More

    ПОЛИГРАФ: Кој шири дезинформации дека не се започнати преговорите со ЕУ?

    Освен некои политичари, и некои новинари и аналитичари продолжуваат да шират невистинити тврдења дека Северна Македонија не ги започнала преговорите со ЕУ.

    На 22.11.2022, во емисијата „Што не е јасно?“ на ТВ Алфа,  гостинот Драган Павловиќ Латас изјави дека преговорите на земјата со ЕУ не се ни започнати.

     „Ние немаме преговори со Европска унија ни почнато…“, изјави Латас во емисијата.

    Драган Павловиќ Латас во гостување на „Што не е јасно“ на ТВ Алфа. Фото извор: стопкадар, ТВ Алфа

     

    И аналитичарот Владимир Божиновски, на 10.11.2022 во гостување на ТВ21, за 10 секунди три пати тврдеше дека не сме ги почнале преговорите со ЕУ.

    Ние не сме ги почнале преговорите. Треба да се престанат со тие лаги, не почнавме преговори. Преговорите ќе почнат ако се смени уставот. Значи, не се започнати преговорите.“

    Аналитичарот Владимир Божиновски во гостување на ТВ21, фото извор: Стоп-кадар ТВ21

    Но, три пати повторена невистина не станува вистина.

    Според документите објавени од ЕУ, преговорите за Албанија и Северна Македонија започнаа на 19 јули 2022, а истовремено започна и скринингот, кој е „прв чекор во процесот на пристапните преговори.“

    И претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен при нејзината посета на 26.10. 2022, зборуваше за историскиот ден во јули, кога беа отворени пристапните преговори.

    „Почитуван премиер, како што ветив, веднаш започна на правото на ЕУ. Сега земјата е цврсто на вистинскиот пат и преговарачкиот процес зема замав.“

    Дека скринингот во пристапните преговори со ЕУ продолжува, потврдува и твитот на Европската комисија од 11.11.2022, кој вели: „Вртиме нова страница во скрининг процесот со Северна Македонија, додека ја одржуваме првата билатерална сесија“

    извор: Твитер налог EU NEAR

    И амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир неодамна во интервју за „Културен печат“ потврди дека „…ЕУ ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија…“.

    Интервју со Дејвид Гир, амбасадор на ЕУ во РСМ, извор: Слободен печат

    Оттаму, не е вистина ни дека преговорите не започнале, ниту дека „преговорите ќе почнат ако се смени уставот“.  Уставните измени не се услов за почеток на преговорите од страна на ЕУ, туку услов за довршување на воведната фаза од пристапните преговори.

    Документите и претставниците на ЕУ потврдуваат дека пристапните преговори со Северна Македонија се започнати. Затоа, тврдењата дека земјата нема почнато преговори со ЕУ може да се  оценат како дезинформации.

    (Полиграф е емисија заеднички реализирана од Институтот за медиуми и аналитика ИМА и ТВ Алсат).

    Exit mobile version