Светлана Сиљјаноска од Владата на РСМ вчера во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека се повеќе дезинформациите се третираат од безбедносен аспект: „Можеби доаѓаат од надвор, меѓутоа, имаме сериозна амплификација од внатрешните актери. Имаме политички партии кои работат на нивна амплификација. Најчесто се појавуваат кога имаме сериозни евроатлански моменти каде што се носат многу големи одлуки, и секојпат се насочени кон подривање на тие процеси. Така што, безбедносниот аспект сега станува и примарен.“
Според Сиљјаноска, имаме и случаи кога дезинформациите се прелеваат од социјалните мрежи и на улиците, предизвикувајќи радикализација и насилство:
„Ние забележуваме дека благодарение на тие дезинформации, имаме и чинови кои што се случуваат во јавноста, во реалноста, тие не остануваат само на социјалните мрежи или во медиумите. Тие се префрлаат на улиците. Летоска имавме поттик за радикализација на протест, кој што резултираше со молотови коктели на полицајците“, истакна Сиљјаноска во гостувањето во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.