More

    Дали имаме образована елита со цврста посветеност на либералните вредности?

    Пишува: МИРЈАНА МАЛЕСКА

    Најновото истражување на јавното мислење на МКД.мк спроведено телефонски на репрезентативен примерок, ме наведе да кажам нешто за значењето на анкетите во поширок контекст  на политичката култура, човековите права и демократската стабилност. Не заради резултатите од анкетата, туку заради ограничените можности на овој метод.

    Сум учествувала во повеќе анкети на еден научен институт, во време кога истражувачите одеа од врата до врата. Предност на овој пристап, во однос на телефонската анкета е во нивото на довербата што се воспоставува меѓу оној што прашува и оној што одговара. На граѓаните им дававме можност да му одговараат на анкетарот, или сами да го пополнат анкетниот лист и да го вратат по пошта, обезбедувајќи ја до крај својата анонимност. Тоа не значи дека овој метод нема недостатоци, но тие се помали во однос на денешните, претежно телефонски анкети. Замислете ситуација во која, среде работа, ви ѕвони телефон и гласот од другата страна на жицата ви бара да се изјасните за која политичка партија ќе гласате, во кои институции имате или немате доверба, на кој политичар му давате предност, итн. Ако политичката ситуација е натопена со недоверба, ако власта и опозицијата се пресметуваат поминувајќи ги границите на вообичаеното несогласување, ако на порталите и социјалните мрежи се шират дезинформации и говор на омраза, ако знаете за претходни афери на прислушување и не сте сигурни во анонимноста на анкетата, како ќе одговорите? Познато е дека грѓаните во такви и слични околности, одговараат како што мислат дека се очекува од нив.

    Најголема вредност на еден истражувачки метод е во неговата поузданост. Доколку повеќе различни истражувачи, применувајќи ист метод, на ист примерок, дојдат до исти или многу слични податоци, тогаш се смета дека може да му се верува на резултатот и одново треба да се биде внимателен во неговата интерпретација. Вообичаено, вакви стоги критериуми не се применуваат во бројните анкети, така што тие често се користат пред избори, за да влијаат на гласачкото тело.

    Јавното мислење, дури и под услов да ги исполни сите методолошки критериуми за доверба во резултатите, го отсликува расположението на граѓаните во конкретен  општествен и политички миг. Сепак, една група на одговори се повторуваат во сите анкети, во последните дваесетина години: прво, граѓаните покажуваат исклучително ниска доверба во институциите на власт и пошироко (влада, собрание, судство, образование, здравство итн.);  второ, перципираат висока корупција и, трето, голем е бројот на оние што одговараат “не знам”, “немам мислење” или “ниту се согласувам, ниту не се согласувам”.

    Што значи ова во контекст на политичката култура и демократската стабилност? За разлика од јавното мислење, политичка култура е далеку посложен феномен, кој се истражува со примена на повеќе методи и зборува за корелацијата меѓу  историјата, традицијата, образованието, вредностите, лојалноста и однесувањето на граѓаните, од една страна, и политичката стабилност од друга. Историски, концептот на политичка култура први го афирмираа американските бихевиористи, Гарбиел Алмонд и Сидни Верба, во педесетите години од минатиот век. Тие беа компаративисти и ги споредуваа политичките системи на САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија. Сите овие системи припаѓаат на западните демократии, имаат слични политички институции и доминантна либерална идеологија. Зошто тогаш, се прашаа овие истражувачи,  политичкиот процес и политичката акција толку многу се разликуваат од земја до земја? Како емпиристи, одговорот го побараа на “терен”, со собирање податоци, врз основа на повеќе истражувачки прашања и претпоставки. За да одговорат на нив, Алмонд и Верба спроведоа големо емпириско истражување во 5 западни демократии. Прашалникот ги мереше, или барем така мислеа, знаењето, вредностите, емоциите и однесувањето на граѓаните. Нивната почетна хипотеза беше дека политичката култура претставува распределеност на знаење, однесување (чувства) и вредности на граѓаните во однос на нивната сопствената улога и на политичкиот систем во целина; на неговите “инпути” или влезни влијанија, неговите “аутпути” или излезни решенија (одлуки и политики). На крајот од истражувањето заклучија дека постојат три идеални типа на политичка култура: парохијална, поданичка и партиципативна. Накратко, кај парохијалната култура, луѓето се поистоветуваат со локалната средина во која живеат и немаат желба и способност да учествуваат во политиката на централната власт. Одлика на поданичката политичка култура е политичката пасивност на граѓаните и уверување дека многу ограничено можат да влијаат врз политичите одлуки. Партиципативната политичка култура е онаа во која граѓаните посветуваат големо внимание на политиката, а партиципирањето на народот во одлучувањето го сметаат за пожелно и делотворно.

