што може да се „прочита“ од поширокото образложение, не е спорен ниту за Апелациониот суд.

Значи имаме факт на незаконско прислушување од масовни размери, кое во Македонија (и во РМ и во РСМ) се случува по третпат. Исто така, имаме факт дека илјадници граѓани се оштетени. И исто така имаме факт – прислушувањето било извршено од органи и институции кои припаѓале на државниот апарат во дадено време, во кое време одговорни за тие органи и институции биле конкретни лица со име и презиме, а не безимени сторители.

После сите законски и процедурални постапки кои морале да поминат – предистрага, истрага, прифатен случај, сослушување на сведоци и експерти и на одбрана и на обвинителство, после неколку години во почетокот на 2021 е донесена првостепена пресуда, и на крајот од 2022 година одлука/решние за укинувачка пресуда од страна на второстепен суд, со која, поради рокови во КЗ, се заканува застарување на делото на обвинетите, првостепено осудени и сега повторно со статус на обвинети.

Впрочем ниту Апелациониот суд не ја негира можноста од застарување, но вели не се случува додека предметот е кај нас (види претпоследен пасус од второто соопштение)

Во услови на висока исполитизираност на општеството и на сè уште премногу дебати за нецелосна издвоеност на трите власти, како и во услови на многу ниска доверба на јавноста во правосудството (од само 4 проценти според последните истражувања), за кое постои перцепција на силно влијание од политички, но и од бизнис елити, сосема е разбирлива реакцијата и на јавните функционери и на граѓаните дека правдата повторно ќе остане неостварена или нецелосна. Со тоа се губи и надежта кај граѓаните кон државата и последиците може да бидат повеќе од трагични – натамошно иселување на секој кој може, дури и да не размислувал за тоа. Тоа се генералните последици, а директните се многубројни – зголемување на недовербата кон институциите, зголемување на партиската поларизација во општеството, зголемување на говорот на омраза пред сè врз политичка основа и зголемување на криминалот од омраза.

Според тоа, суштината на реакциите е врз основа на перцепција за недостижност на правдата, дотолку повеќе што е втора по ред укината пресуда за Сашо Мијалков и неговите соработници од истиот суд, а не за вршење политички притисоци врз независноста и непристрасноста на судството.

 

Судот во Стразбур не вели дека коментарите мора да значат и притисок

Европскиот суд за заштита на правата на човекот во 2014 година објави насоки за тоа кои сè постапки би придонеле да се оствари во целост точката 6 од Европската конвенција за заштита на човекови права  (ЕКЧП) за остварување на Правото на правичност во судските постапки.

Овие насоки, наречени „Водич за член 6 од Конвенцијата – Право на правична судска постапка (кривичен аспект)“ содржат и дел кој е наречен Изјави од државни функционери (види стр.43) во кој има три насоки чии делови се:

  • Член 6 § 2 ги забранува изјавите од државните функционери во врска со кривични истраги што се во тек што ја охрабруваат јавноста да смета дека осомниченото лице е виновно и го прејудицираат оценувањето на фактите од страна на надлежниот судски орган
  • Начелото за презумција на невиноста не ги спречува властите да ја информираат јавноста за кривичните истраги што се во тек, но бара од нив да го сторат тоа со целата потребна дискреција и претпазливост ако сакаат да ја почитуваат презумцијата на невиност
  • Судот ја нагласи важност на изборот на зборовите што јавните функционери ги употребуваат во своите изјави пред некое лице да биде осудено и да биде прогласено за виновно за кривичното дело

Како што може да се види, првите две насоки се однесуваат за случаи додека уште траат кривичните истраги, а третата зборува за периодот додека трае судскиот процес, во овој случај и првостепениот и ова решение на скопска апелација.

Ниту едно од овие начела или насоки или правила во Водичот не наложува апсолутна забрана на изјави на државни функционери. Насоките од Водичот напротив, упатуваат на претпазливост и на важноста на изборот на зборови што јавните функционери ги употребуваат во своите изјави.

Впрочем, не би ни можело да биде поинаку со оглед на важноста на членот 9 и особено на членот 10 од ЕКЧП кои зборуваат за слободата на мислење и слободата на изразување. И државниот функционер е граѓанин, без оглед што припаѓа на јавна власт, како што и судот е јавна власт, посебно издвоена од извршната и законодавната и тука нема ништо спорно.

Патем во овој Водич има и многу други интересни делови и насоки за остварување на правото на правично судење, особено за делот на независноста и непристрасноста на судот, кои се ставени во Критериумите за оценување на независност и непристрасност (види стр.17), но и за тоа што значи Надворешна претстава за независност (види стр.18):

За да се утврди дали некој суд може да се смета за „независен“ во согласност со барањата од член 6 § 1, надворешната претстава за него може, исто така, да биде важна. Овде станува збор за довербата што судовите во едно демократско општество мора да и ја влеваат на јавноста и, пред сè, што се однесува до кривичните постапки, на обвинетото лице.

Иако оваа насока се однесува на правото врз коешто некој може да се повика на неправична судска постапка, суштината на насоката всушност зборува за довербата што јавноста треба да ја има во секое демократско општество во судот и судството, за да се зборува за неправично судење.

Кога сè ќе се земе предвид, може аргументирано да се оцени дека ставот на одбраната што го рецензираме во еден дел е извртување на вистината, односно спин. Државните функционери со изразите на „загриженост“ и „згрозеност“ (иако овој вториот израз не можевме да го најдеме кај државен функционер, туку има „разочарувачка“ , „понижувачка“  и „шокирачка“ ),  не вршат директно влијание врз судот, туку изразуваат загриженост и разочарување од можноста правдата да остане недостижна. Дотолку повеќе, што најголемиот дел од медиумите и најголемиот дел од граѓаните ги изразуваат, исто така јавно, истата загриженост, згрозување, скандализирање и шокираност. И, што е исто така важно, голем дел од овие изјави беа дадени со појаснување дека бараат аргументирано образложение од Апелација за нивната одлука.

***

Сосема друго е прашањето, се разбира, дали и колку ваквите изјави на државните функционери се оправдани или не, се лицемерни или не, гледано од аспект на тоа дали и што сториле со своите активности за независноста на судството и навременоста и одлуките што ги носи. Но, исто така, сосема друго е прашањето што сè направила одбраната согласно ЗКП и надвор од ЗКП, за да го одолговлечи процесот и за да ги одбрани своите клиенти, без оглед дали тоа ќе значи остварување на правдата или користење „правни финти“.

Пишува:Теофил Блажевски

Извор: meta.mk

Latest Posts

Не пропуштај