Последни написи

„Храбрите“ бомбаши им се заканија на најмалите, тоа е чудовишно

Билјана Богдановска

Два месеци се билда психолошката несигурност кај населението со дојавите за поставени бомби, најпрво во средните, а сега и во основните училишта. Под закана беа и неколку трговски центри, станбени згради и Транспортниот центар во Скопје. Закани за поставени бомби, за што предупредување стигнуваа преку електронска пошта, имаше и во неколку градови од внатрешноста, а полициската единица за антитероризам, со детектори и со кучиња проверува илјадници метри квадратни, за на крај да се покаже дека дојавите се лажни.

Но, слаба утеха е завршницата со лажна дојава. Одново и одново, секојдневно, ученици на прагот од адолесценција, но длабоко во пубертет треба да смислат како да се однесуваат, прво за себеси да се смират, а второ за другите да не ги сметаат за слабаци.

Денешните дојави за поставени бомби ги целеа основните училиште. Деца на возраст од неполни седум до четиринаесет години, беа мета на овие бескрупулозни закани со поставени бомби. Залудни беа неколкудневните вежби за евакуација во некои училишта, во услови на пожар или земјотрес. Три дена учениците во одредено време излегуваа од училниците, под водство на своите наставници, во школскиот двор, оставајќи зад себе ранци, прибор, книги, мобилни телефони, јакни и опрема за физичко.

Денешната дојава за бомба, покажа дека децата се премлади и прекревки за да се носат со реална закана. Солзи, паника, неконтролирано врескање и возбудено зборување беше сликата дома, кога децата предвреме се вратија од училиште. Следните денови ќе биде уште потешко. Додека некои од средношколците по евакуација одеа по кафулињата, основците се преплашени, а родителите и наставниците немаат зборови да им објаснат дека се безбедни, за тие тоа да го прифатат.

Дали заканите доаѓаат од странство или од овде не знаеме. Доколку тоа го прави некој однадвор можеби се чувствува дистанциран од општеството. Но доколку тоа се акти на домашни играчи нивните постапки се чудовишни, безмилосни, нехумани и не може да се најде ни грам објаснување зошто се насочени спрема најмалите. Дали се нарекува хибридна војна или некако поинаку, потполно е неважно кога на овие млади души ќе им го накалемиме товарот на помислата дека училиштето повеќе не е безбедна зона. Тие мали херои се оние кои ковид-пандемијата ја носеа на свои раменици. Тие посетуваа онлајн настава, тие први се вратија во училишните клупи со маски под очите, без можност да ѝ го видат лицето на наставничката или да запознаат ново другарче.

Ним ли ќе им ја дозагрозуваме и онака загрозената иднина?

Вакви закани доживеаја и децата од регионот. Од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина. Не сме слушнале за дојави за бомби во другите наши соседни земји, како Бугарија, Грција или Албанија, но тоа не значи дека нема да се случат.

Ниту утеха, ниту решение носат ваквите сознанија. Надлежните признаваат дека се немоќни во оваа психолошка борба која го фрустрира населението, го држи во страв и незивесност, иако вакви закани се случиле во повеќе земји. Никој нема решение и никој не знае кога ќе завршат, а запознаени се високи меѓународни полициски институции.

Белегот останува на душите на најмалите и тие ја плаќаат цената за лудилото на возрасните.

 

(Извор: Независен)

Latest Posts

Не пропуштај