More

    Вистиномер: Новиот клинички центар за три години исцица половина милион евра за дваесетина хонорарци

    Вистиномер го проверуваше секое лице на чија сметка се слеале пари во последните три години од проектната единица за изградба на нов Клинички центар – сумите се движат од 5.500 до 90.000 денари месечно. Што точно работеле овие лица останува нејасно, бидејќи нема никаква најава за изградба на нов клинички центар во Скопје, а не беше направена ниту реконструкција на постојниот, додека пак, во Штип се гради речиси шест години. Сепак, за само три години, некои лица заработиле дури по 50.000 евра

     

    Пишува: Мери Јордановска

     

    Речиси половина милион евра биле исплатени на дваесетина физички лица од потсметка на Министерството за здравство, во периодот од 2020 година ­до октомври годинава, за проект за изградба на нов Клинички центар. Преку апликацијата Отворени финансии, Вистиномер го проверуваше секое лице на чија сметка се слеале пари за оваа намена за овие три години – сумите се движат од 5.500 до 90.000 денари месечно. Што точно работеле овие лица останува нејасно, бидејќи нема никаква најава за изградба на нов клинички центар во Скопје, а не беше направена ниту реконструкција на постојниот, додека пак, во Штип се гради речиси шест години, Сепак, за само три години, некои лица заработиле дури 50.000 евра, со тоа што од оваа потсметка на Министерството – Проект за изградба на нов клинички, им биле исплатувани пари.

    Дополнително, италијанска компанија веќе побарува од Македонија 8,5 милиони евра како казна затоа што не изградила нов Клинички центар во Скопје, а министерот за здравство Беким Сали изјави дека се разгледува можноста сумата да биде значително намалена.

    Како Министерство за здравство сме организирани со правници да ја разгледаме можноста да се намали казната од околу 8,5 милиони евра на италијанската компанија за изградба на новиот Клинички центар. Секако нема да биде таа сума, бидејќи најчесто страната што побарува ги бара сите средства што ги предвиделе во нивните калкулации во однос на раскинување на тој договор. Не секогаш тие средства се исплаќаат од другата страна, во овој случај државата. Таа процедура по сите практики ќе продолжи и најверојатно ќе одиме на арбитража и ќе одземе подолг период и не знаеме кога ќе има краен исход, рече министерот во октомври годинава.

    Но, и покрај ова, 17 лица сè уште добиваат пари од оваа проектна единица на Министерството.

    Исплати се вршени на лица од ПР агенции, архитектонски студија и адвокатски друштва

    Вистиномер веќе пишуваше за долгата приказна која засега нема крај, наречена „нов Клинички центар“. Се најавуваше долго, се најавуваа различни локации, од различни министри, но очигледно само хонорарите останаа перманентни во реализацијата на оваа идеја.

    Според истражувањето на Вистиномер, за последниве три години, при што го проверувавме секое физичко лице на кое му била извршена исплата, пронајдовме 24 лица кои имале исплати од оваа проектна единица. На некои од нив, првично, додека министер за здравство беше Венко Филипче, им биле исплатувани по 90.000 денари, а подоцна, со доаѓањето на Беким Сали, оваа сума е намалена на 50.000 денари. Најчесто биле исплатувани по 50 – 60.000 денари, а има само едно лице кое три години земало по 5.500 денари месечно и тоа е најниската исплатена сума.

    Вкупно, од јануари 2020 до октомври 2022 година, според нашите пресметки, исплатени се вкупно 458.799 евра.

    Што всушност работат овие лица, кога нов Клинички центар нема, се обративме до Министерството за здравство, од каде појаснија дека тие лица се ангажирани и за проектот за изградба на новиот Клинички центар во Штип, но и за монтажните болници додека имаше пандемија со ковид-19, како и за други инфраструктурни објекти.

    Ангажманот на лицата е со Договор на дело, а не со редовен работен однос, што значи дека наведената сума се исплаќа без платени придонеси, како што е случај и со останатите проектни единици кои функционираат во рамки на другите министерства и државни институции. Согласно Владината програма за реформи во здравството и подобрување на условите на работа на јавните здравствени установи како и зголемување на ефикасноста на постојната инфраструктура на здравствените објекти, Министерство за здравство во рамките на својата организациска структура има формирано единица за координација и следење на инфраструктурните проекти во сите сегменти на нивна имплементација, мониторинг и евалуација, изјавија од Министерството за здравство за Вистиномер. 

