Последни написи

ПАРТИСКИ БИЛТЕНИ НА ЛЕВИЦА КАКО БРИФИНЗИ ЗA КРЕИРАЊЕ НА ВЛИЈАНИЕТО НА КИНА ВО ДРЖАВАТА

Во нашата јавност малку е позната работата на Институтот за Централна и Југо-Источна Европа со седиште во Будимпешта кој е основан како огранок на Институтот за европски студии на Универзитетот за општествени науки од Вухан, Народна Република Кина.

Ако ја отворите нивната интернет страница многу лесно ќе дојдете до категоријата „Неделни брифинзи“ во која со прилично динамична фреквенција се објавуваат овие така наречени неделни брифинзи за неколку различни теми за најважните актуелни настани и процеси во земјите од централна и југоисточна Европа.

До тука ништо чудно, ќе речете, но ако го отворите последниот неделен брифинг за Северна Македонија „Macedonian foreign policy in convergence with the EU and divergence with its people“, веќе самиот наслов (Македонската надворешна политика во согласност со ЕУ, но спротивна на народот“) почнува да ги дразни сетилата за објективност, избалансираност и да ги алармира одбранбените механизми за препознавање на дезинформации и за препознавање на злонамерни интерпретации.

Во сумарумот на овој брифинг објавен на 9 ноември оваа година пишува:

„Во текот на 2022 година, надворешно-политичките одлуки, изјави и дејствија преземени од македонските државни и владини претставници беа реплика на позициите преземени од НАТО и ЕУ за различни важни геополитички случувања. Ситуацијата остана непроменета во раните есенски месеци. Оваа состојба на работите претставуваа продолжување на надворешната политика од претходните години, кога евро-атлантските наративи за регионалните и глобалните настани беа некритички усвоени и поддржани од страна државниот врв. Како одговор на конфликтот во Украина беа преземени неколку акции коишто не само што ја демонстрираат потчинетоста на политичките елити, туку и ги поткопаа економските и безбедносните интереси на земјата и ја зголемија нејзината зависност, особено во енергетскиот сектор. Оваа линија во надворешната политика придонесе за проширување на големиот јаз меѓу Владата и граѓаните, кои сè повеќе се гледаат себеси како жртва на политиките што не ги поддржуваат“.

Во овие пет реченици има исто толку невистини или злонамерни интерпретации, што се апсолутно спротивни на стратешките политики на замјата за кои има апсолутна политичка определба уште од независноста на земјата, и тоа воопшто не е променето до сега.

Оценката дека „евро-атлантските наративи за регионалните и глобалните настани беа некритички усвоени и поддржани од страна државниот врв“ е навистина смешна.

Авторката на овој брифинг изгледа ги преспала настаните од независноста до денеска како оној кога во 1993 година Собранието на Република Македонија ја усвои Резолуција за надворешно политичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во ЕУ.

Со членството во НАТО и со почетокот на преговорите за членство во ЕУ, стануваат апсурдни констатациите дека политичката елита „демонстрира потчинетост“, што е, всушност, само крајно злонамерно толкување на целосната усогласеност на политиките на земјата со оние на нашите сојузници во ЕУ и НАТО и со останатиот прогресивен дел од светот во осудата на воената агресија на Русија на Украина.

Освен злонамерни интерпретации, на кинеската јавност, врз основа на неточни информации, ѝ се сервираат заклучоци кои немаат никаква реална основа како што е „констатацијата“ дека оваа „надворешна политика придонесе за проширување на големиот јаз меѓу Владата и населението, кое сè повеќе се гледаше себеси како жртва на политиките што не ги поддржува“.

Во истражувањето на јавното мислење „30 години надворешна политика“ на Фондацијата „Конрад Аденауер“ (sic!) објавено минатиот месец, 50,4 отсто од испитаниците сметаат дека руската воена агресија врз Украина е неоправдана и неприфатлива. Ова мислење на македонските граѓани е многу слично со мислењето граѓаните на другите држави членки на ЕУ и на НАТО, каде што 57 проценти од испитаниците во европските држави изјавиле дека се задоволни од одговорот на Унијата во однос на руската агресија врз Украина.

