Последни написи

Дезинформација е дека Македонија била „втора во Европа по стапката на мизерија“ во 2022

На 14 ноември 2022, партијата ВМРО-ДПМНЕ објави соопштение со наслов: „Македонија со Ковачевски и СДС е втора во Европа по стапката на мизерија, народот не може да ги купи ниту основните производи“.

Истиот ден, повеќе медиуми го пренесоа партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, без да ги проверат статистичките податоци од „Индексот на мизерија“, и да ја проверат вистинитоста на тврдењето дека земјава била  „втора во Европа по стапката на мизерија“.

Но, увидот во „Индексот на Мизерија“ објавен на веб страницата World population review, во делот „Најлоши земји за живеење во 2022 година“ („Worst Countries To Live in 2022“) покажува дека осум земји – членки на Советот на Европа се полошо пласирани на оваа табела од Северна Македонија: Азербејџан, Шпанија, Грција, Украина, Грузија, Црна Гора, Ерменија и Турција. Освен тоа, треба да се знае дека овој „индекс на мизерија“ се темели на податоци за 2020 година, кои беа објавени во 2021.

Инаку, Македонија беше рангирана на најлошото прво место на Индексот на мизерија во 2011 година, во 2013-та на 11 место, во 2019-та на 27 место, а во 2020 на 64 место на табелата, пред осум држави – членки на Советот на Европа.

Оттаму, дезинформација е тврдењето дека Македонија била „втора во Европа по стапката на мизерија“, бидејќи цитираниот статистички извор содржи податоци од 2020 година, од кои не може да се извлече релевантен заклучок за 2022 година.

Поука за медиумите е дека не треба да објавуваат статистички податоци од партиски соопштенија без да ги проверат, затоа што и самите стануваат извори на дезинформации.

YouTube player

(Полиграф е ТВ Емисија реализирана од Институтот за медиуми и аналитика ИМА и ТВ Алсат)

Latest Posts

Не пропуштај