More

    САРАЧИНИ: БОРБА ПРОТИВ ДЕЗИНФОРМАЦИИТЕ НИЗ ПРИЗМА НА НОРВЕШКАТА БАЈКА НАСПРОТИ БАЛКАНСКИОТ МЕДИУМСКИ ХОРОР

    Би сакал да ви раскажам една норвешка „бајка“, која ја слушнав минатата недела во Тирана на „ЕУ-Западен Балкан медиумска конференција“, на која една од главните теми беше справувањето со дезинформациите.

    Меѓу највпечатливите излагања на Конференцијата, на која учествуваа истакнати новинари од регионот и цела Европа споделувајќи искуства во справувањето со овој предизвик, беше она на Кристофер Егеберг, главен уредник на „Фактиск“.

    Зборувајќи за работата на неговата организација која фигуративно ја нарече како „бајка“ во борбата против дезинформациите, Егеберг посочи дека неговата организација за проверка на факти е формирана од водечките норвешки медиумски компании!

    Замислете, без оглед на тоа што се жестоки конкуренти на медиумскиот пазар, шест од највлијателните медиумски организации во Норвешка (VG, Dagbladet, NRK, TV 2, Polaris Media, Amedia) решиле да се здружат и да формираат организација, која ја проверува точноста на информациите објавени не само од нивните медиуми, од политичарите, туку и од нивните медиумски сопственици!

    Тоа значи дека парите за работата на оваа норвешка организација за разобличување на дезинформациите и невистините не доаѓаат од меѓународни или донаторски организации, туку од самите водечки медиумски бизниси.

    Навистина звучи како бајка, зарем не? А како е кај нас на Балканот?

    Во сите наши земји, речиси без исклучок, битката меѓу конкурентите на медиумскиот пазар е валкана и бескомпромисна, борба на секој против секого, битка на „живот или смрт“. Медиумските сопственици се во спрега со политичарите, а медиумските бизниси најчесто зависат од политиката и државата. Солидарност и соработка меѓу нив речиси и да не постои, освен ако не се работи за пари (најчесто за буџетски пари).

    Со чест на неколку исклучоци (каков што е на пример емисијата „Полиграф“ што ја продуцираат заеднички ТВ Алсат и ИМА), нема влијателни или мејнстрим приватни медиуми кои прават нешто за борба против дезинформациите. Таа борба главно ја водат неколку сервиси за проверка на факти и граѓански организации, со проекти финансирани од меѓународни донатори.

    За жал, влијанието на овие медиуми и борбата против дезинформациите е ограничено и не може да се спореди со тоа што го имаат мејнстрим медиумите, или многу влијателни портали коишто станале дел од политичката битка или од пропагандистички машинерии што секојдневно ја бомбардираат јавноста со невистини, манипулации и дезинформации.

    Ете, тоа е медиумскиот хорор во кој живеат граѓаните на балканските земји, наспроти норвешката „бајка“, за која слушнавме на Конференцијата во Тирана. Затоа Норвешка е таму каде што е, а и ние сме таму – каде што сме.

    Но тоа не значи дека не треба да ги раскажуваме овие бајки. И да сонуваме. Дека, можеби, еден ден, ако бидеме доволно упорни, ќе се разбудиме од овој балкански медиумски хорор и кошмар, и ќе почнеме да живееме во една друга, подобра реалност. Како онаа од норвешката бајка.

    Извор: ima.mk

     

    Exit mobile version