More

    Костовски: Без срам на дебати се канат лица задолжени за пропаганда

    Кај нас состојбата со дезинформациите и пропагандата е катастрофална. Пропагандата е составен дел од медиумите. Во голема мерка известувањето влијае врз позицијата на политичките партии кај нас, а политичките партии секогаш се борат за власт, а тоа носи многу пари. Пропагандата и новинарството секогаш сум го гледал низ призмата на парите. Во електронските медиуми се вртат повеќе пари отколку во црната металургија, вели Љубомир Костовски, долгогодишен новинар и поранешен член на ад-хок телото за мониторинг на медиумите.

    YouTube player

    Костовски потенцира дека кај нас вестите се прават од еден центар, бидејќи се случува лидер на политичка партија да се појави по 7-8 пати и да дава одговор за различни теми, кои ги кажал на прес конференција одговарајќи на претходно договорени и нарачани прашања.

    Тој вели дека има политички партии кои се плашат од медиумите, но има и такви политичари кои цврсто ги држат во својата прегратка и не ги пуштаат, без разлика дали се во опозиција или на власт.

    „Талевизијата е многу важна полуга на власта, можеби и најважна. Некоја партија тоа го става да им е приоритет. Во дебатите во кои ние учествуваме како новинари гледаме дека ноекои телевизии не се срамат од тоа да донесат на дебата човек што е задолжен за пропаганда, тоа му е неговото работно место. Тоа сметам дека е некоректно. Тие го викаат на дебата портпаролот на една партија, додека тој со себе носи куп материјали, носи два мобилни телефони и тој постојано добива пораки додека трае дебатата. Тоа се посебни елементи со кои се кршат елементарни правила. Ние ги оставаме мобилните телефони во соблекувала за да не ни сметаат, а не да добивате постојано насоки што да зборувате и што да прашувате“, вели Костовски.

    Костовски додава дека малку се зборува за вистината, бидејќи во дебатите се појавуваат познати лица кои шират политичка пропаганда и дезинформации.

    „Сум присуствувал на одредени дебати каде што бев поканет, таквите портпароли прекинувале уште пред да почне снимањето за било каква можност за дебата, тој веќе ги брои луѓето и вели “вие сте донеле тројца што ќе ја напаѓаат политиката на мојата партија, а јас сам треба да ја бранам“. А тој дошол со куп материјали, со постојани конекции и тоа не личи на ништо, и уредништвото постојано го повторува тоа“, нагласи Костовски.

    Тој во интервјуто зборува и за грубите кршења на полтичкото пропагандно рекламирање за време на изборната кампања.

    Соња Танеска
    камера: Самуел Дебус
    монтажа: Ариан Мехмети
    фотографија: Дехран Муратов


    Интервјуто е дел од проектот „Отпорно новинарство во борба против дезинформациите и пропагандата“ кој ЦИВИЛ го спроведува во партнерство со Youth4Media (Y4M), со поддршка од Владата на Северна Рајна-Вестфалија, Дизелдорф, Германија.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version