More

    Општините мора да покажат поголема проактивност за децентрализацијата на социјалните услуги

    ЗОРАН БОЈАРОВСКИ

    Од вкупно 80 општини во државата и Градот Скопје, со Проектот за децентрализација и за подобрување на социјалните услуги преку Владата, односно  Министерството за труд и социјална политика и Светска Банка, досега се поддржани вкупно 22 проекти во 27 општини во земјата. Согласно потребите на граѓаните најголемиот дел од услугите се наменети за помош и нега на стари лица, дневни центри за стари лица за активно стареење и дневен престој за деца со попреченост, рехабилитација и реинтеграција.

    Министерката за труд и социјална политика за оваа статистика вели дека е уверена дека може повеќе да се направи и дека на општините останува да покажат поголема проактивност за да ја прифатат децентрализацијата на социјалните услуги.

    „Особено е важно општините да покренат сопствени инцијативи за апликација за средства за давање на социјалните услуги, а ние како Влада, која се залага за Едно општество за сите, тука сме за да има дадеме можност општините да обезбедат подобро секојдневие за граѓаните на ниво на цела држава“, вели министерката Тренчевска за ЦивилМедиа.

    Децентрализација за посеопфатни и понепосредни социјални услуги

    Од Министерството за труд и социјална политика велат со поголема иницијатива и ангажман на општините можат да се постигнат значително повеќе успеси во децентрализацијата на социјалните услуги.

    Министерството во јули оваа година го објави вториот јавен повик за доделување грантови за развој на социјални услуги на локално ниво. Условите за учество на јавниот повик беа промовирани пред градоначалници од повеќе општини и други претставници од локалната самоуправа.

    „Со цел за воспоставување и развој на социјалните услуги на локално ниво, Министерството за труд и социјална политика преку „Проектот за подобрување на социјалните услуги“ со вкупен расположлив фонд од 10,8 милиони евра за периодот 2020-2024 година, обезбеден преку заем од Светската банка, очекува да ја зајакне вклученоста на општините во планирањето, развојот и давањето на социјални услуги на локално ниво, преку лиценцирани даватели на услуги“, истакнува министерката за труд и социјална политика Тренчевска.

    Во 2022 година, финансиската поддршка за новите сервиси, обезбедена од страна на Буџетот на МТСП, продолжува со 7 нови договори со здруженија и приватни провајдери за давање на социјални услуги кои опфаќаат лична асистенција, живеење со поддршка, третман и рехабилитација на лица кои имаат проблем со зависности и услугата за стручна помош и поддршка.

    Децентрализацијата на социјалните услуги е само еден од столбовите на кои се изгради новата државна стратегија за социјална заштита. За да бидат реализирани целите поставени со оваа стратегија како што се социјалната правда, грижата за граѓаните во социјален ризик, намалувањето на сиромаштијата и зајакнувањето на човечкиот капитал како основа за севкупниот општествен развој, фокусот е ставен на: Плурализацијата – преку која покрај државата, се овозможува вклучување и на други субјекти во давањето на услугата со што се збогатува понудата; Инклузијата – којашто го менува традиционалниот пасивен, во активен пристап; Деинституционализација – која е еден од главните столбови на Законот за социјална заштита; и Децентрализацијата – со што во процесот на социјални услуги се вклучуваат и општините.

    Социјалните услуги како врвен приоритет

    „Развојот и одржливоста на социјалните услуги е врвен приоритет на Министерството за труд и социјална политика и на Владата. Токму затоа со голема посветеност работевме на развој на модел кои ќе го поттикнат процесот на создавање на поквалитетни социјални услуги кои ќе бидат достапни за што повеќе граѓани. Постигнавме одлични резултати, а сега со обезбедувањето на средства за финансирање од буџетот обезбедуваме и нивна одржливост. Ова е од огромно значење бидејќи една реформа може да е успешна само доколку е поставена на принципите на долгорочност и одржливост. Горди сме што на граѓаните веќе им нудиме услуги кои во голема мерка го подобруваат квалитетот на нивниот живот. Преку развој на социјалните услуги досега се ангажирани 247 негувател(к)и и стручни лица, а предност имаа лицата од социјално ранливи категории, кои добија можност за работа но, и едукација преку стручни обуки. Услугите досега ги користат околу 700 граѓани“, истакнува министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска за ЦивилМедиа.

    Пакетот социјална поддршка, освен со паричните мерки коишто од 2017 година наваму не само што се проширија, туку и се зголемија за дури 300%, се проширува со нови услуги како клучни за живот на сите граѓани кои имаат потреба од нив, а особено за ранливите категории.

    „Согласно програмата за работа на Влада за 2022 година предвидено е зголемување на правото на посебен додаток за 15% за деца со попреченост до 26 години. Со измените направени во Законот за детска заштита е предвидено зголемувањето на посебниот додаток, кој што моментално е во собраниска процедура. Исто така направивме и измени на Законот за социјална заштита каде што е предвидено намалување на возрасната граница за родителите со траен надоместок кој што имаат дете со попреченост и до 26 годишна возраст се грижеле за него, односно не го сместиле во институција, границата им се намалува од 62 на 60 годишна возраст за жени и од 64 на 62 за мажи“, изјави Министерката.

