Последни написи

Се изедначуваат стипендиите за сите студенти и ученици

Пониските стипендии што ги земаат студентите ќе бидат изедначени на повисокиот износ, а изедначување ќе има и кај ученичките стипендии. На студентите и учениците кои од минатата година продолжија да ги земаат старите и пониски стипендии ретроактивно ќе им биде доисплатена разликата, соопштија од Министерството за образование и наука (МОН) за Мета.мк.

Проблемот со стипендиите се актуелизираше минатото лето кога беше најавено покачување на сите студентски стипендии кои дотогаш изнесуваа околу 3.000 или 4.000 денари на 6.050 денари. Кога МОН го објави конкурсот во септември, стана јасно дека повисоките стипендии ќе важат само за студентите што ќе аплицираат почнувајќи од академската 2021/2022 година, додека оние студенти што аплицирале за стипендија во некоја од претходните академски години, ќе продолжат да ги земаат старите и пониски суми.

Реакциите на студентите пламнаа веднаш по објавувањето на конкурсите, а беше покрената и онлајн петиција која собра над 8.000 потписи. Во петицијата студентите бараа зголемените износи да важат за сите студенти, наместо некои да бидат фаворизирани во однос на другите. Во петицијата студентите обвинија дека се врши дискриминација и дека со условите во конкурсите се прави поделба меѓу студентите.

Од МОН тогаш во неколку наврати за Мета.мк рекоа дека корисниците на стипендиите ќе продолжат да ги земаат сумите согласно договорите кои ги имаат потпишано, бидејќи таквите договори биле валидни.

Меѓутоа, за условите според кои државата доделува стипендии, студент и ученик во средно образование упатиле претставки до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). И во двата случаи членовите на КСЗД едногласно утврдиле индиректна дискриминација врз основа на образовен статус и повреда на правото на еднаков третман при користењето на стипендиите во повисок износ, извршено од страна на МОН. Во одлуката на КСЗД пишуваше дека политиката за стипендирање на Министерството, дел од студентите и учениците ги става во понеповолна положба во однос на останатите нивни колеги и соученици.

Согласно своите законски надлежности, Комисијата му препорача на МОН да изготви нова Предлог- програма за измени на Програмата за студентскиот и ученичкиот стандард за изедначување на износот на стипендиите за сите ученици и студенти. КСЗД упатила препорака и до Владата на Република Северна Македонија да го прифати предлогот на МОН за изедначување на стипендиите.

Поради непостапувањето на МОН до неодамна, од КСЗД најавија дека ќе поведат прекршочна постапка против Министерството, која подоцна беше запрена откако МОН прифатило изедначување на стипендиите и чекаше одобрение од Владата.

Неделава неколку собраниски пратеници на своите канали на социјалните мрежи објавија дека бил усвоен нивниот амандман со кој биле обезбедени средства во износ од 370 милиони денари за субвенциониран студентски оброк и за изедначување на вредноста на стипендиите на старите со новите стипендии.

Мета.мк се обрати до МОН со прашање за тоа како ќе бидат искористени овие средства. Од МОН велат дека откако проектираниот износ ќе биде префрлен во нивниот буџет, ќе следи ретроактивна исплата на учениците и студентите кои минатата година земаа пониски стипендии.

„Иницијативата за порамнување на износите на ученичките и студентските стипендии на старите и нови корисници, ја покрена МОН. Планот за истото беше доставен до Владата со цел обезбедување на дополнителни буџетски средства за реализација. Така што, откако ќе биде префрлен проектираниот износ во буџетот на МОН, ќе следи и исплата за учениците и студентите корисници на стипендии, ретроактивно за минатата учебна/студиска година, а потоа и за новата. Покажуваме вистинска грижа кон младите и волја за унапредување на ученичкиот и студентскиот стандард“, велат од МОН.

Ова практично значи дека на студентите и учениците кои беа оштетени минатата учебна година ќе им биде доисплатена разликата меѓу пониските и повисоките стипендии. Според најавата, оштетените студенти и ученици прво ќе добијат исплата на разликата за минатата година, а потоа и за тековната учебна година.

Од најголемата студентска организација, Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) велат дека го поздравувааат овој чекор, затоа што ниту еден студенти не треба да биде дискриминиран по ниту една основа.

„Ваквата иницијатива и барање беа поднесени од страна на УСС УКИМ, со тоа што сметам дека активностите кои ги имавме оваа година, не само по прашање на стипендиите, туку и другите суштински прашања како студентските домови, студентскиот оброк, дигитализацијата и слично, вродија со плод. Кога имаме организација коај се бори за студентите, реално и очекувано е нашите барања со тек на времето да бидат прифатени од страна на инситуциите“, вели Славчо Темелковски, претседател на УСС УКИМ.

Преку ваквата мерка, додава Темелковски, студентите што на некој начин беа дискриминирани во целиот процес веќе нема да бидат дискриминирани, односно иситите правила ќе важат за сите, нешто што треба да биде така во секое поле.

„Ја поздравуваме иницијативата, се надеваме дека самите студенти ќе бидат задоволни од она кое што и самите го бараа и преку нивната онлај петиција и преку нивниот секојдневен апел што го испраќаа до јавноста и институциите“, вели Темелковски.

Инаку, заврши рокот за аплицирање за студентски и ученички стипендии за тековната учебна година. Во моментов МОН ги разгледува апликациите, а студентите и учениците наскоро на „е-услуги“ ќе добијат известување за тоа дали апликациите им се прифатени, по што ќе следи и првата исплата на средствата.

Извор: meta.mk

Latest Posts

Не пропуштај