Последни написи

ВИСТИНОМЕР: Германската амбасадорка не го посочи народот како главен виновник за корупцијата

Холштајн на прес-конференција по предавањето на донирана опрема за МВР зборуваше за корупцијата и потенцираше дека сите треба да научат како се води борбата против корупцијата, вклучително и граѓаните. Никаде во нејзината изјава таа не вели дека граѓаните се најголемиот виновник за корупцијата. Напротив, таа во почетокот на нејзината изјава се осврнува на поглавјето во пристапниот процес кон Европската Унија кој се однесува на владеењето на правото, а тоа поглавје се однесува на институциите, а не на граѓаните

Преку објава на социјалната мрежа Фејсбук, неточно се тврди дека германската амбасадорка во земјава ги обвинила граѓаните дека тие се најголемиот виновник за проблемот со корупцијата. Ова е целосна манипулација на изјавата на амбасадорката.

Во објавата на Фејсбук пишува:

Според Амбасадорката на Германија во Македонија,главен виновник за Корупцијата е Народот на Македонија.Не Давајте,пари на лекар,професорки итн.Бисер до Бисер

Амбасадорката на Германија, Анке Холштајн е една од низата на дипломати во Северна Македонија кои во последните неколку месеци голем фокус ставаат на корупцијата во земјава и потенцираат дека таа е проблем на кој треба активно да се работи.

Холштајн на прес-конференција по предавањето на донирана опрема за МВР, зборуваше за корупцијата и потенцираше дека сите треба да научат како се води борбата против корупцијата, вклучително и граѓаните.

Има многу работи кои треба да се направат, а тоа е случајот со Северна Македонија и тоа го кажа и мојот претседател за време на неговата посета. Во зависност од тоа колку брзо Северна Македонија ќе прави напредок на својот пат кон ЕУ, зависи од тоа колку брзо ќе се спроведат реформите. И сите ние сме сложни дека тоа е особено тешка задача која претстои и тоа не се однесува само на политичарите, туку и на сите луѓе кои треба да сфатат дека кога ќе заминат на лекар, дека не треба да остават некоја банкнота во неговиот мантил, или пак наставничката треба да знае дека не треба да добие подарок од ученикот за 8 Март, за да има подобра оценка. Сите треба да научат и најмалите и најголемите како се води борбата против корупцијата, порача амбасадорката.

Според неа, напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија ќе зависи во голема мера и од успешното сузбивање на корупцијата. Таа ги споменува и реформите, кои ги спроведуваат политичарите и институциите, а не народот.

Никаде во нејзината изјава таа не вели дека граѓаните се најголемиот виновник за корупцијата. Напротив, таа во почетокот на нејзината изјава се осврнува на поглавјето во пристапниот процес кон Европската Унија кој се однесува на владеењето на правото, а тоа поглавје се однесува на институциите, а не на граѓаните.

Холштајн всушност реферира на Поглавје 23 од Методологијата за преговори, кое е поделенo на четири главни и меѓусебно поврзани области: правда, борба против корупцијата, основни права и права на граѓаните на ЕУ. Во однос на борбата против корупција, таму се вели:

Земјите-членки мора ефективно да се борат против корупцијата, бидејќи таа претставува закана за стабилноста на демократските институции и владеењето на правото. Потребна е солидна законска рамка и доверливи институции за поддршка на кохерентна политика за спречување и спречување на корупцијата.

Со изјавата таа сака да истакне дека секој треба да се бори против корупцијата, од политичарите до граѓаните. Сосема е неточно дека таа ги обвинила граѓаните за корупцијата ниту ги посочила, ни помалку ни повеќе, како главниот виновник за корупцијата. Ова е целосно извртување на изјавата на амбасадорката во погрешна и неточна насока.

Ваквото извртување на вистината се прави со цел да се добие погрешен впечаток за амбасадорката, како и за цела меѓународна заедница во нашата држава, која се заложува за  напредокот и спроведувањето на реформите.

Кога ќе прочитаат вакво нешто на социјалните мрежи, корисниците можат да поверуваат дека амбасадорката навистина го смета народот за најголем виновник за проблемот со корупција. Такви се и корисниците кои напишале коментари на оваа објава, бидејќи поверувале во она што е напишано. Но, со два клика на пребарувачот Гугл може да се провери и да се види што навистина кажала амбасадорката.

Поради сите изнесени факти, оваа манипулативна објава ја оценуваме како невистинита.

Извор: vistinomer.mk

Latest Posts

Не пропуштај