Последни написи

Николовски: Не за плата во новинарството под просечната и да за бенефициран стаж и колективни договори

Улогата на ЗНМ во креирање политики што ќе му помогнат на новинарството, состојбата на медиумите и потребите на медиумските работници, потребите и промените во медиумскиот простор, што можат да бидат иницирани од Здружението на новинари на Северна Македонија, беа теми на кои разговаравме со Марјан Николовски, новинар, уредник во ТВ Сител и кандидат за претседател на ЗНМ.

„Печатените медиуми речиси исчезнаа има уште неколку кои жилаво се борат за медиумскиот простор. Интернет просторот си ја презема својата улога на доминантен веќе медиумски сервис за граѓаните и на начинот на којшто  функционира создава прилично нелојална конкуренција. Медиумите имаат сериозни проблеми, особено проблематичен е начинот на финансирањето, па до социо-економскиот статус на новинарите, снимателите, фоторепортерите, сите медиумски работници. Ако не се преземе иницијатива од самата новинарска фела, за наоѓање начин за решавање на некои прашања сѐ полошо и полошо ќе станува во медиумите. Она што мене ме загрижува е што тој процес практично ќе доведе до изумирање на подолг рок на новинарската професија“, вели Николовски оценувајќи ја медиумската состојба во земјата.

Програмата е поделена на три аспекти, структуралноста во функционирањето на ЗНМ, активност и иницијативност – вклученост во процесите е она што Николовски ќе го понуди на медиумските работници преку својата кандидатура за претседател на ЗНМ.

„Јавните кампањи е отворено прашање во медиумите. ЗНМ има став дека ние сме против, но тоа не води кон решение. Јавните кампањи треба да се однесуваат на тоа да ја контролираат Владата  да не ги злоупотреба, а не да ги казнува медиумите. ЗНМ во тој процес треба да биде активен чинител, и дури во тоа тело, предвидено со законот, кое одлучува што е јавна кампања да има свој претставник од експертската јавност и кога ќе се каже дека, да, тоа е јавна кампања што може да се финансира, тоа да се направи транспарентно на сите медиуми, процентуално во зависност од договорот“, вели Николовски.

Николовски смета дека потребен е регистрација на интернет портали наспроти регулација, сметајќи дека на тој начин вистинските интернет портали и медиуми кои професионално се занимаваат со новинарство ќе добијат шанса да бидат дел од законски регулирано кој може да има бенефит од јавните кампањи, политичкото финансирање и сл.

„Сметам и дека треба да се донесе Закон за МИА за да стане вистинска државна агенција за граѓаните и државата, но не и да биде зависна од Владата.  Таа е формирана, се бира, директор, управен, надзорен одбор итн. со одлука на Владата и тоа не е добро за демократијата и за независноста и професионалноста на самата агенција. Мојот став е дека тие треба да се бираат во Собрание, со што поширок легитимитет, па дури и со двотретинско мнозинство“, вели Николовски.

Мора да се работи на социо-економскиот статут на вработените, и да се регулираат три клучни работи: Не-за плата во новинарството под просечната, Да-за бенефициран стаж, Да-за потпишување на колективни договори се накратко програмските цели на Николовски како кандидат за претседател на ЗНМ.

Зборувајќи за регистарот на интернет портали кои се професионални што е програмска цел на Николовски, се постави прашањето што со веќе постојниот Регистар на медиуми на Промедиа.

Николовски смета дека тој лично има сомнеж дали сите се професионални, но најголемиот проблем што тие не се законски регулирани.

За мене поисправно е да има регистриран правен субјект, а оние кои не сакаат да бидат дел од тоа ќе бидат лимитирани да можат да користат државни средства, заклучува Николовски.

Николовски беше член на Македонската асоцијација на новинари. Во оваа прилика изјави дека веќе не е и дека вистинскиот пат за медиумската фела е ЗНМ.

Разговорот го водеше: Биљана Јордановска

камера: Александар Ризински
монтажа: Ариан Мехмети

(Извор: Civil Media)


Latest Posts

Не пропуштај