    Министерката Тренчевска истакнува и дека со предвидените измени на Законот за социјална заштита направена е промена на критериумите за личната асистенција каде ќе бидат вклучени и потполно слепите лица како и лицата со комбинирани пречки.

    „Покрај правата од социјална заштита кои што се пасивните парични мерки за лицата со попреченост, многу е важно да работиме на развивање на услуги кои ќе бидат достапни за граѓаните и зголемување на нивниот обем. За нас како Министерство за труд и социјална политика од особена важност е децентрализацијата на социјалните услуги затоа што како Влада нашата визија е сите наши сограѓани да ги имаат сите услуги токму во нивните општини. Континуирано спроведуваме активности со кои ја поддржуваме изработката Локалните социјални планови“, додава Тренчевска.

    Во таа насока Тренчевска ја потенцира и соработката со општините со цел подобрување на социјалните услуги на локално ниво.

    На овој начин не само што се зголемува квалитетот на социјалните услуги, туку и во голема мера го олеснува животот на нашите граѓани непосредно во нивната средина, во местото на живеење. Пристапност на услугата лична асистенција, помош и нега во домот, услугата за грижа на стари лица и услугата за згрижување за децата од предшколска возраст во современи градинки во непосредното со местото на живеење е сигнал за јака локална заедница.

    Децентрализацијата значи преземање на одговорност од страна на сите засегнати страни. Законот за социјална заштита тоа го дозволува – за граѓанските организации и општините. Затоа овој процес е важен и затоа во Министерството за труд и социјална политика велат дека ќе продолжат да инвестираат сѐ со цел квалитетен и среќен живот на сите граѓани.

    Бројот на градинките и состојбата во нив беше очајна, ние изградивме 71 супермодерни градинки

    Покрај овие услуги, во фокусот на социјалната реформа е и подобрување на услугите за згрижување на децата во предучилишна возраст. Во рамките на оваа реформа Министерството за труд и социјална политика од 2017 година до сега успеа да изгради и реновира 71 детска градинка, со што обезбеди згрижување на над 4500 деца од претшколска возраст. Во тек е изградба на уште 11 градинки. Се очекува до крајот на 2023 година да заврши изградбата на 13 нови градинки.

    „Од 2017 година и направената анализа на состојбата во градинките, утврдена е очајна состојба .  Се утврди недостаток на околу 2000 работни места, а најголем дел од тие што работеа во нив, беа вработени со договор на определено време. Сите тие со доаѓањето на оваа Влада, добија решенија на неопределено време. Од 2018 до 2022 година се вработија 2385 лица. Покрај тоа успеавме да обезбедиме зголемување на платите за вработените во градинките за 36%, за разлика од времето кога ВМРО -ДПМНЕ беше на власт, кога платата на вработените во градинките беше зголемена за само 4%“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска на брифингот за темата децентрализација на социјалните услуги за ЦивилМедиа и посочи и дека Министерството за труд и социјална политика има доставено барања за зголемување на бројот на вработени во новите капацитети на градинките.

    Децентрализацијата на социјалните услуги станува атрактивна политичка понуда

    Сеопфатниот пакет социјални услуги и нивната непосредна реализација во надлежност на општините, финансиски поддржан од централната власт, станува атрактивна политичка понуда за единиците на локалната самоуправа. Ова особено станува привлечно за градоначалниците и за партиите што ги „делегираат“, кои на ова гледаат како на можност да ја зголемат довербата кај граѓаните во локалните средини и како добар „кредит“ за уште еден мандат.

    Ако некогаш главната понуда во трката за мандати во општините беа локалната инфраструктура и тоа патиштата, водоводите и канализационите мрежи, сега грижата за добра понуда за социјални услуги станува сѐ поатрактивна и се качува на врвот на интересот кај локалните власти.

    Министерката Тренчевска смета дека тоа е во ред сѐ додека градоначалниците и општините ги зајакнуваат своите капацитети за да бидат успешни во испораката на социјалните услуги за своите сограѓани во локалните средини, доколку граѓаните директно ги чувствуваат благодатите од социјалната реформа, и сѐ додека градоначалниците се отчетни и транспарентни.

    „Моето мото и мојата насока за целокупна работа од почетокот на мојот ангажман е отвореност, транспарентност и како главна цел е задоволството на моите сограѓани. Сакам градоначалниците да бидат свесни за бенефициите кои ги имаат при воспоставување на социјалните услуги во нивните општини. Најпрво ќе ја зајакнеме довербата во институциите затоа што излегувајќи во пресрет на граѓаните излегуваме во пресрет на иднината на државата. Апелирам да ги зајакнат своите капацитети преку своите провајдери. Секоја општина си ја препознава структурата на граѓани којa живее во нивното населено место. Целта е да се препознаат потребите на граѓаните и да се испорача токму она што е потребно“, вели Тренчевска.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version