More

    Министерството за труд и социјала добива најмногу пари од Буџетот, во 2023 пензиите ќе се зголемат два пати

    Планот на Министерството за финансии за трошење на парите од државната каса е пред пратениците, а документот кој ги содржи деталите за парите кои државата планира да ги собере, но и да ги потроши во текот на следната година, ќе се разгледува на пленарна седница.

     

    На врвот на листата со најголем буџет е Министерството за финансии – Функции на државата, сектор задолжен за нормално функцонирање на институциите во државата. За него се планирани 1,2 милијарди евра, и тоа се финансии кои ќе бидат искористени за повеќе институции и владини тела. Самото Министерство за финансии добива 23 милиони евра.

    Од Министерствата, убедливо најголем буџет за следната година државата одвојува за Министерството за труд и социјална политика. За ова министерство се планираат над 800 милиони евра, или поточно 868 милиони евра.

    Колку пари добиваат другите министерства

    Меѓу топ три институции со највисоки буџетски средства е и Министерството за образование и наука. МОН согласно податоците во буџетот следната година ќе треба да добие скоро 506 милиони евра.

    Во првите пет институции со повисок буџет е Министерство за транспорт и врски, кое следната година ќе имаат на располагање 324 милиони евра.

    Следни на листата по буџетските средства се Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи. Притоа МО следната година ќе имаат на располагање скоро 277 милиони евра, додека пак МВР ќе добие 205 милиони евра.

    Меѓу институциите кои исто така имаат поголема сума за трошење за следната година е Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој која добива 143 милиони евра за трошење за следната година.

    По нив е Министерството за здравство кое за следната година има скоро 112 милиони евра на располагање.

    Под ставката Финансирање на дејностите од областа на културата, кои се всушност средства кои ќе ги се трошат од страна на Министерството за култура за следната година на располагање имаат скоро 66 милиони евра, и дополнителна помала сума за самото министерство.

    Над 499 милиони евра за ПИОМ

    Буџетот за 2023 година на Министерството за труд и социјална политика изнесува 858,3 милиони евра, од кои 499 милиони евра се наменети за трансфер во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се обезбедува достапност на социјални услуги, како и континуиран раст на пензиите согласно новата методологија за нивно усогласување со трошоците на живот и просечната плата, рече премиерот Димитар Ковачевски на денешната заедничка прес-конференција во Владата со министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

    – Буџетот за 2023 година на Министерството за труд и социјална политика 858,3 милиони евра. Оваа година се соочивме со голем број предизвици и на економски и на енергетски план, но граѓаните се уверија дека јас и министрите во Владата носевме навремени одлуки и реагиравме за да ги намалиме кризните предизвици и за граѓаните и за стопанството. Обезбедуваме стабилност, во ниту еден момент ниту една категорија граѓани не беше запоставена и не беше оставена настрана, туку напротив високо на листата на приоритети ни беа и остануваат материјалните права на ранливите категории на граѓани – самохраните родители, социјалните случаи, лицата со инвалидитет, пензионерите и останатите групи на граѓани, изјави премиерот.

    Ковачевски нагласи дека со буџетот на МТСП за наредната година, се обезбедува достапност на социјални услуги, но и зголемување на материјалните права на пензионерите и на граѓаните кои се дел од системот за социјална заштита.

    – На почетокот на мојот мандат ветив дека како Влада ќе се заложиме да обезбедиме достоинствена старост за нашите пензионери. Тоа и го направивме. Јас се залагам за системски решенија кои даваат резултат на долг рок. Тоа беше и појдовната точка на новата методологија која ја правевме за усогласување на пензиите со што обезбедивме континуиран раст на пензиите, кои што нема да зависат од ничија политичка волја или одлука. Така продолжуваме и во 2023 година. Пензиите ќе бидат повторно зголемени во март 2023 година, истакна Ковачевски.

    Тој најави дека со новата методологија што ја донесе Владата пензиите се усогласуваат два пати годишно, септември и март, и тоа за 50 проценти со трошоците за живот и за 50 проценти со растот на просечната плата.

    – Пензиите ќе бидат зголемени вкупно 16 проценти за една календарска година. Досега веќе од почетокот на мандатот на оваа Влада се зголемени за 10 проценти и тоа за сите 330 000 пензионери. Сето тоа го направивме без да ги зголемиме стапките на пензиски придонеси, односно, без да има дополнително оптоварување на бизнис секторот.

    Финасиска помош за пензионерите

    Најголемиот дел на средствата – 499 милиони евра се трансфер во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување што е дополнителен показател за граѓаните дека го одржуваме стабилен Пензискиот фонд, нагласи Ковачевски. Со економските политики на Владата и успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви во него, додаде тој, е обезбедена редовна и предвремена исплата на пензиите.

    – Со овој буџет, обезбедуваме ублажување на последиците од кризата и ја зачувуваме социјалната сигурност на нашите пензионери со најмали пензии. Директна финансиска помош од 6 000 денари за пензионери кои што земаат од 11.525 денари а воедно и директна финансиска помош од 3000 денари за пензионери од 11.525 денари до 14.000 денари, истакна претседателот на Владата.

    Изградивме, рече тој, и систем на социјална заштита што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат најранливите категории граѓани. Премиерот нагласи дека се обезбедени средства за редовна исплата на правата од социјална и детска заштита и дополнителна финансиска поддршка и претстави нов пакет мерки со кои се обезбедуваат дополнителни средства за повеќе социјални услуги.

    С.Т

    (Извор: CIVILMEDIA)

    Exit mobile version