Последни написи

За актерите во рускиот свингерај

пишува: ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

Предизвикувајте континуирани кризни состојби, преземајте активности за доведување на противникот во заблуда и постојано поткопувајте и ослабнувајте ги неговите позициии; Креирајте ситуации и наративи за да го доведете под сомневање интегритетот на лидерите што се ваша цел…, ова се само дел од препораките од „Прирачникот за офицери на советското разузнавање“ со озлогласените „посебни мерки“ (активные мероприятия) за агентите на КГБ од 60-тите години, што прочуениот Василиј Митрокин, пребеганиот дииректор на КГБ, во 1992 година им ги стави на увид на британското разузнавање, а потоа и на светот.

60 години подоцна препораките од прирачникот за агентите на КГБ си остануваат потполно исти, само што овој пат се проширени и надградени со алатките на новата ера како што се дигиталната и мобилната технологија. Со тоа руските техники на специјалната војна сега се комбинација од традиционалните конвенционални и неконвенционални операции преку мрежата за интернет комуникација за масовната офанзива за дејствување со интензивни кампањи за дезинформации, опфатени во изразите – хибридни закани или хибридна војна.

Списанието за европска безбедност и одбранбени прашања „Per Concordiam“ на Центарот Џорџ Маршал пренесува една прилично сеопфатна дефиниција за најновите форми на хибридното војување: „Хибридното војување претпоставува употреба на воени и невоени алатки во интегрирана кампања, дизајнирана да постигне изненадување, да ја искористи иницијативата и да добие психолошки и физички предности со користење на дипломатски средства; со софистицирани и брзи информации, електронски и сајбер операции; прикриени и повремено отворени воени и разузнавачки акции; како и со економски притисок“.

Оваа дефиниција за хибридно војување се разликува од претходните, бидејќи ги нагласува невоените методи на конфликт и, особено, информациската војна која цели на јавната перцепција, како клучна цел на современите конфликти.

Руската информациска војна се обидува да ги замагли границите меѓу вистината и лагата и да создаде алтернативна реалност. Ги искористува постоечките општествени слабости и ранливи точки во целните држави, се обидува да ослабне државните институции и го поткопува легитимитет на демократски избраните влади.

Предупредувачка низа од кризни ситуации

Скопје, главниот град на Северна Македонија, нешто повеќе од две недели е под блокада предизвикана од протестот на приватните превозници и од секојдневните дојави за поставени експлозивни направи во различни државни, главно образовни институции.

Рано и наивно би било да се каже дека на 12 декември заканите со бомби доживејаа кулминација, но на тој ден дојави за поставени бомби беа испорачани до најголем број институции и објекти во Скопје и еден во Кавадарци. Овој пат мејлови за поставени бомби пристиганааа во Министерството за надворешни работи, до Градскиот трговски центар, облакодерите на Џевахир сити, ТЦ Ист Гејт, до неколку средни училишта во Скопје, како и едно основно училиште во Кавадарци.

„Упорните најави за бомби во училиштата имаат веќе јасен профил на хибридна закана со јасна цел за предизвикување на страв и немир меѓу населението, а со тоа и потврдување на тезите на некои политички структури кои се упорни во нивниот обид да ги минимизираат, па и дискредитираат поволностите од членството во НАТО“, укажа новинарот Борјан Јовановски во својата анализа „Македонија е повторно таргет на хибридни закани“.

„Јасниот профил на хибридните закани“, како што ги оценува Јовановски, се „налепија“ на претходните кризни ситуации кои се докажа дека беа неосновани и вештачки креирани како што беа протестите против „францускиот предлог“, на кои им претходеа институционалните кризи заради бугарската блокада, на која ѝ претходеа дезинформациите за пандемијата и тоа во време на жестоката кампања против уставните измени заради членството во НАТО, на која ѝ претходеа кампањите со дезинформации за референдумот за промената на името паралелно со пропагандата против Преспанскиот договор…

Ова низа на кризни ситуации само ја потврдува тезата дека хибридните закани во земјата имаат континуитет за да исполнат една од посебните мерки од прирачникот на КГБ да се генерира и постојано да се потхранува кризна состојба. Да се креираат ситуации и наративи за да се доведат под сомневање општествениот и институционалниот интегритет на државата.

За жал, низ сите овие процеси, се покажа дека дезинформациите, како дел од хибридните закани наоѓаат  податлива средина во Република Северна Македонија, како прилично поларизирано општество, каде што нивото на слободата, на степенот на професионалните стандарди во медиумите и политичка култура, сѐ уште не се на потребното рамниште како последица од периодот на заробената држава и непрекинатата авторитарна пропаганда и контрола за време на владеењето на Никола Груевски.

Впрочем, низата од кризни ситуации има и друга цел: Оваа ситуација никогаш да не се оправи. Токму затоа е неопходна брз и ефикасен одговор на хибридните закани, но претходно да ги запознаеме актерите. Уште еднаш.

Има некоја тајна врска…

Кога станува збор за дезинформациите како алатки на пропагандата во случајот на Северна Македонија, треба да се има предвид обемната студијата на Европскиот парламент објавена во 2021 година во која е изведен заклучок дека „иако говорот на омраза и дезинформациите се земаат во контекст на надворешните закани за функционирањето на владеењето и демократијата, оваа студија покажува дека странските актери не се најистакнатите виновници. Повеќето луѓе, медиуми и организации кои произведуваат говор на омраза и шират дезинформации се внатрешни“.

Веќе е познато дека во таа студија профилот на социјалните мрежи на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски е наведен како извор на дезинформации, позициониран заедно со Миленко Неделковски и Никола Груевски, како повеќе македонски медиуми.

