Последни написи

Скопје под блокади, терористички закани и хибридни напади

 

Дали комбинацијата од сообраќајни блокади, терористички закани со дојави за бомби, хакерски напади врз институциите и други напади со дезинформации се дел од хибридната војна на Русија чија цел е да создаде чувство на вознемиреност, страв, револт, хаос, конфузија, меѓуетничка нетрпеливост, недоверба кон властите и дестабилизација на земјата?

 

И лажните дојави за бомби се тероризам

Властите ги третираат и лажните дојави за бомби во Скопје како тероризам. Пред неколку дена малолетник од Скопје доби кривична пријава за кривично дело „тероризам“ поради испратени дојави за поставени лажни бомби во неколку средни училишта. Лажните дојави за бомби во Скопје се случуваат веќе неколку месеци, па можеме да заклучиме дека главниот град е подолго време мета на терористички закани – хибридни напади со дезинформации.

 

Во јавноста не е никаква тајна дека Северна Македонија беше цел на хибридни напади и закани и за време на прифаќањето на „францускиот предлог“. Тоа го потврди и министерот за надворешни работи, Бујар Османи уште на 24.06.2022, а и претседателот Пендаровски на крајот на јули нагласи дека „Русите и преку тие, модерно речени хибридни закани, преку политичката пропаганда прават обиди за влијание“.

 

Хибридни напади против евроатлантските интеграции

И експертите, и претставниците на институциите, укажуваат дека хибридните закани и нападите со дезинформации најчесто се појавуваат кога сме исправени пред сериозни политички одлуки и дека се насочени кон подривање на евроатлантските процеси и интеграции.

 

Според Светлана Сиљјаноска, имавме и случаи кога дезинформациите се прелеваа од социјалните мрежи и на улиците, предизвикувајќи радикализација и насилство:

„Ние забележуваме дека благодарение на тие дезинформации, имаме и чинови кои што се случуваат во јавноста, во реалноста, тие не остануваат само на социјалните мрежи или во медиумите. Тие се префрлаат на улиците. Летоска имавме поттик за радикализација на протест, кој што резултираше со молотови коктели на полицајците“, истакна Сиљјаноска како претставник на владата во гостување во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 на 06.12.2022.

 

Протестите против „францускиот предлог“ се обиде да ги радикализира партијата Левица, чии пратеници остварија средба со рускиот амбасадор Баздникин, по која отворено ги поддржаа руските пропагандни позиции за „специјалната воена операција во Украина“  како „процес на денацификација“, и ги осудија „русофобските изјави“ на властите, како и санкциите против Русија.

За време на летото, јавноста беше изложена на бројни дезинформации, медиумски манипулации и говор на омраза насочен против прифаќањето на преговарачката рамка со ЕУ и почетокот на пристапните преговори (видете „Францускиот предлог“: Говор на омраза, дезинформации, медиумски манипулации (медиумски анализи)).

 

Хибридните напади – проширени и надградени со дојави за бомби

Хибридните напади со дезинформации во Скопје продолжија и есента. Премиерот Ковачевски на 9.11.2022 укажа дека заканите за бомби во средните училишта во Скопје се дел од хибридна војна, која има цел да внесе вознемиреност во државата: „Се води таканаречена хибридна војна каде што преку најразлични методи се прави вознемиреност во државата“, нагласи Ковачевски, укажувајќи и дека неколку наши институции во претходниот период биле под хакерски напади, за справување со кои била добиена поддршка од нашите НАТО партнери.

 

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, по дојавите за бомби во неколку државни институции, на 7.12.2022 изјави дека целта на ваквите хибридни напади била „да се воспостави немир кај граѓаните, да има несигурност, да се влијае на институциите, да се трошат безбедносните служби во државата“.

 

Досега, дојавите за бомби се покажаа како лажни дојави, и истите можат да се третираат како напади со дезинформации. Експертите веќе подолго време укажуваат дека  дезинформациите се закана по државната безбедност: „Не само за Северна Македонија, туку кај сите држави гледаме дејствија на една хибридна војна. Дезинформациите се многу ефикасно средство во оваа војна, затоа што не се трошат технички средства, не користите оружје, ниту муниција, ништо. Со многу помалку финансиски средства постигнувате ефект на дестабилизација на, условно речено, вашиот непријател“, истакна Петрит Сарачини, во гостување на ТВ Алсат на 28 септември 2022.

 

На прашањето како делуваат дезинформациите, Сарачини посочи дека една од целите на хибридните војни е да предизвикаат недоверба во институциите: „Тие најпрво кај населението влеваат недоверба. Недоверба претежно во институциите и системот. Граѓаните добиваат впечаток дека некој ги лаже, и дека тој што ги лаже не е тој што им ја пласира дезинформацијата, туку дека тоа го прави нивната држава“, потенцираше Сарачини.

 

Граѓаните сакаат да знаат што прават овие институции против хибридните закани

Она што предизвикува загриженост, укажа уште тогаш Сарачини, е што граѓаните не гледаат конкретни мерки за спречување на дезинформациите и за справување со нив: „Иако сите овие функционери зборуваат дека имаме напади, ние не гледаме од страна на институциите конкретен потег, или да ни покажат со примери што работат тие во оваа насока, за да не заштитат нас како граѓани од овие хибридни напади. Затоа што тие влијаат на нашата свест, создаваат недоверба во институциите и во системот, поттикнуваат конфронтирање меѓу граѓаниите, поттикнуваат поларизација во општеството. И прашањето е многу легитимно, граѓаните сакаат да знаат што прават овие институции во врска со ова прашање“, нагласи Сарачини во интервјуто за ТВ Алсат.

