Последни написи

ТИРАНА – САМИТ ЗА НОВА НАДЕЖ ВО ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ

пишува: Борјан Јовановски

Денеска во Тирана треба да светне некое мало светло во тунелот на европската интеграција за Западниот Балкан. Судејќи по симболиката; одржување на ваков еден состанок на највисоко ниво првпат вон ЕУ во земја од регионот, и според декларативноста; обврзување на ЕУ во завршниот документ од Самитот за интензивирање на процесот на проширувањето, може да се каже дека Путин и неговата агресивност сепак го реанимираа комираниот процес на интеграција на земјите од регионот во ЕУ.

Во нацрт заклучоците на денешниот самит во Тирана, во кој имав увид, се вели дека ЕУ се обврзува да го интензивира процесот на проширувањето согласно напредокот во реформите кои секоја од земјите од регионот ќе ги направи одделно. Во еден од параграфите на овие нацрт заклучоци исто така се вели дека интеграцијата на земјите до Западен Балкан ќе се случува постепено во текот на самиот пристапен процес. Во тој контекст може да се очекува интеграција на земјите од регионот во програми кои се сега наменети за земјите членки на ЕУ. Целта на оваа постепена интеграција е пред се да се спречи одливот на млади образовани кадри од регионот кон ЕУ. Па така во заклучоците од Самитот во Тирана се наведува дека во текот на пристапниот процес ќе бидат отворени вратите на програмите како Еразмус плус, Европскиот солидарен корпус и Европската Универзитетска иницијатива.

Од Тирана исто така ќе се објави веста за постепено намалување на цените на роамингот со перспектива за негово укинување. Договор што ќе го потпишат мобилните оператори од ЕУ и оние од Западниот Балкан.

Од Тирана ќе стигне и веста за 1 милијарда евра од ЕУ наменети за ублажување на последиците од енергетската криза како и дополнителни 2,5 милијарди евра наменети за инвестиции во енергетскиот сектор. 500 милини евра ќе бидат наменети за решавање на социјалниот удар од енергетската криза кој го трпат граѓаните и помалите исредни претпријатија.

Една од важните мерки со кои ЕУ ќе му помогне на регионот се и 560 милиони евра кои се наменети преку ИПА 3 за зајакнување на земјоделството и производството на храната.

Една од целите на овој самит е и усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика како и заедничката борба против руската машинерија за дезинформации како главно оружје на Кремљ за зголемување на неговото влијание на Балканот.

Во секој случај од Тирана денеска ќе има добри вести. Надежта дека комираниот процес на проширувањето ќе реагира на оваа терапија е зголемена. Прашањето е дали доколку овој пациент навистина стане на нозе ќе има и работа со оглед на се компликуваните состојби во однос на европските интегарции во земјите како Србија, Црна Гора , Боса и Косово. Во таа смисла Албанија и Македонија, доколку успеат да ја препознаат и искористат оваа шанса имаат големи изгледи да застанат на челото на балканската колона на патот кон Брисел.

Добар дел од земјите членки на ЕУ е искрен во намерите да се забрза балканската рута кон Европа, но ги има и такви со цинична поддршка за овие надежи разбудени во Тирана кои сметаат дека ќе нема кој да ги искористи.

Извор: novatv.mk

Latest Posts

Не пропуштај