Оттаму се чини дека е логично кога аналитичарите се прашуваат „Дали Ленин Јовановски е врската помеѓу Путин и Мицкоски?“ и како аргументи за поддршка на оваа теза се наведуваат повеќе протести и кампањи на опизицијата, односно на ВМРО-ДПМНЕ, во кои учествува или на друг начин им дава силна поддршка и логистика на овие наастани и процеси.

За ова сведочат и фотографиите што Ленин Јовановски објави за да се види како протестира заедно со Христијан Мицкоски против „Францускиот предлог“.

Ленин и Мицкоски

 

Тесната врска и „однос“ со ВМРО-ДПМНЕ и со Русија, Ленин отворено ја демонстрираше и на 8 јуни оваа година, кога во екот на воената агресија на Русија на Украина ја организираше првата јавна средба (па и журка) на про-руското лоби во ВМРО-ДПМНЕ“ заедно со брат му Зоран. За да ни биде појасно ни дообјаснија што е про-руското лоби во ВМРО-ДПМНЕ: „Тоа е лоби група (внатре во партијата) со цел да ја балансира и усогласува партиската политика со волјата на членството, кое што е предоминантно СЛАВЈАНО-ФИЛСКО и РУСО-ФИЛСКО“.

Оваа објава ја „крунисаа“ со фотографија на која двајцата браќата Ленин и Зоран Јовановски имаат растегнато знаме на ВМРО-ДПМНЕ за да го потврдат руското лоби во ВМРО-ДПМНЕ, коешто, барем досега, Мицкоски не го демантираше.

Ленин со брат му Зоран во Ван Гог со знамето на ВМРО-ДПМНЕ

По руската агресија во Украина, Ленин Јовановски стана ПР лицето за руската пропаганда во Македонија, учествувајќи на повеќе дебатни емисии, во кои ги застапуваше руските пропагандни ставови, кој, како еден од главните промотори на Путин во Македонија, го користи официјалниот речник на Кремљ за војната во Украина како „специјална воена операција“.

На својот Фејсбук профил, Ленин споделува ставови на Путин, руски пропагандни видеа, руски воени авиони, и други руски пропагандни содржини и освен што „Ноќните Волци“ предводени од Ленин Јовановски им дадоа поддршка на протераните руски дипломати, испраќајќи ги до македонско-српската граница, Јовановски се вклучувал отворено неколку пати во партиските кампањи на ВМРО-ДПМНЕ.

Ленин Јовановски беше заштитно лице во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ „Избери дела“ во 2013, ги поддржаа и протестите против „Тиранската платформа“ во 2018, кои исто така беа поттикнувани од Путиновата пропаганда, а во кампањата за Локалните избори 2021, тој беше еден од главните поддржувачи на Данела Арсовска.

Левица, десница, за свингерите е сеедно

За другите „братски врски“ со Русија секако вреди да се спомне средбата на пратениците на Левица на 16 март оваа година со рускиот амбасадор Баздникин, неполн месец по руската воена агресија на Украина.

На таа средба пратеникот Апасиев се оградил од „контроверзните дејствија на македонската дипломатија“, како што пишува во партиското соопштение и потсетил дека „нецивилизираните антируски чекори (на македонската влада, н.з.) воопшто не ја изразуваат волјата на мнозинството македонски граѓани“. Апасиев ги оценил како непотребни санкциите кои Република Македонија, ги воведе кон Руската Федерација и ги осудил „непромислените русофобски изјави на шефот на дипломатијата Бујар Османи“, кои ги оценил како „провокаторски и непријателски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите односи меѓу македонскиот и рускиот народ“.

„Левица“ и Баздникин во македонското собрание, 16 март 2022.

Оваа средба неверојатно се вклопува во калапот на една од препорачаните активности за руско влијание кои вклучуваат поддршка на екстремистички партии, леви или десни сеедно, како што се  Францускиот национален фронт и унгарскиот Јобик, на пример.

Ова секако треба да се гледа и во контекст на депешата врз основа на којашто американскиот Стејт Депратмент оваа година во септември објави дека Русија од 2014 година наваму, тајно потрошила повеќе од 300 милиони долари за да влијае врз политичари и официјални лица во повеќе од дваесетина земји.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на брифинг со новинарите непосредно по објавата на Стејт Департмент потврди дека има сознанија и индиции за руско влијание на политичкиот живот, во земјава преку одредени извори на финансирање.

Регионално многу повеќе деталји за операцијата 300 милиони долари руски пари во регионот објави хрватскиот медиум Јутарњи.хр кој пишува дека во Северна Македонија Русија потроши многу пари и инвестираше многу енергија за да го запре Договорот од Преспа, кој го реши проблемот со името со Грција и го отвори патот за влез во НАТО.

Главните актери на бојкотот против референдумот во 2018 година беа новоформираното движење „Бојкотирам“, „Левица“ и ВМРО-ДПМНЕ, која спроведуваше кампања против референдумот за на крај да ги повика нивните симпатизери да гласаат според сопственото убедување само колку да се додвори пред европските и американските политички лидери.

Ова „итроманско“ однесување на ВМРО-ДПМНЕ „малку со Русија, малку со ЕУ и САД“ кон процесите и реалноста кои беа или сѐ уште се од пресудна важност за Северна Македонија, како и кон околностите на глобален светски политички план, се покажа дека е далеку од еден државнички и одговорен став за сопственото учество во нив.

Личи малку, или малку повеќе на „кајмакот“ на Милчо Манчевски, односно на свингерајска журка „па кому се падне“.

(извор: ЦИВИЛ Медиа)

Latest Posts

Не пропуштај