Последни написи

МЕТА ФАКТ: ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МУЦУНСКИ НЕ ЗАПОЧНУВА ИЗГРАДБА НА НОВА ГИМНАЗИЈА ВО АЕРОДРОМ

Градоначалникот на скопската општина Аеродром Тимчо Муцунски, во своите обраќања пред граѓаните, во периодот пред локалните избори кои се случија минатата година, кажа дека во Аеродром ќе биде изградена модерна гимназија. Ова ветување, до денеска, е неисполнето.

Муцунски, во кампањата за локалните избори, во видео обраќање насловено како „Мојата програма за Аеродром во 90 секунди“, кажува дека ќе има изградба на нова гимназија во општината. Освен тоа, во изјава за ТВ24, тој вели:

„Срамота е најголемата општина да нема ниту една гимназија. До крајот на мандатот заедно со Град Скопје ќе изградиме една модерна гимназија“, изјави Муцунски на 9 февруари 2022 година.

На 12 октомври лани, градоначалникот Муцунски на Фејсбук објави визуелизација за тоа како ќе изгледа гиманзијата и напиша:

„Аеродром ќе добие нова гимназија по сите европски стандарди! Ние се грижиме за иднината за нашите млади. Како најголема општина не смееме да немаме квалитетно образование“.

Побаравме одговори од општина Аеродром, односно од градоначалникот Муцунски на оваа тема. Одговори на прашањата на писмено не добивме, но во телефонски разговор, Муцунски појасни дека ова е капитален проект кој мора да се реализира заедно со градските власти со оглед на фактот дека основач на училиштата за средно образование во градот е токму град Скопје, а не општините.

„Точно е дека дадов ветување дека Аеродром ќе добие гимназија, но согласно последните мои контакти со градоначалничката Арсовска, проектот планираат да го стават во план за реализација во 2023 година. Точно е дека во овој момент нема активности во врска со овој проект“, рече Муцунски.

Исто така, тој не можеше да ја прецизира точната локација каде што е предвидено да се гради гимназијата бидејќи, како што рече „има две-три локации кои се во план, но која ќе биде во овој момент не се знае“.

Иако градоначалникот вели дека во овој момент нема активности во врска со овој проект, во град Скопје за Мета.мк тврдат поинаку:

„Во соработка со општина Аеродром се работи на разработка на проектот и проектната документација, по што ќе се пристапи на негова реализација“, велат од Град Скопје.

Оттаму додаваат дека стратешкиот проект за објект на нова гимназија во општина Аеродром е планиран заради овозможување на просторни и модерни услови во образовните процеси.

„Нашата цел е да ја подобриме пристапноста на учениците од сите делови на градот до квалитетни училишта и да ги унапредиме условите во кои учат учениците. Ова ново училиште ќе овозможи доволно капацитети согласно истакнатиот интерес и потребите на жителите токму во овој дел на Скопје“, велат за Мета.мк од Град Скопје.

Изградба на училиште е капитална инвестиција за која најпрво треба да се изработи проект, да се определи локација, понатаму, да се започне со постапката за избор на фирма што ќе го гради објектот, а дури потоа има процедури за набавка на опрема за училиштето, а секако овде е и ангажирањето наставен и административен кадар кој ќе работи во гимназијата.

Oва не е прв пат градоначалници да ветуваат изградба на гимназија во една од најголемите општини во град Скопје. Вистиномер минатата година во август пишуваше дека поранешните градоначалници на град Скопје и на општина Аеродром, Петре Шилегов и Златко Марин, излегоа со вакво ветување во кампањата за локалните избори кои се одржаа октомври 2017 година.

Извор: meta.mk

Latest Posts

Не пропуштај