„Упорните најави за бомби во училиштата имаат веќе јасен профил на хибридна закана со јасна цел за предизвикување на страв и немир меѓу населението, а со тоа и потврдување на тезите на некои политички структури кои се упорни во нивниот обид да ги минимизираат, па и дискредитираат поволностите од членството во НАТО“, укажа новинарот Борјан Јовановски во својата анализа „Македонија е повторно таргет на хибридни закани“.

„За жал актерите на овие хибридни напади очигледно вешто ја користат и слабоста на МВР да ги разоткрие овие структури со што и оваа клучна институција во случајот станува дел од проблемот“, истакна Јовановски.

 

Сообраќајните блокади како рецепт за хаос во Скопје

Ако на неколкумесечните дојави за бомби се додадат и сообраќајните блокади, тогаш се добива појасна слика за причините за хаосот што се создава во Скопје.

 

Сообраќајните блокади во Скопје беа предводени од Ленин Јовановски, кој во јавноста се промовира како личен познаник на Путин и лице на руската пропаганда во Македонија.

 

Јовановски беше заштитно лице и во кампањата на Данела Арсовска за врема на Локалните избори во 2021, за подоцна да стане претседател на Советот за сообраќај на Град Скопје: „Благодарам за укажаната доверба и чест како претседател да раководам со ова експертско советодавно тело на градоначалникот на Град Скопје“, се заблагодари Ленин кога беше избран на функцијата.

 

На 15.07.2022, Ленин Јовановски објави повеќе фотографии како протестира заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски против „Францускиот предлог“, а во 2017 година заедно со моторџиите „Ноќни волци“ учествуваше во национал-шовинистичките протести против таканаречената „Тиранска платформа“. Накусо, сообраќајните блокади во Скопје беа предводени од лице кое е заштитен знак не само на руската пропаганда во Македонија, туку и заштитно лице на ВМРО-ДПМНЕ.

 

ВМРО-ДПМНЕ, пак, не сака да преземе никаква одговорност за блокадите и кризата во Скопје и се обидува да ја префрли вината и одговорноста врз сите други политички актери. За хаосот во Скопје ВМРО-ДПМНЕ најмногу ја обвинува градоначалничката Арсовска, која стана градоначалничка благодарение на политичката поддршка од лидерот Мицкоски и носителот на листа Трајко Славески, кои ја промовираа како успешна менаџерка.

Мицкоски во март 2022 најавуваше мега проекти за Скопје, вклучително и „набавка на нови минимум 100 парчиња на електрични автобуси“ за кои тендерската процедура била во завршна фаза, па дури и ветуваше отворање фабрика за производство на електрични автобуси во која што „ќе се вработат минимум 500 тини луѓе“. Меѓутоа, откако се раскараа и почнаа со меѓусебни обвинувања за тоа кој „брцал со рачињата во медот, ВМРО-ДПМНЕ почна да ја обвинува не само Арсовска,  туку и владејачките партии СДСМ и ДУИ, па дури и Левица. Но, токму ВМРО-ДПМНЕ и Левица пред вториот круг на локалните избори во 2021 објавија дека  обезбедиле мнозинство во Советот на Град Скопје, коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и Левица функционира во повеќе општини каде што ВМРО-ДПМНЕ има градоначалник, а Левица беше и на масата на опозициските лидери кога Христијан Мицкоски во ноември 2021 објави дека има ново парламентарно мнозинство.

 

На потег се институциите кои се мета на хибридни напади

„Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не на раздор”, истакна министерката за одбрана, Славјанка Петровска на  работната вечера на министрите за одбрана на НАТО на која се дискутираше на темата: “Влијанието на Хибридните закани во Западен Балкан“, на 30.06.2022.

 

Како што истакна тогаш Петровска, ефективна стратешка комуникација е клучна во борбата против хибридните закани и безбедносни ризици. Токму затоа, на потег се нападнатите институции. Граѓаните очекуваат  борбата против хибридните закани да се води и со стратешки и транспарентни комуникации и проверливи информации за мерките кои ги преземаат државните институции за одбрана од хибридни напади и напади со дезинформации.

 

Дали комбинацијата од сообраќајни блокади, терористички закани со дојави за бомби, хакерски напади врз институциите и други напади со дезинформации се дел од хибридната војна на Русија чија цел е да создаде чувство на вознемиреност, страв, револт, хаос, конфузија, меѓуетничка нетрпеливост, недоверба кон властите и дестабилизација на земјата?

 

Јасен одговор на ова прашање треба да дадат институциите кои се мета на хибридни напади, терористички закани, хакерски напади и сообраќајни блокади.

 

Политичките изјави дека сме мета на хибридни напади од страна на Русија се потребни, но не и доволни. Граѓаните имаат право да знаат какви конкретни мерки преземаат институциите за да се заштитат од напади со дезинформации, хакерски напади, терористички закани, институционални блокади и други хибридни напади.

Latest Posts

Не пропуштај