More

    Мета факт: Градот Скопје доцни со формирањето на Локалниот младински совет

    Одржаната конститутивна седница на Собранието на млади на град Скопје, 30.10.2022 година; Извор на фотографија: Град Скопје

    Скопската градоначалничка Данела Арсовска во својата предизборна кампања „Програма за модерно Скопје“, како едно од ветувањата за младите скопјани, го има ветено формирањето на Собранието на млади на Град Скопје, од кое би произлегло и формирањето на Советот на млади на град Скопје, заедно со основањето на Центар за млади во Скопје. За ова ветување на градоначалничката Арсовска во моментов се работи на негово исполнување, односно неговото исполнување е во тек и го оценуваме како делумно исполнето.

    Како едно од ветувањата за младите, градоначалничката Арсовска пред одржувањето на локалните избори во октомври лани ја објави предизборната „Програма за модерно Скопје“ во која на страница 41 ветува:

    „За да ја осигура комуникацијата и учеството на младите во носењето на одлуките во Градот Скопје, ќе отпочне транспарентна, инклузивна и широка постапка на формирање на Собрание на млади на Град Скопје, од кое ќе произлезе и формирање на Совет на млади на Град Скопје. Истото ќе се предвиди со дополнувања на постоечките одредби од Статутот на Град Скопје кои го предвидуваат формирањето на Центар за млади со стратешки документи, дебатен клуб, обуки за социјално загрозени млади луѓе, преку организирање настани за млади, како отворени денови за млади, кампањи, трибини. Овој центар ќе ги поттикне младите и ќе биде поддршка за да се посветат на образование и континуирано да се информираат“.

    Градот Скопје на 20 јуни 2022 година го објави Јавниот повик за учество на конститутивното Собрание на млади на Град Скопје, како тело во чија надлежност е изборот на членовите на Локалниот младински совет на Град Скопје. На овој повик можеа сите заинтересирани организации да достават свои предлози за учество на конститутивното Собрание на млади на Град Скопје, дoколку ги исполнуваат условите.

    По овој чекор, скопската градоначалничка Данела Арсовска на 12 август 2022 година, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на младите, го потпиша решението за формирање Собрание на млади на Град Скопје, кое се основа за првпат во Градот Скопје, а е во согласност со Законот за младинско учество и младински политики.

    Градоначалничката Арсовска тогаш се сретна со претставниците на Иницијативниот одбор за конституирање Собрание на млади на Град Скопје, коj по спроведениот јавен повик ги избра делегатите на Собранието, во кое членуваат претставници од младински организации, подмладоци на политички партии, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување.

    На 30 октомври 2022 година беше одржана конститутивната седница на Собранието на млади на Град Скопје, на кое се обрати и градоначалничката Данела Арсовска. Собранието на млади на Град Скопје треба да ги избере членовите на Локалниот младински совет на Град Скопје, кои согласно регулативата треба да ги застапуваат интересите на младите и да создаваат политики наменети за младите во Скопје.

    Сепак, за разлика од формираното Собрание на млади на Град Скопје, во соопштението на Град Скопје од 30 октомври не е наведено кога точно ќе се формира Локалниот младински совет на Град Скопје. Мета.мк упати прашања до Градот Скопје за тоа до каде е постапката за формирање на Локалниот младински совет и за тоа кога точно ќе се формира ова тело како еден од механизмите за младинско учество и сервиси за младите. Конкретен временски период за тоа кога ќе биде формиран Локалниот младински совет, исто како и Центарот за млади, не добивме како одговор од Град Скопје.

    „Град Скопје континуирано и посветено работи на подобрувањето на условите за живот на младите во Скопје, а реализацијата на проектот за отворање на Центарот за млади согласно програмата „За модерно Скопје“ е во фаза на реализација, со што дополнително ќе ги поттикне младите лица и ќе биде нивна поддршка да се посветат на своето образование и континуирано да бидат информирани за сите настани и проекти од нивен интерес“, се наведува во одговорот од Град Скопје за Мета.мк.

    Инаку, предизборното ветување од програмата „За модерно Скопје“ на градоначалничката Арсовска, во делот на формирањето на Собранието на млади на град Скопје, Локалниот младински совет и Центарот за млади, е всушност и законска обврска што ја има скопската градска власт со Законот за младинско учество и младински политики, којшто од Собранието на РСМ беше усвоен на 14 јануари 2020 година.

    Мета.мк на 1 октомври годинава објави новинарска сторија, во која се наведува дека општините се незаинтересирани за спроведување на Законот за младинско учество и младински политики, бидејќи само 12 отсто од општините во земјава ги формирале локалните младински совети. За потсетување, овој Закон ги обврза сите општини да ги формираат локалните младински совети до јануари минатата година. Во делот на основањето на младински центри, за чие отворање општините законски имаат на располагање уште две години, досега истите биле отворени во само осум македонски општини.

    Според Мониторинг извештајот за имплементација на Законот за младинско учество  и младински политики на Националниот младински совет на Македонија, Градот Скопје досега не се нашол меѓу општините во земјава во кои е формиран Локален младински совет, односно доцни со спроведување на обврските што ги има со Законот за младинско учество и младински политики.

    Сепак, поради фактот што кон крајот на октомври годинава беше одржана конститутивната седница на Собранието на млади на Град Скопје, кои треба да ги изберат членовите на Локалниот младински совет на Град Скопје и понатаму да се формира Центарот за млади во Скопје, можеме да заклучиме дека исполнувањето на ова ветување на градоначалничката Данела Арсовска, кое воедно е и нејзина законска обврска, е во тек.

     

    ИЗВОРИ:

    Програма за модерно Скопје, проверено на 21.11.2022 година;

    Веб-страница на Град Скопје (30.10.2022 година): За прв пат формирано Собрание на млад на град Скопје, проверено на 21.11.2022 година;

    Веб-страница на Град Скопје (12.8.2022 година): Арсовска: На Меѓународниот ден на младите за првпат се формира Собрание на млади на град Скопје, проверено на 21.11.2022 година;

    Веб-страница на Град Скопје (20.6.2022 година): Објавен Јавен повик за учество на конститутивно Собрание на млади на Град Скопје, проверено на 21.11.2022 година;

    Веб-страница на Национален младински сојуз на Македонија: Мониторинг извештај за имплементација на Законот за младинско учество  и младински политики, проверено на 21.11.2022 година;

    Мета.мк (1.10.2022 година): Младите не им се приоритет на општините – тешко оди спроведувањето на Законот за младинско учество, проверено на 21.11.2022 година;

    Мета.мк (15.1.2020 година): Донесен Законот за младинско учество и политики за поголема вклученост на младите во носењето одлуки, проверено на 21.11.2022 година.

    (Извор: Мета.мк)

    Exit mobile version