More

    Нема докази дека крвта на вакцинираните е небезбедна за трансфузија

    Неосновани се тврдењата дека крвта од вакцинирани лица е небезбедна за трансфузија, односно за некој друг да ја прими. Од Институтот за трансфузиона медицина за Вистиномер велат дека врз основа на Европските водичи за крводарување и Европскиот центар за превенција и контрола на болести, крводарувањето е безбеден процес кај лица кои се вакцинирани или прележале болест ковид-19 по изминување одреден  временски период, кој е објавен на сајтот на Институтот за трансфузиона медицина

     

    Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

    Факт… Има потреба од банки за крв од луѓе кои немаат примено генска терапија … Читам многу случаи, примиле крв од вакцинирани по операција или нешто друго. Компликации, или смрт (утре можам да прикачам сведоштва и видеа).

    Следниот ден на истиот профил не е прикачено никакво сведоштво или видео, но прикачен е следен пост во којшто се објаснува дека невладина организација во Швајцарија основана од Џорџ Дела Пиетра формирале Сејф Блад Донејшн проект зашто сметаат дека вакцините против коронавирусот се злосторство против човештвото бидејќи мРНК од вакцината ја контаминирала крвта и  доколку невакцинираните добијат трансфузија од вакцинирани, наводно ќе бидат оштетени и ќе им се уништи имунолошкиот систем.

    Кога ќе се пристапи до страницата на Сејф Блад Донејшн самите кажуваат дека тие немаат банка за крв, бидејќи легално е невозможно, но дека целта им е да спојуваат донори на крв кои се невакцинирани, со реципиенти (вакцинирани или невакцинирани) кои ќе ја примат крвта во медицинска установа која дозволува пациентите самите да си го изберат донорот!
    Така што, не постои крвна банка со крв која нема мРНК, дури ни кај нас. И иако прашавме стотици клиники во Европа, сите до една од нив, не го дозволуваат човековото право на слободен избор на крв кај нив, или пак, барем не сакаат да бидат споменати, бидејќи се плашат од реперкусии, пишува на страницата на Сејф Блад Донејшн.

    Оттаму додаваат дека потребната инфраструктура одзема многу време и дека се работи на неа. Според страницата Сејф Блад Донејшн има репрезенти во 14 држави од Европа, во САД, Канада, Австралија, Азија и различни африкански држави.

    Во моментот кога ќе имаме доволно медицински партнери (за апликација, собирање и процесирање на крвта) ќе почнеме со медијација. Можете да најдете анонимна база на донори на крв на овој сајт, и да побарате компатибилен донор овде по регион и да побарате медицински партнер, а во листата ги вклучивме сите болници кои ги прашавме да ни бидат партнери, без разлика на тоа дали ни одговорија или не, пишува на страницата на Сејф Блад Донејшн.

    Значи и самата организација признава дека наишла на пречки од страна на медицинската заедница односно од болниците кои ги контактирала, кога побарала да прави разлика меѓу крв на невакцинирани и крв на вакцинирани. Наместо таа селекција базирана на крвта од вакцинирани и невакцинирани, сепак постојат болници кои независно од вакциналниот статус, дозволуваат да го одберете донорот, но не поради вакциналниот статус, туку поради која било причина. Значи, само во такви болници, како и досега ќе може да се врши трансфузија на крв од невакцинирани лица. А организацијата не е никаква банка за крводарување туку медијатор односно платформа на која се собираат листи на луѓе што се невакцинирани и сакаат да донираат.

    Вистиномер се обрати на Институтот за трансфузиона медицина во Скопје, каде прашавме дали постои опасност доколку крв се прими од вакциниран донор. Директорот на Институтот за трансфузиона медицина доктор Садула Усеини, за Вистиномер вели дека врз основа на Европските водичи за крводарување и Европскиот центар за превенција и контрола на болести, крводарувањето е безбеден процес кај лица кои се вакцинирани или прележале ковид-19 болест по изминување одреден временски период кој е објавен на сајтот на Институтот за трансфузиона медицина.

    Според овој сајт ако вакцините се базираат на мРНК технологија, меѓу кои се вакцините на Фајзер, Модерна и КјурВак, се одложува дарувањето за 48 часа по вакцинирањето поради можна појава на локални симптоми на местото на аплицирање на вакцината (болка, црвенило, чешање, оток). Ако вакцинираниот има несакани ефекти од вакцината (замор, главоболка, болки во мускулите, треска, болки во зглобовите, треска, гадење, лимфаденопатија) тогаш дарувањето се одложува 7 дена од прекин на симптомите.

    Ако вакцините се базираат на технологија на аденовирусен вектор, а такви се вакцините на Астра Зенека, Џонсон и Џонсон, Спутник, тогаш одложувањето на дарувањето е 4 недели по вакцинацијата.

    Ако лицата не знаат со која вакцина биле вакцинирани, дарувањето се одлага за 4 недели по вакцинацијата, пишува на веб-страницата на Институтот за трансфузиона медицина.

    Во врска со критериумите за избор на дарители на конвалесцентна плазма после вакцинација против ковид-19 е наведено дека:

    Лица кои примиле вакцина против ковид-19 и немале ковид-19 не можат да даруваат конвалесцентна плазма.

    Лица кои имале ковид-19 и примиле вакцина против ковид-19, можат да даруваат конвалесцентна плазма со валидно задоцнување, во зависност од видот на вакцината.

    Дарителите на конвалесцентна плазма кои во текот на лекувањето од ковид-19 примиле трансфузија на конвалесцентна плазма, мора да ги исполнуваат сите критериуми за дарување на полна крв и тромбоцитен концентрат, вклучувајќи одложување до 6 месеци од датумот на трансфузија (примање на трансфузија на конвалесцентна плазма).

    Проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека неосновани се тврдењата дека крвта од вакцинирани лица е небезбедна за трансфузија, односно за некој друг да ја прими. Според нив, безбедно е да се прими крв од вакцинирано лице. Како мерка на претпазливост од донорите се бара да чекаат некое време после вакцинацијата пред да донираат, за да не се помешаат сајд ефектите од вакцината со пост донациска болест.

    Поради сите горенаведени факти оценуваме дека нема докази дека крвта на вакцинираните е небезбедна за трансфузија, како што паушално се тврди во постот.

    Извор: vistinomer.mk

    Exit mobile version