Последни написи

СКОПЈЕ ВО СООБРАЌАЕН ХАОС

На булеварите во центарот на Скопје од утринава владее целосен сообраќаен хаос. Има голем метеж и застоји, бидејќи крстосницата кај Мавровка е блокирана од протестот на приватните превозници.

Приватните превозници вклучени во јавниот линиски превоз денеска од 7:00 часот со повеќе од 30 автобуси протестираат со целосно блокирање во сите правци на крстосницата кај „Мавровка“, односно булеварот „Гоце Делчев“ и булеварот „Крсте Петков Мисирков“.

Од приватниот градски автобуски превозник „Слобода превоз“ велат дека не е утврдено времетраењето на протестот бидејќи се планира да трае до исполнување на барањата.

Кемал Муриќ од Слобода превоз, рече дека блокадата е резултат од неправилното работење на Јавното сообраќајно претпријатие којашто, како што кажа, дозволи да се натрупа долг во износ од скоро 2 милиона евра кон нив.

– После неуспешниот обид да оствариме средба со градоначалничката, да и ги изнесеме нашите проблеми и нашите аргументи, затоа што сметаме дека беше погрешно информирана, таа не најде за сходно да не прими, истакна Муриќ кој додаде дека потоа не биле примени ниту од страна на ЈСП, изјави Муриќ.

Тој рече дека денеска се принудени да ја блокираат раскрсницата само за една цел, а тоа е да им бидат исплатени заработените средства и да бидат оставени да работат како што работеле до сега.

Прашан за најавата на градоначалничката Арсовска, дека ќе се отвори повик за поединечно аплицирање за приватни автобуски линии, Муриќ одговори дека тоа се прави за разбивање на приватните превозници и тврдеше дека тоа нема да се случи.

Наводите за злоупотреби за непријавени билети, Муриќ ги оцени како невистинити.

– Тоа е само обид за одвлекување на вниманието од состојбата предизвикана директно со нивното неработење во складот на потпишаните договори и натрупување на долг од скоро два милиона евра, рече Муриќ и најави дека ова прашање ќе има судска завршница.

Извор: 24info.mk

Latest Posts

Не пропуштај