Последни написи

Јовановски: Македонија е повторно таргет на хибридни закани

Пишува: Борјан Јовановски 

Ќе се изненадев ако Македонија беше исклучок кога станува збор за критичните моменти на евроинтеграциските процеси. По правило речиси во цела источна Европа мафијата, олигарсите и сите други засегнати од европските интеграции и имплементацијата на европските стандарди која доаѓа со пристапниот процес правеа се што беше во нивна моќ, а ја имаа, за да ги спречат овие процеси.

И кај нас ги имаме многумина на кои им одговара да се задржат “правилата “ на лов во матно и кал со кои за време на транзицијата се стекнаа со огромно богатство и моќ на влијание во различни политички структури и институции.

Ние конечно започнавме некој процес на пристапување во ЕУ со скринигот од кој се очекува да се утврди јасната дијагноза на сите наши слабости кои не држат еве 30 години во блатото на транзицијата. Паралелно европските лидери кочено почнаа да испраќаат пораки кои ја обновуваат изгубената надеж во европските интеграции како што се случи во Тирана од каде дојде  веста за отворање на европските фондови за младите кои до сега беа привилегија само за земјите членки на ЕУ. И наместо фокусот да се стави на искористувањето на овие прилики во Скопје расте хаос и тензии кои имаат малку врска со здравиот разум.

Наместо општеството да се фокусира на сериозна јавна дебата за темите и областите кои се европската администрација ги „делка” во Брисел во рамките на скринигот кој е идеална прилика да се издават сите теми, кои властите инаку би ги криеле во нивните фиоки, на површина за да се откријат сите детали за хроничната нефункционалност на законите како и на потенцијалите кои ги нудат програмите и фондовите на ЕУ за студентите и нашите млади кои со право запаѓаат во очај, ние деновиве сме пред нервен слом кој го предизвикуваат блокадите на градот и упорните лажни дојави за бомби кои реално создаваат психоза и чувство на страв и несигурност.

Оваа психоза како да треба да се надоврзе на онаа кој се создава во подгревањето на новиот циклус на тензии во релациите меѓу Белград и Приштина, инаку прва во таа серија која кај нас поминува незабележано со оглед на тоа што овој пат тие тензии на северот од нас ги следиме од позиција на членка на НАТО што овозможува спокојно да се преживуваат тие српско косовски стресови. Упорните најави за бомби во училиштата имаат веќе јасен профил на хибридна закана со јасна цел за предизвикување на став и немир меѓу населението а со тоа и потврдување на тезите на некои политички структури кои се упорни во нивниот обид да ги минимизираат па и дискредитираат поволностите од членството во НАТО.

За жал актерите на овие хибридни напади очигледно вешто ја користат и слабоста на МВР да ги разоткрие овие структури со што и оваа клучна институција во случајот станува дел од проблемот.

Во исто време слабоста на градските власти се користи за мобилизација на “моторџиите” на Путин да го блокираат со денови градот предизвикувајќи нервоза кај граѓаните. Сето ова во една амбиент на сивило,  раскопани улици и прашина логично создава амбиент во кој би требало да кулминира незадоволството на граѓаните во најразлични правци што подалеку од фокусот на можностите да се создадат некакви понормални услови во општеството.

Македонија изгледа уште еднаш по процесот на прифаќањето на Преспанскиот договор кој го овозможи членството во НАТО, е сериозен таргет на хибридни напади чија цел е повторно да се задржи државата вон гравитациската сила на евроатлантските интеграциски процеси.

Овие состојби ги изложуваат на сериозен тест државните институции и власта која за сево ова има голема одговорност да ги заштити граѓаните од последиците на оваа психолошка војна против Македонија чии интереси се далеку од оние на македонското граѓанство.

Извор: novatv.mk

Latest Posts

Не пропуштај