Во гостување во емисијата „Студио 10“, на Телевизија 24, претседателот на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, Петрит Сарачини укажа дека поплавата од дезинформации е светски феномен и опасност за демократијата и безбедноста на државата.
„Дезинформациите се ризик, и претставуваат опасност за демократијата, но и за безбедноста на државата кај нас. Гледаме дека било кој важен политички процес да се случува во земјава, е под удар на центри на пропаганда, центри на моќ кои сакаат да го насочат јавното мислење во одредена насока која што им одговара за да остварат некаква своја цел“.
Според Сарачини, земјата е нападната со дезинформации и од надворешни центри на моќ.
„Ние сме како земја нападнати со дезинформации од надворешни центри на моќ, тоа треба да го кажеме отворено и јасно, чија цел е нарушување на стабилноста на државата, и оттргнување на државата од нејзиниот евро-атлански пат и од евро-интеграциите.“
Сарачини укажа дека нема соодветна реакција на ваквите напади со дезинформации: „За жал, не гледаме соодветна реакција ниту на институциите, ниту на медиумската сфера, ниту на општеството, на овие напади. Треба да се отвори еден сеопфатен пристап, целото општество, во сите сфери да работи на ова прашање, почнувајќи од институциите, кои секако дека се најважни…“, истакна тој.
Исто така, Сарачини потсети и на одговорноста на медиумите во борбата против дезинформациите. „Медиумите, исто имаат голема одговорност, затоа што не е доволно борбата против дезинформациите да ја водат одредени организации во граѓанскиот сектор, проверувачи на факти, тоа е добро, но нивното влијание е ограничено и не може да се спореди со влијанието што го имаат мејнстрим медиумите, големите телевизии…“, посочи Сарачини
Сарачини смета дека дезинформациите го загрозуваат и опстанокот на сериозните и професионалните медиуми: „Овие што создаваат дезинформации… го ризикуваат опстанокот на сериозните и професионалните медиуми, затоа што се случува еден светски феномен, а особено е изразен во овие фрагилни демократии како што е нашата, на бегство на публиката од медиумите…“, изјави Сарачини во гостување во емисијата „Студио 10“, на Телевизија 24.
Извор:ima.mk