Последни написи

Бриселска невладина организација со звучни имиња во центарот на „Катаргејт“

Тоа беше една од најистакнатите групи за човекови права во Брисел, со канцеларија на неколку метри од резиденцијата на британскиот амбасадор и управен одбор со голем број познати личности.

Сега таа е во центарот на корупцискиот скандал што го зафати Европскиот парламент: водечките патрони заминаа, па дури и нејзината табличка со името е отстранета од влезната врата, под налетот на правосудно-медиумскиот ураган по откритието за земање мито од Катар.

„Борба против неказнивоста“ е основана во 2019 година од Пјер Антонио Панцери, поранешен член на Европскиот парламент, за да ги промовира човековите права и да ги изведе прекршителите пред лицето на правдата.

Панцери и Франческо Џорџи, функционер на „Борба против неказнивост“ и на Парламентот, моментално се во притвор. Исто како и девојката на Џорџи, грчката европратеничка Ева Кајли.

Полицијата заплени 1,5 милиони евра во готовина во најмалку 20 рации во домови, канцеларии и хотелски соби во Белгија, Франција и Италија, како дел од истрагата за корупција и перење пари, во кои очигледно биле вклучени и катарски службеници.

Вчера, уште еден од уапсените во истрагата, генералниот секретар на Меѓународната конфедерација на синдикати, Лука Висентини, изјави дека примил донација од 50.000 евра за неговата кампања за генерален секретар од невладината организација. Тој сега е ослободен.

„Ниту ме побараа, ниту барав нешто во замена за парите и не беа поставени услови за оваа донација“, рече Висентини.

Кога беше формирана „Борба против неказнивост“, Џанфранко Дел’Алба, друг поранешен европратеник, се согласи да биде коосновач на организацијата на Панцери. Како и другите фатени во таканаречената криза на Катаргејт, Дел’Алба инсистира дека бил измамен затоа што искрено верувал во каузата.

Во тоа време, невладината организација „Борба против неказнивост“ изгледаше „нормално“, изјави тој за Политико. „Она што се случи потоа беше огромен шок и огромно изненадување за мене“.

Не е јасно како или дали невладината е вклучена во некои сомнителни шеми, освен фактот дека е во непријатна близина на мрежата на претпоставените злосторства.

Но, се оцртува шемата како Панцери гради навидум сигурна организација која тргува со угледот на достоинственици на ЕУ.

Во 2019 година, Панцери го загубил своето место во Парламентот и функцијата претседател на Поткомитетот за човекови права. Барајќи начин да ја задржи својата позиција во Брисел, тој стапил во контакт со Дел’Алба.

Не бевме пријатели, вели вториот. Панцери беше само „момче што го познавав, како и многу други луѓе во балонот“, рече Дел’Алба, користејќи жаргон за изолираниот свет на бриселската политика.

И покрај недостигот на блискост, Панцери бара Дел’Алба да биде еден од законските соосновачи на новата невладина организација која ќе се стреми да ги зајакне глобалните напори да се изведат пред лицето на правдата сторителите на воени злосторства и злосторства против човештвото.

На 25 септември 2019 година, „Борба против неказнивоста“ беше основана како непрофитно здружение. Дел’Алба рече дека влегол таму за да се исполни минимум потребниот број за да регистрирате ваква невладина организација во Белгија. Овој минимум, според белгискиот закон, е два. Повелбата на „Борба против некзнивоста“ наведува четворица основачи.

Дел’Алба вели дека сега е „член“ на невладината организација, но освен што бил присутен на нејзиното основање, „немал никаква улога“. Тој вели дека никогаш не слушнал споменување на двете земји вклучени во скандалот: Мароко и Катар.

Тој, исто така, никогаш не разговарал со Панцери како се финансирала организацијата што ја основал.

Според веб-страницата на невладината „Борба против неказнивоста“, во советодавниот одбор се и поранешната претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, поранешниот француски премиер Бернар Казнев и поранешниот еврокомесар за миграција Димитрис Аврамопулос. По апсењата тие веќе поднесоа оставка. Аврамопулос во понеделникот рече дека добил 60.000 евра од февруари 2021 година до февруари 2022 година од „Борба против неказнивоста“.

Друг член на советодавниот одбор е Ема Бонино, висока личност во италијанската политика и поранешна министерка за надворешни работи.

Дел’Алба и Бонино имаат долга историја. Тие се и врската меѓу двете организации чии седишта се наоѓаат на улицата Дукале бр. 41 во Брисел: „Борба против неказнивоста“ и „Нема мир без правда“. Дел’Алба беше избран во Европскиот парламент додека беше во партијата на Бонино и беше шеф на нејзиниот кабинет. Угледната италијанска политичарка потоа беше назначен за министерка за европска политика од 2006 до 2008 година. Од 1998 до 2009 година, Дел’Алба беше генерален секретар на организацијата „Нема мир без правда“ основана од Бонино.

Бонино е „целосно надвор од приказната“, вели Дел’Алба.

Панцери успеа брзо да изгради впечаток на сериозна невладина организација, која води кампањи и привлекува советници како Бонино со високи профили, но навидум ограничени улоги. Ова создаде критична маса на доверба.

Според советник на Колеџот на Европа, каде што Могерини е ректор, присуството на Аврамопулос и Бонино било фактор во нејзината одлука да се приклучи.

„Кога ја започнавме оваа иницијатива, Панцери ми го спомна фактот дека има поединци, европски поединци, кои се членови на советодавниот одбор“, изјави Дел’Алба за Политико по телефон. „Верував дека сум во добро друштво.

Слично верување изрази и Бонино. Друг кој рече дека имаат впечаток за доверливост беше Ентони Тисдејл. Тој ја водеше службата за истражување на Европскиот парламент (ЕПРС) кога заедно со „Борба против неказнивоста“ ја организираше конференцијата за човекови права во јуни.

ЕПРС е внатрешен тинк-тенк на ЕУ, поддржан од најмоќниот државен службеник во Парламентот: генералниот секретар Клаус Веле. Според пишувањето на италијанските медиуми, Веле се подготвувал да се приклучи на бордот на „Борба за неказнивост“ следниот месец.

(Извор: novatv)

Latest Posts

Не пропуштај