„Полиграф“ е емисија која заеднички ја реализираат Институтот за медиуми и аналитика ИМА и телевизијата АЛСАТ. Во оваа емисија со неспорни факти и аргументи се разоткриваат дезинформациите и неточните вести.
Фокусот на првото издание на емисијата „Полиграф“ беа и дезинформациите на руската пропаганда за потеклото и јазикот на Украинците и за префрлањето вина за воената агресија врз нивната земја.
Украинците сами се виновни што гинат
Дел од дезинформациите кои потекнуваат од руската пропаганда ја негираат посебноста на украинскиот народ и украинскиот јазик. Во емисијата на Инфомакс „Тешки Муабети со Љупчо Палевски – Палчо, Мечка и Миќо – 12 епизода“, Палевски шири дезинформации за Украинците и нивниот јазик, префрлајќи ја врз нив вината за руската воена инвазија.
„Па, ќе гинат поише, зошто, затоа што го слушаат Столтенберг, Бајден, Обама претходно, а не свои словенски комшии со кои говорат ист јазик, и имаат иста вера православна“, вели Палевски.
А вистината е…
Всушност, Руската федерација е таа која окупираше територии на Украина, и која убива Украинци во нивната земја.
Но, Палевски ја префрла вината на Украинците, кои одлучиле да го остварат правото на одбрана од агресороти да побараат помош од Западот.
Притоа, Палевски дезинформира дека Украинците и Русите „говорат ист јазик“. Ова не е точно. Украинскиот и рускиот јазик се два различни јазици. Украинскиот јазик денес го говорат над 40 милиони луѓе, тој е кодифициран пред околу еден век, признаен е во Обединетите нации и се изучува на многу универзитети во светот.
Интересно е тоа што токму тука, во Паркот Жена – борец во Скопје,има биста од украинскиот писател Тарас Шевченко, кој живеел од 1814 до 1861 година, и кој бил осуден во првата половина од 19-от век затоа што творел на украински јазик.
Ураинскиот и рускиот јазик не се исти
Негацијата на украинскиот јазик и народ од страна на Русија има долга историја. И сегашната пропаганда на Путин дезинформира дека украинскиот е дијалект на рускиот јазик, односно дека станува збор за „ист јазик“.
Но, граѓаните не треба да наседнуваат на дезинформации дека Русите и Украинците говорат ист јазик. Tоа воопшто не е точно за мнозинството Украинци, чиј мајчин јазик е украинскиот.
Следната епизода на „Полиграф“ на АЛСАТ е в понеделник.