    Па така, ангажманот на овие лица во горенаведената единица се однесува на работни задачи и специјалности поврзани со проектен менаџмент, градежни работи, архитектура, машински инсталации, електро инсталации, медицинска опрема, управување со медицински и комунален отпад,  финансии, правни работи, јавни набавки, контролор на документи како и административна поддршка на проектните активности.

    Од Министерството велат дека  со договор на дело, со полно работно, време ангажирани се вкупно 17 лица од различни специјалности.

    Сепак, останува нејасно како овие лица работат со полно работно време во Министерството, кога за дел од нив пронајдовме дека имаат свои адвокатски канцеларии, дел од нив имаат свои ПР агенции, архитектонски студија и слично.

    Министрите се менуваа, стабилни останаа само хонорарите

    За тоа кој сè бил и сè уште е ангажиран во Министерството за здравство досега беа објавени имиња на повеќе лица.

    Меѓу позвучните имиња кои ги има на овие „платни списоци“  на Министерството за здравство се личности кои и досега беа спомнувани во медиумите, како што е на пример, Јован Грповскипоранешен советник на ексминистерот Никола Тодоров. Тој првично за ангажманот во оваа проектна едницица добивал по 150 илјади денари месечно, а последниве години по 90.000 денари. Во периодот од 2020 до април 2022 година, кога е последната исплата, на сметката на Грповски легнале речиси 44 илјади евра.

    Министерот Сали потоа го менува Грповски, а на негово место доаѓа Африм Усеини од ДУИ, кој зема по 90.000 денари месечно.

    На оваа листа е и пратеникот на ВМРО-Народна, Љупчо Балкоски, кој по професија е архитект. Тој само во 2020 година, за 7 месеци, заработил 10.300 евра од потсметката на Министерството. Тој веќе не е меѓу ангажираните од страна на министерот Беким Сали.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ го посочи и ексградоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, дека зема по 60.000 денари месечно од Министерството за Клинички центар кој не се гради.

    Редакцијата на Вистиномер одлучи да не ги објавува сите имиња на личностите кои биле ангажирани во оваа проектна единица на Министерството за здравство, освен лицата кои имаат партиски ангажмани, или пак, се активни или поранешни избрани или именувани функционери.

    Како што пишуваше Призма, овие лица биле ангажирани и за изградбата на новата клиничка болница во Штип. Беше земен кредит од 97 милиони евра од Банката за развој на Советот на Европа само за новата клиничка болница во Штип, која се гради веќе шеста година. Кредиторот, според Призма, лани на 5 ноември со писмо го известила министерот Венко Филипче дека се откажуваат да го финансираат проектот, а причината била бавната градба.

    Оттогаш, а со доаѓањето на новиот министер Беким Сали, на некои од овие лица им прекинува работниот однос. Но, не на сите. Како што известија од Министерството за здравство, за тековната 2022 година досега се исплатени вкупно средства во износ од 8.003.720 денари (130.000 евра) за 17 лица. Ова значи дека едно лице за оваа година во просек земало околу 50 илјади денари месечно.

    Оваа проектна единица првично беше формирана во 2017 година од страна на министерот Никола Тодоров, а ја продолжи Арбен Таравари, потоа Венко Филипче и сега, министерот Беким Сали. Првично, проектот предвидуваше изградба на нов клинички блок, нова зграда на лаборатории и адаптација и реконструкција на зградата на хируршките клиники. Објектите на кардиологија, Детска клиника, онкологија, Клиника за инфективни болести, Клиника за гинекологија и Клиника за стоматологија требаше да продолжат да функционираат во своите постојни објекти, со тоа што клиниките за гинекологија, хирургија и онкологија требаше да бидат и физички поврзани со топли ходници со новиот Клинички блок и со зградата на лаборатории.

    Ниту ова не беше исполнето, а стабилни останаа само парите за нови ангажмани на поединци.

    Одливот на овие средства за јавноста би бил разбирлив, па  и оправдан,  доколку граѓаните беа сведоци на реализирани проекти финансирани од буџетот, но и од кредиторите, а сè останато го става под знак прашалник јавниот интерес кога станува збор за капитални проекти, наспроти заработката на поединци.

    Извор: vistinomer.mk

    Exit mobile version