Последни написи

Кока: Професионалните стандарди, саморегулацијата и новинарската солидарност ќе бидат на највисоката точка на агендата

Саморегулацијата, откочување на реформите,  финансиската независност и поделеноста на медиумите се дел од заложбите на Филјана Кока, новинарка во МТВ и претендентка за претседателка на Здружението на новинари на Македонија на претстојните избори.

Во интервју за ЦИВИЛ Медиа, Филјана Кока ги адресира актуелните проблеми со кои се соочува медиумската фела, со посочување на Извештајот на европската Комисија за напредокот на земјава, во кој се наведува дека во медиумската сфера се забележува ограничен напредок.

 

Кока ги адресира актуелните проблеми со кои се соочува медиумската фела, со посочување на Извештајот на европската Комисија за напредокот на земјава, во кој се наведува дека во медиумската сфера се забележува ограничен напредок.

Не треба многу да се анализира, доволно е само да се погледне Извештајот за напредокот на земјава, од европската Комисија, каде што е нотирано дека во земјата во состојбите во медиумската сфера се забележува ограничен напредок, и тоа не е бадијала. Затоа што во повеќе сегменти немаме напредок, имаме стагнација, па дури и назадување на некои сегменти од таа сфера. За жал, медиумите се се уште поделени по идеолошка, етничка и политичка основа, што е недозволиво за едно здраво демократско општество. На пример, се уште е многу изразен говорот на омраза, особено во онлајн медиумите каде што има и голем проток на лажни вести, којшто е и најактуелниот проблем. На интернет порталите е истакнато и „копи-пејст новинарството“ на интернет порталите, социјалните мрежи, што го загрозува правото на авторство на колегите, во однос на другите, и се уште етиката, или саморегулацијата , како де не сакаме да ја внесеме во нашиот двор, нашата фела, посочува Кока.

Таа се осврна на реформите, пред се во јавниот сервис, за кои што вели се во длабока стагнација.

„Што се однесува на реформите, ние исто така стагнираме во реформскиот курс, тука е македонската радио телевизија, јавниот сервис, како и смените на програмскиот совет, тие талкаат во место бидејќи не се постигна политички консензус, иако знаеме дека пратениците во многу наврати знаат за прашања од свои интереси да си го постигнат тој консензус. И  во ААВМУ не се направени реформите, што многу ја назадува оваа проблематика во медиумската сфера. Во македонската телевизија требаше да биде определен еден процент од буџетот на земјава за финансиска независност, но таа се уште е некаде околу 0, 59, последна информација којашто ја имам.

Тоа исто така покажува дека можеби елитите се уште сакаат  да го држат јавниот сервис. Програмскиот совет и понатаму не е реизбран, и работи некој со истечен мандат, постапува во некој правен вакуум, и дополнително со финансиските пресметки за кои гледаме дека има интенција уште повеќе да се намалуваат, што не може да придонесе да се реализира стратегијата на јавниот сервис. Во однос на очигледната поделеност на медиумите и однос на враќање на државните реклами во медиумите, иако Здруженијата на новинарите се речиси на исто мислење да не се вратат владините реклами во медиумите, бидејќи се уште се сеќаваме дека тоа во минатото придонесе за медиумски мрак. За земја која се стреми за Европска Унија и која е членка на НАТО, наместо да напредуваат, процесите стагнираат.“, вели Кока.

Во однос на нејзината кандидатура и понатамошно ангажирање што се однесува до работата на ЗНМ, Филјана Кока се осврна на неколку главни мотиви за нејзината работа во текот на евентуалниот мандат. Еден од мотивите и неказнивоста во однос на нападите врз медиумските работници.

Во изминатиот период Здружението не покажа никаква активност, беше како заспано, пасивно, што е недозволиво за Здружението на новинарите, нешто што не се случувало со претходниот состав. Гласно и јасно треба да се адресираат проблемите на новинарите. Новинарите треба да бидат прашани, и тие да ги креираат медиумските политики. Не можете со штури соопштенија  да сензибилизирате одредени прашања. Да речеме, нападнат е медиумски работник на работна задача, и имате едно соопштение во кое се вели „остро реагира“ ЗНМ, знаете, секој во јавноста остро реагира кога ќе види напад врз човек, на тие појави за коишто е нормална осуда. Потребен е посебен и по одговорен притисок на институциите. Години наназад имаме напади, и наместо да се намалуваат, тие се зголемуваат, доаѓаме до бројка од 80 случаи на нападнати колеги. До сега имаме три пресуди, но една од судските пресуди, видовме дека е вратена на апелација на судско разгледување, а судовите се уште не се сензибилизирани да препознаат, исто како органите на прогон, обвинителството, за кои сметам дека не е потребно да не внесуваат во кривичниот законик во одредба, дека напад врз новинар ќе се смета како напад на службено лице, бидејќи и сега постојат одредби коишто се децидни како треба да постапат органите на прогонот, полицијата, обвинителството, во случај кога е нападнат не само новинар, новинарот е обичен граѓанин, но разликата е во тоа дека тој напад е директен напад на слободата на изразување. Пораката е да се замолчуваат новинарите, да се замолчува критиката, да се постигне самоцензура од страна на новинарите…

Треба да се види дека постои казнивост, неказнивоста ги охрабрува напаѓачите да ги повторат делата или други напаѓачи да го сторат тоа бидејќи велат „ние нема да бидеме казнети“. Нападот врз новинари не е одлика на демократско општество. Така, нема влез во Европската Унија и не владаат правилата на демократијата.

Кока вели дека државата не смее да биде главен финансиер во медиумите, бидејќи на тој начин директно се диктира уредувачката политика. Таа посочува дека во светот е познато субвенционирањето медиуми со државни средства, но и дека тоа е трошење пари на квалитетна медиумска содржина.

Во однос на последните превирања и заложби на одредени медиуми да се врати и Владата којашто неодамна го стави на собраниска седница, членот 102, или законот, за да се вратат владините кампањи. Според мене, државата не смее да биде главен финансиер во медиумите, затоа што на тој начин директно ќе ја диктира уредувачката политика. Има основани сомневања, и докажани претходни ситуации дека ќе се случи партизација на медиумите. Таков вид ињектирање финасиски средства може да има во партиски гласила, не во професионални медиуми, вели Кока.

Најбитно во заложбите е да се водиме од саморегулацијата, таа да опстои, да ја ставиме на највисоката точка на агендата новинарската солидарност, да се ангажираме на професионални стандарди и етички норми во нашето работење, бидејќи тоа е единствениот рецепт според кој што можеме да ја завршиме нашата мисија, одговорно да работиме за јавниот интерес, наместо да опслужуваме некои туѓи интереси, порача Кока.

Разговорот го водеше: Дијана Тахири

Камера и фотографија: Александар Ризински

Монтажа: Ариан Мехмети

(Извор: Civil Media)

Latest Posts

Не пропуштај