Последни написи

Промоција на евровизискиот хит „Инсиеме“ на македонски денеска во Скопје

Повеќе од петнаесет познати ѕвезди на музичката и актерската сцена учествуваат во иницијативата на Цивил која носи наслов „Insieme/Заедно“, песната на италијанскиот поп пејач Тото Кутуњо со која тој победи на Евровизија во Загреб, 1990 година, соопштија од оваа организација.

Кристина Арнаудова, Адријан Азири, Тијана Тодевска, Ана Стојановска, Мики Јовановски Џафер, Елена Петреска, Лидија Кочовска, Јована Спасиќ се само дел од македонските ѕвезди кои се одзваа на поканата на Цивил и во рекордно време го преработија овој евергрин на македонски јазик.

Промоцијата на песната „Insieme/Заедно“ ќе се одржи денеска, вторник, 13 декември, во кафе-клубот „Мош“, со почеток во 13 часот.

Со оваа иницијатива, Цивил дава свој придонес кон цврстата и недвосмислена определбата на македонското општество да се приклучи кон големото европско семејство. Време е сите граѓанки и граѓани без оглед на нивната припадност и потекло, сите политички партии, верски заедници, граѓански и политички организации, групи и иницијативи, да се обединат во заедничката цел и стратешката определба на државата – членство во ЕУ.

Песната на Тото Кутуњо е симболичен придонес на Цивил кон промоцијата на европските вредности и поддршката за евроинтеграцискиот процес кој, по долгото чекање, доби конкретен и извесен тек.

Цивил ги повикува сите политички партии во земјата да станат дел од оваа иницијатива, јасно да ги артикулираат своите ставови и дадат конкретен придонес кон македонската иднина во Европската Унија.

„Оваа песна им ја подаруваме на сите граѓанки и граѓани, а политичките партии ги повикуваме да ја прифатат оваа иницијатива како своја и преку неа да ги промовираат своите европски ставови и определби на јавните настани што ќе ги одржуваат во наредниот период. Од денеска напладне, познатиот хит ќе се слуша и на македонски“ – велат од Цивил, во пресрет на промоцијата.

Песната се објавува на видео каналот на Цивил на 13 декември, напладне. Достапна е за преземање од сите заинтересирани медиуми и други општественополитички ентитети под услов да биде употребувана соодветно на целите на Иницијативата за општествено и политичко обединување за европски вредности и интеграција во ЕУ.

(извор: ЦИВИЛ Медиа)

Latest Posts

Не пропуштај