Првото судење во најголемата дигитална судница во државата, сместена во Идризово е предвидено да се одржи во среда на 14 декември. Ова во интервјуто за НоваТВ како одговор на прашањето за реформите на пенитенцијарниот систем, го потврди министерот за правда Никола Тупанчески.

Објектот се простира на површина од 1089 м2 со капицитет за 120 лица. Станува збор за најголемата и најопремената судница во Република Северна Македонија со судска сала од 290 м2.

„На 30 ноември 2022 година се стави во функција најголемата дигитална судница во државата во Идризово која е последниот од низата проекти кои ги реализираше Министерството за правда. Изградена е по примерот на судниците во државите со големо искуство во сузбивањето на организираниот криминал. Таа е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена кој меѓудругото содржи и простории за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видеоконференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем“, вели Тупанчески.

Комплексот располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, како и за јавноста која ќе присуствува на овие судења и посебен дел за новинарите.

Од останатите планирани градежни работи како дел од проектот за  „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија”, предвидено е изградба на објектите од Сегмент II Фаза 1 во комплексот КПД Идризово со проценета вредност од  31.884.805 евра.

Затворено одделение со влезен објект за контрола и дел за посети, приемно одделение за сместување на 74 осудени лица, објект за здравствена заштита со стационар за 54 лица, одделение за сместување на 280 осудени лица, специјално одделение за сместување на 68 осудени лица, предната страна на армирано-бетонски ѕид, заштитни жичани огради, улици, патеки, отворени игралишта и шеталишта, внатрешна инфраструктура со партерно уредување и друго.

А. Василевска

(Извор: novatv)