More

    СТАРА КАМПАЊА НА МИЦОТАКИС ЗА „ГОЛЕМА МАКЕДОНИЈА“ ПРЕПАКУВАНА КАКО НОВА

    Дел од македонските медиуми спинуваат со (ре)објавување на стара содржина од 2019 година кога премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис, ја најави кампањата на неговата земја насловена како „Голема Македонија“.

    Порталот МКД.мк објави дека во видео спотот објавен на неговиот официјален твитер-профил, Мицотакис се повикува на славното минато и на македонските производи произведени на македонската земја.

    „Новиот белег што ќе ги придружува македонските производи ширум светот им дава единствен идентитет на производите произведени на македонската земја. Идентитет кој се однесува на славното минато и го отвора патот за подобра иднина“, напиша Мицотакис.

    Спинот на порталот е што не објавиле кога започна кампањата и кога го кажа тоа Мицотакис, односно дека објавата на Твитер е од 14 ноември 2019, а не од 23 ноември 2022 година, како што е објавено денеска.

    Ваквиот спин предизвика низа на негативни коментари против актуелната власт.

    Спинот продолжува и во денешниот текст на иста тема објавен во Нова Македонија со наслов – Што значи кога Грција активира кампања наречена „Македонија Велика“, авторката меѓу другото пишува: „Некако незабележано од македонската јавност, која е главно преокупирана со „европските“ предизвици што ѝ ги поставува Бугарија на Македонија, почнаа да истекуваат роковите за некои обврски преземени со Преспанскиот договор“…

    Инаку во 2019 година потегот на грчкиот премиер Мицотакис наиде на критики и во Грција и во Северна Македонија.

    Новинарот Зоран Иванов во колумната „Македонија е голема, ама тој испадна мал“ објавена на ЦИВИЛ Медиа, на 17 ноември 2019 година, пишува: „Наместо во овој дваесет и први век да се прикаже како модерен европски политичар, како некој последен балкански романтичар запна на милениумското минато. Исто како и во неговото предизборие и сега се возбудува на Александар, на антиката, на Македонија, на потеклото на видовите. Како тргнал со форсирањето на Македонија, ќе ѝ го заборави името на државата чиј премиер е“.

    Извор: civilmedia.mk

    Exit mobile version