More

    Кировски: Развивање на добрососедски односи базирани на лаги и манипулации не е можно

    Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ, за ИМА

    Копретседателот на заедничката бугарско-македонска комисија за историски и образовни прашања Ангел Димитров вели дека е изненаден од инерцијата во Македонија со која продолжува политичката снисходливост кон Србија. Димитров изрази и загриженост што не ги гледа „неопходните политички сигнали за некаква промена на политичкото поведение и начинот на кој политичкото раководство во Македонија се однесува кон Бугарија“. Димитров смета дека станува збор за голем проблем, затоа што во Македонија – како што вели – „перманентно продолжуваат нападите врз бугарските културни клубови и одделни личности, и покрај тоа што Софија даде зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ“. Во Македонија недостигаат реализам и самокритичност, порача Димитров.

    Истовремено, од Софија дојдоа и пораки дека европските стандарди налагаат признавање на мултикултурализмот во општествата, барајќи македонската држава да го промени односот кон македонските Бугари, и да ги внесе во Уставот. Зачестените изјави на бугарските историчари и дипломати во кои бараат суштинска промена на климата во односите меѓу Скопје и Софија, како и почитување на правата на македонските Бугари, претставуваат груба манипулација кон бугарската јавност, бидејќи недостига контекстот што навистина ја создава оваа атмосфера.

    Прво, новоотворените бугарски клубови во Битола и Охрид се тенденциозно именувани според контроверзни историски личности кои соработувале со фашистички земји, за кои беше јасно дека ќе ги повредат чувствата на Македонците и ќе ја вознемират македонската јавност. Не станува збор за несреќни именувања на клубовите, ниту е идејата за отварање клубови кои би заживеале и би станале симбол и мост на пријателство, туку за намерни провокации, чија цел е разгорување на антибугарските чувства во Македонија.

    Второ, изминатата недела Бугарската Православна Црква донесе решение со кое ја призна Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, но со навредливи и понижувачки термини како „Православна црква во Северна Македонија“, а Архиепископот Охридски и Македонски како „Архиепископ Северно-Македонски.“ Интенцијата на овој навредлив однос е да се даде до знаење дека БПЦ признава политичка реалност дека постои некаква си нова „Северно-Македонска Православна Црква“ – но нејзе не и се признава континуитетот на Охридската Архиепископија, ниту пак е црква на македонскиот народ, (кој имплицитно исто така се негира), бидејќи не постои Северно-Македонски народ како што се ословува Архиепископот.

    Трето, не е спорно што Софија бара да се почитуваат правата на македонските Бугари, кои нема дилема дека треба да ги уживаат сите права, но лицемерно е и станува збор за грозна манипулација кога одбивате да признаете не само македонско малцинство во Бугарија, туку негирате и постоење на цел еден македонски народ, а барате од тој истиот народ што го негирате во 21-век, да се однесува европски во однос на правата на бугарското малцинство.

    Очигледно е дека не постои добра волја за градење на вистинско пријателство и добрососедство, ниту искрен однос во релациите кои треба да се градат, туку континуирани манипулации, кои им одат во полза на оние што не сакаат да се интегрираат Македонија и Западниот Балкан во ЕУ. Еден угледен член на клубот за македонско-бугарско пријателство последните политички потези и изјави на Софија во однос на Македонија ги протолкува со само една реченица која се кажува – „Говорит Москва“.

    Истовремено, во полемиката која се одвива на релација на интелектуалци меѓу двете земји, постојано се нагласува дека Македонците се изградени врз основа на историски лаги и митови, и дека на луѓето кои се чувствуваат како Македонци, „им е измиен мозокот“. Една од крупните манипулации во оваа полемика е дека е лага оти Бугарија не ги признава македонскиот народ и македонскиот јазик, на која луѓето во Македонија наседнувале. Фактите се поинакви. Јасно е дека станува збор за манипулација и дека имало безброј прилики Софија да покаже дека не го негира постоењето на македонската нација и јазик. Напротив, во секоја прилика се нагласува политиката на негирање на македонизмот од Софија, и во неофицијална, но и во официјална комуникација. Таква беше и официјалната унилатералната изјава на Бугарија кога се согласи да биде прифатен „Францускиот предлог“ со кој се укина ветото, каде што Софија недвосмислено го негираше постоењето на македонскиот јазик и го нарече бугарски дијалект. Такво е и неодамнешното признавање на МПЦ. А конечно, ако Софија навистина нема проблем со признавање на македонскиот јазик, зошто со години не можеше да биде потпишан договорот за добрососедство каде што дипломатите бараа разни решенија за јазикот (согласно Уставите на двете земји) само за да се избегне формулацијата македонски јазик?!

    Развивање на добрососедски односи базирани на лаги и манипулации не е можно. Инсистирањето на „историска вистина“ дека Македонците се Бугари на кои им е измиен мозокот, и непризнавање на фактот дека постои македонска нација со свој јазик и културни атрибути, како и анахроното негирање на правото на една нација на самоопределување, само ќе ги влошува односите. На задоволство на оние политички сили во двете земји кои билдаат политички рејтинзи на националистичка реторика, и на трети земји, чија политика може симплифицирано да се срочи во синтагмата : „Колку се полоши соседските односи на Балканот, толку подобро за нив, и нивните политички цели“.

    Конечно, колку и да изгледаат важни некои политички цели во одреден историски миг, сепак најважно е народите и обичните луѓе да развиваат добри односи. Политиката треба да овозможи јакнење на тие врски, а не да ги кине и да создава омраза. Еден висок бугарски дипломат неодамна кажа дека пред ветото и заострувањето на односите, само 3% од македонските граѓани гледале непријател во Бугарија. Сега тој процент е искачен на 47%, и постојано расте. Дури и да ги земеме податоците на овие истражувања на јавното мнение (  во тие истражувања најважното е да се видат трендовите), со доза на резерва, трендот е јасен, безмалку фрапантен.

    Политиката, на еден или друг начин, ќе најде начин да се постави на вистинскиот колосек, за доброто на двете држави и народи. Но, како да се поправат трајните штети во меѓучовечките односи, кои се жртви на оваа актуелна политика?

    (Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

    Exit mobile version