More

    Косовски аналитичари за „Локално“: Курти ја храни „воденицата“ на Вучиќ, неговиот деструктивен пристап уште повеќе ја помага поделбата

    Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави денеска дека нејзиниот косовки колега Албин Курти ги довел Србите и Албанците „на сам раб на војна“ и најави дека поради тоа Белград е блиску до одлука да побара враќање на своите војници на Косово и Метохија во согласност со со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. Ова следува откако синоќа околу 200 косовски специјалци беа распоредени околу Северна Митровица, а како причина за тој чин беа наведени инцидентите во изминатите два дена. Регионалните медиуми пишуваа дека полициските сили дошле од правец на јужниот дел на градот.

    Дел од косовската јавност и општество со внимателност гледаат на настаните во северниот дел од Митровица. За косовскиот политички аналитичар Леон Духанај, ситуацијата на северот на Косово почна да се деградира со формирањето на ентитетот „Српска листа“, кој е исклучиво контролирана од Вучиќ.

    -Преку овој ентитет на најпогубни начини го контролира и организира распаѓањето на српската заедница на Косово, вели Духанај за „Локално“. Според него, за владата во Србија, косовските Срби служат само како топовско месо.

    -Мнозинството српски граѓани на Косово не се задоволни од ситуацијата, па затоа има малку поддржувачи на Вучиќ. Но, тој успеа преку структурите да сее страв кај граѓаните и да ги држи под своја контрола, потенцира аналитичарот.

    Тој додаде дека Србија со години игра деструктивна улога во процесот на нормализирање на односите, играјќи двојна улога.

    -Од една страна повикува на дијалог, од друга страна на терен го прави спротивното. Премиерот Курти, пак, свесно или несвесно ја храни воденицата на Вучиќ, бидејќи неговиот деструктивен пристап уште повеќе ја помага поделбата. Со инает и внатрешно-политички агенди за власта не може да се постигне напредок. Двете страни го прават тоа и не е во ред, дециден е Духанај.

    Тој во разговорот објаснува и дека процесот на дијалог ќе биде успешен само кога ќе се почитуваат рамки на разговорите дадени од меѓународната заедница и кога ќе се применат целосно донесените одлуки.

    -Тоа се случува, според мене, само доколку САД целосно се вклучат во процесот. Не мислам дека развојот на настаните на северот може да го дестабилизира целиот регион. Не зошто Вучиќ не би направил такво нешто, но мислам дека војниците на НАТО ќе бидат на висина на задачата и нема да дозволат ситуацијата да ескалира, вели Духанај.

    Она што го мисли Вучиќ, посочува косовскиот аналитичар, е да му докаже на светот дека соживотот на Србите на Косово со Албанците е невозможен и да извлече што повеќе од тој дијалог.

    -Во овој контекст, мислам дека политиките на Европската Унија (ЕУ) против проблемот, за жал, сепсата, ја толерираат Србија да ја задржи својата позиција во процесот. Не можете истовремено да наплаќате за интеграција во ЕУ и да се обидувате да го претставите проблемот со непочитувањето во мрежата на Албанците и Србите. На овој начин на однесување победници ќе бидат само властите, додека граѓаните на Косово без разлика на националноста ќе бидат губитници, оценува Духанај.

    Политичкиот аналитичар Фатмор Шеноли за „Локално“ истакнува дека ситуацијата на северот на Косово е тензична веќе подолго време.

    -Косовските институции во соработка со КФОР и ЕУЛЕКС прават се за да ја задржат ситуацијата под контрола. Не верувам дека ситуацијата на северот на Косово може да има импликации за земјите од регионот, ни потенцира аналитичарот.

    Тој објаснува дека косовскиот премиер Албин Курти не е против интересите на официјален Вашингтон.

    -Курти само сака сака да ја прекине борбата против криминалните групи на северот со цел српското население се ослободи од тие српски банди, посочува Шеноли.

    Според него, поделбата на Косово не може да се случи бидејќи сите меѓународни актери јасно кажаа дека нема да дозволат никакви поделби или нешто што не е во согласност со уставот на Косово.

    -Ситуацијата може да се реши со тоа што Американците треба да ја преземат главната улога во дијалогот и на тој начин и експлицитно и имплицитно да ја решат оваа ситуација, која воопшто не е наивна, заклучува аналитичарот од Косово.

    Фото: Курир.рс

    Н.П.

    Извор: lokalno.mk

    Exit mobile version