За поддршката на НАТО нема што да се зборува, ама и поддршката за членство во ЕУ, и покрај блокадите во процесот, останува уште многу висока: 68% од населението ја поддржува идејата за членство во ЕУ, и тоа воопшто не е во спротивност со желбата на граѓаните како што малициозно наведува неделниот билтен на кинескиот Институт за Централна и југоисточна Европа.

Партиски насоки за влијанија на трета страна во земјата

Од друга страна, за да се оправда оваа квази теза, дека во „надворешната политика има голем јаз меѓу Владата и населението, кое се гледа себеси како жртва на политиките што не ги поддржува“, речиси цела половина од билтенот е исполнета со ставови, изјави и со делови програмските политики на Левица. Со тоа само по себе се наметнува дека овој неделен брифинг за надворешната политика на Северна Македонија се претвора во партиски билтен на оваа партија, што, секако, може да послужи како основа за насоките за влијанието на НР Кина во Северна Македонија, иако таа е застапена само со 2 пратеници кои се единствената анти-НАТО формација во Собранието, во кое сите останати 118 се претставници на партии коишто ја поддржуваат Северно-атлантската алијанса.

Неоснованото и апсурдно инсистирање дека политиките на Левица се алтернатива и определба на мнозинството граѓани станува јасно ако се знае дека во изборната програма на Левица од последните парламентарни избори во 2020 година партијата се определи за „итно „отчленување од НАТО“ и поништување на Преспанскиот договор, и се наведува дека партијата се залага за „издигнување на билатералните односи со НР Кина на ниво на стратешко партнерство (соработка во рамки на ‘Иницијатива 17+1’ со земјите од Централна и Југо-источна Европа + поддршка на иницијативата ‘Појас и Пат’), со фокус на инфраструктурно поврзување“.

Доминацијата на политиките на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ во овие брифинзи, како крајно неизбалансирана позиција во однос на владеачките, официјални политики на земјата, не се присутни само во овој неделен брифинг. Вордингот и преовладувачкиите наративи на Левица ги наоѓаме во брифингот под наслов „Macedonian President amongst nine other CEEC Presidents who accept Ukraine’s request for NATO membership“ (Македонскиот претседател меѓу деветте претседатели на зземјите од ЦЈИЕ што го прифатија барањето на Украина за членство во НАТО“).

Авторката за овој брифинг за НР Кина заклучува дека тоа „не било изненадување за македонската јавност“, бидејќи политичките лидери во земјата се „гротескни марионети, чија единствена улога е да ги следат упатствата што им ги даваат нивните марионетски мајстори во Брисел или Вашингтон“ и дека „честопати преземаат чекори што ги надминуваат барањата на нивните господари“, како „комичен феномен што ја одразува и манифестацијата на евроатлантскиот екстремизам, како нуспроизвод на интернализацијата на идеологијата на НАТО“.

Овој „левичарски“ наратив во неделниот брифинг доаѓа како заклучок веднаш после пасусот во кој Левица го критикува државниот врв за донацијата на воена опрема на Украина.

Како завршница, за да биде појасно, брифинзите на Институтот за централна и југоисточна Европа се фокусирани на темите меѓународни односи, економија и политика и општество, со што целосно се совпаѓаат со утврдените интереси за влијание на НР Кина препознаени како стратешки (меѓународните односи), економски и идеолошки (политика и општество), констатирани во студијата „Chinese Influence in North Macedonia“ (Кинеското влијание во Северна Македонија) на Центарот за анализи на европските политики (Center for European Policy Analysis).

За да биде уште појасно каде завршуваат овие брифинзи, треба да се има предвид дека директор на Институтот за централна и југоисточна Европа, којшто е нарачател на овие „неделници“, е Фенг Жонгпинг, кој претходно бил заменик претседател на Кинескиот инстиитут за современи меѓународни односи (CICIR), односно на 11-тото биро на Министерството за државна безбедност под директен надзор на Централниот комитет на Кинеската комунистичка партија.

Извор: civilmedia.mk

Latest Posts

Не пропуштај