    Политичката култура која доминира во западните демократии, според овие истражувачи, е граѓанската култура (civic culture), како испреплетеност на  трите идеални типа, при што доминираат партиципативните елементи. На пример,  знаењето и разбирањето на политичкиот процес, ставовите и чувствата на приврзаност што ги имаат граѓаните кон политиката  се важни бидејќи ја потикнуваат политичката партиципација. Но, исто толку се важни не-политичките ставови како интер-персоналната доверба или чувството на припадност кон локалната заедница. Така, граѓанската култура е балансирана култура: политичка партиципација, вклучување и рационалност постојат, но се урамнотежени од традиционалните вредности на почитување на авторитети и немешање. Политичката активност е висока, но не до степен да го уништи авторитетот на власта. Соработката е балансирана, а политичките расцепи се држат под контрола итн. Политичките ставови се тесно поврзни со интерперсоналните, кои се базираат на доверба во демократскиот систем во целина и неговите институции. Довербата, од своја страна, ги обојува и продлабочува ставовите на граѓаните. Во овој контекст треба да се подвлече дека политичката култура се разликува од јавното мислење по тоа што формира трајни вредности низ долг процес на социјализација и не е дневно реагирање на луѓето на определени проблеми и конкретни политики. Краен заклучок на авторите на “Граѓанска култура” е дека  овие трајни, либерални вредности, како слобода, владеење на правото, одговорна власт итн., ја овозможуваат стабилната демократија.

    Концепптот на Алмонд и Верба изврши големо влијание врз бихевиористичкиот правец во политичката наука, иако доживеа и бројни критики. Најсериозната, можеби доаѓа од друг афирмиран американски бихевиорист, Роберт Лејн. Неговата наградена книга, “Политичка идеологија: Што американскиот обичен човек  верува дека прави”, дава слика за системот на вредности на обичниот американски граѓанин. Врз основа на репрезентативно истражување, во тек на кое интервјуирал 15 обични Американци и потоа анализирал 3759 страни снимен матерјал, тој  уверува дека обичниот човек помалку се грижи  дали има еднакви можности за сите, а повеќе се грижи за постоење на некакви можности за него (“на овие луѓе им треба шанса за извесно подобрување на животот каков што веќе го имаат”). На прашањето што мислат за општествените класи, тие одговараат дека тоа не ги засега и дека тука нема што да се стори. Повеќето изјавуваат дека се задоволни со својот социјален статус и малкумина сметаат дека се створени за нешто подобро. Основно е што овие луѓе се загрижени; најмногу се грижат за нивната работа, а потоа за нивните семејства. Тие не мислат, тие се грижат, вели Лејн. Од студијата произлегува дека обичните граѓани немаат цврста посветеност на либералните вредности на слобода и правда – овие вредности имаат мала улога во нивните животи. Американскиот обичен човек, смета Лејн, нема конзистентна идеологија, освен фрагментирани убедувања и предрасуди. Овие претпоставки на политичка култура, според Лејн се конзервативни во нивните импликации. Според него, либералните идеи за слобода, еднаквост итн. се можеби денес митови, кои сепак би ‘паднале’ доколку немаат подршка на некој значаен социјален стратум. “Ниту бизнис класата, ниту работните класи, историските корисници на овие идеи, немаат многу љубов за нив, вели Лејн и додава дека, од друга страна, средната класа има голема наклонетост кон овие идеали. “Токму таа, на демократскиот Запад, ја сочинува најцврстата брана на демократијата”. На крај, Лејн заклучува дека  љубовта кон овие идеали не е доблест, туку е прашање на организација и образование.

    Се прашувам, ако кај нас се спроведе слично остражување, какви ќе бидат заклучоците?  Не знам со сигурност, но би рекла дека немаме граѓанска култура, барем она што под тој поим се подразбира на Запад.  Во недостаток на доволно истражувања, би можеле само да претпоставиме какви вредности може да споделувааат граѓаните во една нова демократија во развој, со пирамидално раслојување, на два спротивставени слоја на сиромашни и богати; со неартикулирана средна класа, која теориски би ги ублажила острите социјални и политички конфликти; општество поделено по должина на етничките линии со политички систем во кој принципот на праведна застапеност е злоупотребен од политичките партии; општество во кое масовно се кршат човековите права за што, со подршка на меѓународната заедница, се формира Специјално јавно обвинителсто, кое почна со огромна подршка на граѓаните, а заврши неславно со корупциски скандал;  општество на слаби институции, кои допрва се реформираат…

    Претпоставувам дека вредностите кои ги споделува обичниот Македонец не се разликуваат многу од вредностите на обичниот Американец, од истражувањето на Лејн во 1962 година. Ако повеќето од половина граѓани, според анкетите, немаат доверба во институциите на власта и оние од јавниот сектор (образование, здравство, социјала); ако перцепираат висока корупција и ја потценуваат својата улога и влијание во политиката како вистински или потенцијални ‘изнудувачи’ на одговорност на власта (“не знам”, “немам став”, “ни се согласувам, ни не се согласувам”),  тогаш можеме да претпоставиме дека нивната доверба во демократијата како систем е слаба.

    Ако е оваа претпоставка точна, следното прашање би било: Дали имаме образована елита со цврста посветеност на либералните вредности, која го познава и разбира политичкиот процес и воопшто знае како се движи светот денес и која евентуално, може да и даде понаква боја на политиката, наспроти растечкиот национализам и екстремни политички несогласувања кои ја дестабилизираат демократијата во Македонија? Имаме или немаме?

    Колумна за Институтот за медиуми и аналитика ИМА)

    Exit mobile version