More

    Кировски: Главната цел мора да бидат точните и проверени информации, довербата и авторитетот – наспроти copy – paste квазиновинарството

    Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ, за ИМА

    Феноменот на лажни вести (и растечката опасност дури и по стабилноста на општествата од нивното брзо ширење), стана особено актуелен последните неколку години, а засилено по растечката популарност на социјалните медиуми и ерата на „post-truth policy“„Fake News“ како појава и термин не е нешто ново, датира уште од 19-иот век, поврзана е со сензационалистичките написи во весниците, но опасностите од лажните вести се мултиплицираа во ерата на дигиталните и пред сè социјалните медиуми, кои доведоа до широка достапност на информациите и вестите, а со самото тоа, и со молскавично ширење на лажните вести.

     

    Истражувачите на актуелните состојби со лажните вести во светот, а и нашиот регион кој е особено ранлив и подложен на напади од странски центри кои вршат злоупотреби со лажни вести за разни видови дестабилизации, имаат направено сериозни и јасни анализи, околу општествениот контекст во post-truth policy ерата, алгоритмите, методологиите, целите и концептите на оние што ги создаваат, зошто е популацијата ранлива и не може веднаш да ги препознае итн.

    Она што мене особено ме загрижува, а пишувам од аспект на долгогодишно искуство како новинар во сериозни медиуми, е ерозијата на квалитетот во традиционалните новинарски редакции, кои со тоа го загубија квалитетот во информирањето, а со тоа и авторитетот и довербата кај публиката. И самите турнати во една итаница по брзи и сензационалистички вести, оставија огромен празен простор за пенетрација на лажните вести.

    Како новинар имав ретка привилегија да работам за еден од највлијателните и најсериозните медиуми – Светскиот сервис на Би Би Си. Во тие деведесетти години на минатиот век, новинарството беше ценета, важна, добро платена и многу сериозна професија. Важеа строги правила за известувањето и високи етички норми, но, Би Би Си, како еден од светските лидери во продукција на квалитетни вести, имаше и посебни правила, и цела една книга од интерни инструкции како треба да работат дописниците и новинарите на Би Би Си. Високите стандарди, теоретски обуки, но и практични тренинзи и сериозен фидбек од самата работа, создаваа еден дрил, кој поставуваше навистина високи стандарди на журнализмот, дури непоимливи за денешните „стандарди“ во новинарството.

    Денеска се повеќе се зборува за потребата од проверка на факти пред веста да биде пуштена во етер, но во тоа време, првото правило на оние што работеа во Newsroom–от на Би Би Си беше дека не може да се емитува вест, колку и да е таа важна и атрактивна, доколку за неа нема потврда од најмалку две сериозни светски агенции (Reuters и France Press) на пример… Ако е веста само на Reuters, таа не смееше да се емитува, ако немаше потврда барем од уште една голема светска агенција. Единствена вест која можеше да се објави од еден извор беше доколку доаѓа изворно од новинар на Би Би Си, затоа што Би Би Си безрезервно веруваше на своите новинари, поради дрилот што мораа да го поминат за да станат известувачи на Би Би Си.

    Едно од правилата кое засекогаш го имам запомнато на тие тренинзи е дека брзината на објавувањето на вестите е секако важна, и природен новинарски порив е први да објавите ексклузивна вест, но дека Би Би Си не мора секогаш да објави прв – ама мора секогаш да биде точен, за кога публиката ќе види, или слушне вест на Би Би Си, да нема никава дилема дека таа информација е точна. Еден од тие инструктори, е мојот пријател Mark Brayne, новинар со огромно искуство, кој пред да стане еден од водечките известувачи на Би Би Си, работеше долги години како дописник на Reuters од Москва. Марк известуваше од бурните студентските демонстрации во Пекинг во 1989 и нивното крваво задушување од кинеската армија, која на крај сепак им пушти тенкови на студентите, што стана познато како масакрот на плоштадот Тиенанмен.

    На плоштадот, меѓу студентите, постојано се ширеа некакви информации за тоа што прави и кои се плановите на политичкото раководство на Кина, за да се справи со протестите кои траеја со месеци. Марк ми кажуваше дека тие информации кои тој ги категоризирал како непотврдени гласини, потоа постојано беа верификувани како точни, и дека отпосле се дознало дека тие гласини всушност намерно ги лиферувало самoто Политбиро на Комунистичката партија на Кина.

    Еден ден, главна информација меѓу студентите на плоштадот била дека се зборува оти лидерот Денг Сијао Пинг поднел оставка. Марк не можел никако да ја провери оваа информација, заради затвореноста (нетранспарентноста) на комунистичкиот естаблишмент и особено неговата сомничавост кон известувачите од западните земји. Заради искуството дека гласините на плоштадот изминатите месеци секогаш се потврдувале како точни, решил да ја соопшти. Информацијата во неговиот извештај за Би Би Си, ја дал со дузина огради – како отслик на амбиентот на плоштадот и дека во суштина се зборува меѓу студентите дека Денг НАВОДНО поднел оставка, и дека нема потврда на таа вест.

    За многу кратко време, главна вест на плоштадот Тиенанмен било дека Денг поднел оставка. Не како гласина, дека наводно поднел, туку како факт. Сите што ги прашал Марк како знаете дека ова е факт му одговориле – па сигурно е – јавија на Би Би Си!

    Денг Сијао Пинг не поднесе оставка, а цената на емитувањето на оваа непроверена информација Марк ја плати со својата новинарска кариера. Таа илустрација на моќта на медиумот, особено таков силен светски медиум со авторитет, и што може да предизвика емитување на непроверена информација прикажана преку сопствено горко искуство на известувачот, засекогаш остана во мојата меморија како една внатрешна тревога, кога ќе сум дознаел битна информација – за која не сум можел докрај да ја проверам, и пропаста на една брилијантна кариера за емитување на непроверна вест. Оттогаш, мојата главна цел во новинарството не беше да дознаам или да објавам прв, туку да ја завршам мојата кариера (веќе 31 година) без да бидам демантиран!

    Во секојдневната суровата борба за гледач или клик повеќе на пазарот, овие принципи во редакциите им изгледаат како тешки олова на нозете додека се обидуваат да истрчаат спринт. Но, што вреди ако трчате брзо, а никогаш не сте стасале до целта?! Зашто главната цел мора да бидат точните и проверени информации, довербата и авторитетот – наспроти copy – paste квазиновинарството, кое прави штета и на самите медиуми и на општествата.

    (Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

    Exit mobile version