More

    Полиграф: Дезинформација е тврдењето на бугарскиот политичар Костадин Костадинов дека „нема разлика меѓу Македонци и Бугари“

    YouTube player

    Бугарскиот пратеник Костадин Костадинов во Скопје, во изјава за ТВ Алфа, изјави дека „Бугарија и Македонија се две држави со еден народ“ и дека  „нема разлика меѓу Македонци и Бугари“.

    Потоа, во интервју за Бугарската национална Телевизија на 28.11.2022, Костадинов изјави дека „зборуваме еден ист јазик со луѓето во Македонија“: „Сега тие го нарекуваат македонски, но тоа не значи дека ние не се разбираме, и секој еден нормален филолог во светот знае дека тоа е дијалект на бугарскиот јазик“.

    Но, овие тврдења на Костадинов не се вистинити. Прво, не е точно дека „Бугарија и Македонија се две држави со еден народ“. Резултатите од пописите во Северна Македонија и во Бугарија се непобитен доказ дека апсолутно мнозинство граѓани во двете држави не се изјаснуваат како припадници на еден народ, туку на различни народи.

    Во Северна Македонија мал број граѓани се изјаснуваат како Бугари. Затоа, тврдењето на Костадинов за „две држави со еден народ“ – нема фактичка поткрепа.

    Не е вистина ни дека „нема разлика меѓу Македонци и Бугари“. На разлики укажуваат пописните резултати, а и различните одредници за Македонците и Бугарите во Енциклопедијата на етничките групи во Европа од 2011.

    Невистинито е и тврдењето на Костадинов за македонскиот јазик, дека „секој еден нормален филолог во светот знае дека тоа е дијалект на бугарскиот јазик“. Мнозинството светски филолози го признаваат македонскиот јазик како посебен, а не како дијалект на бугарскиот јазик. Македонскиот јазик се изучува како посебен јазик на повеќе светски катедри.

    И ЕУ го признава македонскиот јазик како посебен јазик, на кој веќе се преведува законодавството на ЕУ.

    Освен тоа, потврда дека станува збор за различни литературни јазици се и бројните литературни преводи од бугарски на македонски, и обратно.

    Многу факти укажуваат дека тврдењата на бугарскиот политичар Костадинов се дезинформации.

    Политичарите во двете земји треба да се воздржат од ширење невистини со кои предизвикуваат штета на односите меѓу двете земји и нивните граѓани.

    (Полиграф е емисија заеднички реализирана од Институтот за медиуми и аналитика ИМА и ТВ Алсат).

    Exit mobile version