Ја разобличуваме и невистината дека „Македонците се на работ на истребување“, содржана во текстот на „Вечер“ од 28.10.2022, „Коцарев: Македонците, иако се на работ на истребување, сепак, ќе опстојат за навек!“.
Како што објави Вечер, академик Коцарев, кажал дека „Македонците, кои исто како и балканскиот рис иако се на работ на истребувањето, сепак, ќе опстојат за навек.“
Но, аналогијата помеѓу Македонците и балканскиот рис не се базира на факти. Балканскиот рис има „статус на критично загрозено животно“ затоа што има останато само неколку десетици единки. А резултатите од пописот кај нас укажуваат дека Македонците не се воопшто загрозени, туку дека се мнозинство во државава.
Исто така, употребата на изразот „истребување“ не е заснована на факти, и содржи неоснована претпоставка дека некој ги „истребува“ Македонците. Оттаму, тврдењето дека „Македонците се на работ на истребување“ нема никаква фактичка поткрепа.
Не е прв пат претседателот на МАНУ да дезинформира во врска со Македонците. Во колумна од 07.09.2022, Коцарев тврди дека „Македонците веќе уште денес ги нема“: „Се чини се чека само да се смени Уставот, па следната година да се додаде уште една националност – Бугарин. Значи, не треба да чекаме до 2084, Македонците веќе уште денес ги нема!“, напиша Коцарев.
Погрешниот заклучок на Коцарев беше резултат на неговата погрешна анализа на студентска изјава за национална припадност во која нема графа Македонец.
Меѓутоа, ваквата изјава се користи во практика при упис само за реализација на владините одлуки за „дополнителни квоти за запишување на студенти кои не се мнозинство“. Македонците ги има при упис на факултетите, но тие не се третираат како припадници на заедниците кои не се мнозинство. Факт е дека студентите Македонци се мнозинство, и затоа не пополнуваат изјава за национална припадност.
Овој факт е уште еден доказ дека се невистинити изјавите на Коцарев: „Македонците се на работ на истребување“ и „Македонците веќе уште денес ги нема!“ Ваквите изјави ги оценуваме како дезинформации кои имаат тенденција да предизвикуваат неоправдан страв и загрозеност и да потпалуваат националистички страсти.