Последни написи

Османи: Северна Македонија е доверлив партнер на меѓународната заедница од кој може да се очекува проактивност

Живееме во неизвесност и со бројни предизвици од домашни – последните хибридни закани преку дојавите за бомби низ институциите, па преку регионални – состојбата во односите меѓу Косово и Србија, политичката криза во Црна Гора, состојбата во Босна и Херцеговина, новото поставување бариери за мигранти, но и пошироко во геополитички контекст со фокус на руската агресија врз Украина, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на заеднички форум на МНР и Филозофскиот факултет „Актуелни меѓународни политички и безбедносни предизвици, со посебен фокус на ситуацијата во Украина”.

Сето тоа, како што нагласи министерот,  изискува од сите нас внимателност со цел лоцирање на безбедносните предизвици кои се однесуваат на нас и регионот и изнаоѓање брзи и ефикасни решенија.

– Агресијата врз Украина беше пресвртна точка. Нападот на една држава врз суверена, независна држава со цел окупација мислевме ќе го гледаме само на Нетфликс, но еве се случува на нашиот континент притоа кршејќи ги основните принципи на меѓународното право. Северна Македонија во овие нови геополитички околности и регионални случувања е доверлив партнер на меѓународната заедница, но и партнер од кој може да се очекува проактивност, рече Османи.

 

Според министерот, нашите постигнувања во смисла на создавање функционална мултиетничка демократија од уникатен тип во регионот и нашата култура на дијалог и компромис не доведува во ситуација да можеме да придонесеме за регионот и да возвратиме за тоа што ни беше помогнато.

Османи вели дека руската агресија врз Украина можеби нема директни закани врз безбедноста на Северна Македонија, пред се заради фактот што станавме дел од НАТО, но не можеме да ги занемариме сите последици, посебно економските последици.

Идната година, додаде тој, ќе раководиме со три меѓународни платформи – ОБСЕ, Јадранската повелба и Процесот за соработка на Југоисточна Европа, каде планираме да понудиме наш инпут.

Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев се осврна на хибридната војна што ни се случува денес во државата, односно дојавите за бомби. Според него тоа е продолжение на притисок за уште повеќе да се разгори економската криза.

– Не случајно се избираат основните и средните училишта, бидејќи станува збор за деца и тоа е целта со овие дојави да се оневозможи родителите и компаниите успешно да работат, рече Дуев.

Тој проблемот го гледа во тоа што денеска живееме во безбедносна криза и според него колку и да е една политичка гарнитура способна, доколку граѓаните не се чувствуваат безбедни ништо не сме направиле.

– Пред нас висат многу прашања. Јасно е дека немаме друга опција, единствено ЕУ, бидејќи ние сме дел од Европа и не може да одиме подалеку. Но, мора засилено да се работи на промоција на европските вредности за да се избегне продлабоченото мешање на другите земји во нашите односи, заклучи Дуев.

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај