More

    Кировски: Ароганцијата на државните функционери во односот со новинарите, а со самото тоа и македонската јавност, станува општествена парадигма

    Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

    Ароганцијата на државните функционери во односот со новинарите, а со самото тоа и македонската јавност, станува општествена парадигма. Владата, како што е очигледно, многу помалку се грижи за односот на нејзините функционери кон јавноста, а со тоа и за сопствениот имиџ, а сосема е преокупирана со односите внатре во владината коалиција. За мир во куќа, кој не го загрозува опстанокот на оваа влада, се добива впечаток дека коалициските партнери имаат бланко карта да именуваат функционери од редовите на сопствените партии во јавни претпријатија без никаков мерит систем и консултации со владата, ниту пак владата може да разреши некој од тие функционери во ситуација кога ја резилат владата на отворена сцена. Затоа се случи директорот на топланата Скопје-Север Куштрим Рамадани вербално да ја нападне новинарката на МКД.МК Катерина Додевска, со крајно недоличен вокабулар и тешки пцости, на прашања од новинарката кои се сосема легитимни и од интерес на јавноста. Владата наместо експресно да го смени сопствениот функционер, чека скандалот да биде заборавен, но во меѓувреме оставка од Рамадани побараа и Советот за Етика на Медиумите и Здружението на Новинари на Македонија.

    Поранешниот министер за правда Аднан Јашари побара од новинарката на Фокус Фросина Факова Серафиновиќ да го повлече текстот, во кој таа објави службено соопштение на министерството за правда во кое се наведува дека тој го потпишал документот за положен правосуден испит на Барлет Џафери – инаку син на претседателот на Собранието Талат Џафери, иако тој немал завршено факултет. Наместо да демантира, како што му било побарано, Јашари барал текстот во медиумот да биде повлечен, небаре е главен уредник „Фокус“.

    Дополнително разочарување за јавноста беше ставот на Државната комисија за спречување на корупција која соопшти дека не може да отвори предмет за овој случај бидејќи ја немало документацијата од министерството за правда. Со други зборови, ако ДКСК побара да отвори предмет за некој висок функционер на власта, доволно е надлежното министерство да не им достави документација со образложение дека се загубила, и да не се отвори предмет!

    Во недостиг на општествена одговорност, и барем елементарна пристојност, новинарите залудно истражуваат корупција, неправилност во работењето на институциите, и криминал, кога ниту правосудните органи и надлежните институции преземаат дејства во врска со вакви наводи, ниту пак медиумите и јавноста можат да извршат притисок за корекција на одредена девијација или разрешување на некој функционер. Едноставно, се нема потребна доза на срам, учтивост, и елементарен фер-плеј во политиката. Македонското политичко милје е претворено во отворен пазар целосно имун на скандалите кои ги предизвикува, а решението кое итрите политички елити молкома го потклаваат е во изјави дека владата промптно ќе реагира- без никаква реакција се разбира, и во заборавот на веќе пренатрупаните скандали за кои е навистина заморно да се води евиденција, поклопени  веќе следниот ден со некои посвежи и уште посочни.

    Шокирани од партиските пазари и именувања функционери без никаков критериум освен лојалност кон партиските книшки, амбасадорите на нашите стратегиски сојуници САД и ЕУ со нетипичен дипломатски вокабулар почнаа отворено да ја критикуваат власта, особено потезите во судството. Американската амбасадорка Анџела Агелер изјави дека „е збунувачки процесот“ за избор на јавен обвинител по милионите долари помош кои Американците и Европјаните ги истурија за зајакнување на обвинителството. Критиката беше јасно упатена кон изборот на Ислам Абази и неговата блискост со ДУИ. Амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир во интервју за Агенда 365 изрази разочараност од прогресот во владеењето на правото, а за изборот на новиот шеф на Јавното обвинителство изрази силна загриженост. Речиси е неверојатно по вакви силни шлаканици од нашите клучни меѓународни партнери властите да си тераат и натаму, како ништо да не се случило.

    Но, ако власта не покажува доволно чувство на одговорност и засраменост од отвореното фаворизирање кадри на кои партиската подобност им е единствената квалификација за извршување на функциите за кои се назначени, мислам дека новинарскиот еснаф треба да изврши поголем притисок. Мора да се заштитат колегите од притисок и ароганцијата на партиските војници кои зазеле фотелји и се чувствуваат недопирливи. Синдикатот и ЗНМ во соработка со најголемите медиуми треба да се договорат да ги бојкотираат известувањата од владата се додека не се расветлат случаите за недолично однесување и притисок врз новинарите, а не само да издаваат соопштенија во кои бараат оставки и извинувања. Само тоа е ефектен притисок врз нашите политичари – ако ги снема од телевизиските екрани и известувањата на порталите и весниците. Мора да се дејствува активно и со зголемен притисок, ако се сака некаков ефект. Во спротивно, ароганцијата на политичките елити, кои се чувствуваат недопирливи заради заштитата во сопствените партии, само ќе расте, а новинарите се повеќе ќе стануваат предмет на закани и пцости.

    (Авторот е долгогодишен новинар и уредник, колумната „Бојкот на ароганцијата“ е објавена од Институтот за медиуми и аналитика – ИМА) 

    Exit mobile version