More

    Лажните „бомбардери“ во регионот: Србија

    Актуелните хибридни закани со лажни бомби кои ги сведочиме имаат неверојатна сличност и многу заеднички карактеристики со заканите со лажни бомби во земјите од Западен Балкан и од поширокиот регион.

     

    Заканите со лажни бомби се интензивираат по инвазијата врз Украина

    Во Република Србија, времетраење на заканите е околу девет месеци, од март кога е објавена прва закана, дo 17 декември годинава, кога медиумите известуваа за колапс на Белградскиот аеродром, поради дојава за бомба. Тие започнуваат и се интензивираат со започнувањето на војната во Украина.

     

    Содржината на пораки во заканитe во одреден дел се прикажува како вознемирени индивидуалци со лични проблеми, но праќани се и пораки кои се поклопуваат со истата политичка содржина како во регионот. Една од најспецифичните содржини е копирањето и преведување на пораките кои ги има користено масовниот убиец во универзитетот во Перм во Русија. 

     

    Првите закани со бомби се појавуваат кон Air Serbia за летовите Белград – Москва, што ги насочува властите да претпостават дека станува збор за притисок од страна на Украина за да се воведат санкции кон Русија.

     

    После првиот бран на дојави за бомби поврзани со летовите, започнуваат серија на дојави, кои се фокусираат кон објектите кои според безбедносните служби се најтешки за евакуација, како што се трговски центри, училишта, факултети, мостови, градинки, градски водоводи и сл.

     

    Ова проширувње ги проширува и опциите за можните мотиви за вакви закани кон про-руски хакери, кои сакаат да испратат предупредување за српските власти како не би се осмелиле да воведат санкции кон Русија.

     

    Првата мета на заканите е Белград, потота се шират низ цела Србија

    Географски, првиот фокус е на Белград, но потоа заканите се прошируват низ цела Србија, односно стигаат и во Крагујевац, Нови Сад, Ниш, Ваљево, Нови Пазар итн.

     

    Поголемиот дел од заканите со лажни бомби стигаат преку и-мејл адреси, но има и закани кои стигаат преку телефонски повици. Заканите кои се преку мејл адреси дојавуваат повеќе локации, тие што се преку телефон пак дојавуваат една конкретна локација.

     

    Заканите кои стигаат на мејл адресите на повеќе локации е речиси невозможно да се проверат во еден ден, на пример на 16 мај биле испратени закани на 173 адреси на училишта, од 258 основни и средни училишта во Белград, што ја прави очигледна целта за обид да се оптоварат сите служби во проверките.

     

    Техниката на праќање на мејловите со закани преку прикривање на реалните IP адреси на испраќачите на мејловите наликува на сите други во регионот, а истите се праќани преку сервисите на Gmail, ProtonMail, Eunet mail, Yandex.

     

    Поголем дел од заканувачите не може да се идентификуваат

    За секоја закана за бомба секогаш мора да се постапува по безбедносен протокол и да се изврши проверка, без разлика дали се претпоставува нејзината веродостојност.

     

    Српското МВР има посебни контрадиверзиони единици, кои детално ги проверуваат заканите без разлика дали тие се масовни или не. Во периодот од 1.01.2022 до 7.07.2022 извршиле 1243 проверки за закани со поставени бомби, бројка која е многу повисока ако се земат предвид масовните закани кои се регистрирани од 7 јуни 2023 до денешен ден.

     

    Околу лажните закани со бомби, властите во Србија имаат процесирани но и осудени прекршители. Српското МВР досега има соопштено дека имаат идентификувано граѓани кои праќале закани со лажни бомби. Воедно, преку размена на информации со Интерпол и Европол, но и со МВР на Шведска, Литванија, Швајцарија, Русија, Унгарија и блиска соработка со компанијата Гугл успеале да идентификуваат личности позади заканите.

     

    За разлика од нив, домашните пријави далеку полесно се лоцираат. Приведено е и лице во Гамбија кое го признало делото, и за кое постои сомнеж дека е потпомогнато од студент во Полска за што се води истрага.

     

    Во домашната арена има и граѓани кои се нарекуваат „имитатори“ и кои праќаат слични или исти закани. Постои еден пријавен случај, во кој лицето кое пратило закана, тоа го направило за бомба во ресторан во кој и самиот бил присутен на свадбена прослава.

     

    На поголемиот дел од заканите по пат на мејл е невозможно да им се воспостави трага, бидејќи доаѓаат од сервери во странство кои се наоѓаат во Швајцарија и Русија. Но, српското МВР има јавно објавена информција дека се утврдени 18 адреси кои се наоѓаат во Полска, Гамбија, Иран, Нигерија, Украина, Словенија, Русија. Меѓу домашните граѓани, пак, кои српското МВР полесно ги лоцира, се наоѓаат и деца од 12 години и пензионери.

     

    Власта и експертите сметаат дека заканите со бомби и хакерските напади се дел од специјална војна

     

    Власта и експертската фела сметаат дека заканите се дел од т.н. специјална војна или психолошка војна. Целта е да се исцрпат и граѓаните и системот и да се доведат во состојба на постојана паника, страв и безднадежност, како и да се предизвикаат финансиски импликации по системот.

     

    Србија не е единствена, вакви случаи има регистрирано и во Хрватска и Црна Гора, кои се земји членки на НАТО. Закани има и во Босна и Херецеговина која исто како и Србија не е земја членка на НАТО, но дури и во Индија, каде се таргетираат посебно аеродромите и железниците.

    Србија не е мета само на лажни закани со бомби. Земјата се справува и со сајбер напади кои таргетираат дата-бази со јавни податоци. Во време на пандемијата со КОВИД-19, со хакерски напад беше нападната базата со здравствени податоци на здравствена институција во Белград, а имаше и хакерски напад врз комуналниот систем во Нови Сад при што хакерите побарале 400.000 евра за ослободување на јавните податоци, кој според новосадските власти се смета за еден од најголемите хакерски напади во Србија.

    Подготви: Истражувачки тим

    Exit mobile version