МУЛТИКУЛТУРАЛИЗАМ – ПОЗИТИВНО ОДОБРУВАЊЕ НА РАЗНОЛИКОСТА

0
352
Мирјана Малеска
Мирјана Малеска

Пишува: Мирјана МАЛЕСКА

Мултикултурализмот е описен поим за разноликост. Тој, исто така, подразбира позитивно одобрување на разноликоста и водење политика на признавање и прераспределба на општествените ресурси заради подобрување на статусот и правата на малцинствата.

Иако не ги опфаќа само националните малцинства туку и лингвистичките, домородните,  геј и лезбијските групи, тој првенствено се употребува како плуралистички и толерантен концепт за интеграција на општествата кои имаат малцинства или се погодени од бегалски бранови.

Етничките конфликти – последица од несфаќање на мултикултурализмот

Големите бегалски бранови кои и денес се високо на политичката агенда, обично се последица од меѓународни војни и етнички конфликти. Извештајот на “Карнеги комисијата за превенција на смртоносни конфликти” (1997) покажува дека само во 20 век, повеќе од 100 милиони луѓе умреле во војни.

Во 1990, кога се распаднаа неколку федерации како последица на револуциите од 1989, четириесет милиони луѓе ги напуштија нивните земји како бегалци. На оваа бројка можат да се додадат и бегалците од Украина. Етничкото чистење, посебно масакрот во Сребреница, го врати геноцидот назад во фокусот на јавноста.

Мултикултурализмот подразбира разбирање и сочувство

Професорот на Харвард Универзитетот и американски сенатор, Патрик Мојнихен  (“Пандемониум: Етницитетот во меѓународната политика”), напиша: “Загриженоста  не произлезе од кабинетското, ладнокрвно истражување на професорите туку е резултат на сочувство со оние што страдаат, очајнички рефлексии и тражење на рационални објаснувања за серијата брутални етнички војни”.

Громогласниот повик на етничките групи за признавање на нивните права, често засилен со оружје, наведе еден друг професор, Доналд Хоровиц (“Етничките групи во конфликт”), да го постави прашањето: Kаква е врската помеѓу конфликтите во Биафра, Бангладеш и Бурунди, со оние во Бејрут, Брисел или Белфаст? Нели се едни племенски, други религиозни, а трети јазични и да одговори дека етницитетот како феномен се бореше, крвавеше и го раскрчи својот пат до општествената и академска свест.

На овие примери, без сомнение можат да се додадат конфликтите од Балканскиот  регион во деведесетите, во Хрватска, Босна, Косово како и во Македонија во 2001.

Малцинските права – трета генерација човекови права

Потребата од рационални објаснувања и политичка акција, ја наложи дебатата за мултикултурализмот и малцинските права, како трета генерација на човекови права.

Во САД, таа започна во “Центарот за човечки вредности” на универзитетот во Принстон во 1995 а се интензивира пред интервенцијата на НАТО на Косово во 1999. Во тоа време се најдов во Принстон,  како стипендист на Фулбрајт фондацијата и одблиску да ја следев дебатата, водена од  Ејми Гaтман, професорка по етика и сегашна американска амбасадорка во Германија.

Мултикултурализам и политиката на признавање

Непосреден повод беше тукушто издадената книга на филозофот и едукатор Чарлс Тејлор ‘Мултикултурализам и политиката на признавање’. Во неа Тејлор ги опишува двата вида на либерализам што се денас познати во западната цивилизација.

Сосема накратко, ‘Либерализмот 1’ (терминологијата е на авторот) на најсилен можен начин им се посветува на индивидуалните права, што претполага крајно неутрална држава без какви било колективни цели, културни или верски проекти кои одат подалеку од личната слобода, физичката сигурност, благосостојбата и безбедноста на нејзините граѓани.

‘Либерализмот 2’ допушта држава која му се посветува на напредокот на определена нација, култура или вера, или на ограничен број нации, култури и вери, се додека се заштитени основните права на граѓаните кои имаат различни определби или воопшто немаат определби од тој вид.

Самиот Тејлор го претпочита вториот вид либерализам. Тој доаѓа од мултиетничката Канада и неговата теза е дека непризнавањето на другиот или неточното признавање може да нанесе штета, да биде облик на потчинување и да го затвори човекот во еден лажен, изобличен и редуциран облик на постоење. “Луѓето како и групите имаат потреба од почит и признавање и државата треба да им понуди гаранции во таа насока”.

Историски, либерализмот прв пат се соочил со прашањето на различност во форма на религиозни војни и конфликти во Европа и Америка во 16 и 17 век, и се покажал успешен во пацификација на општествата.

Мултикултурализмот во сложените современи услови

Денес, се поставува прашањето дали може мултикултурализмот и политиката на признавање да се примени во сложени, современи услови? Познавачите на темата укажуваат на најмалку три сериозни предизвици.

Првиот се однесува на можноста колективните права да ја доведат во прашање автономијата на поединецот, присилувајќи ги луѓето да се идентификуваат само со својата група. Во Европската “Рамковна конвенција за заштита на националните малцинства”, како и во нашиот Устав, одговорот е недвосмислен: “секој припадник на национално малцинство има право слободно да избере да биде или да не биде третиран како таков, и никаква штета не смее да произлезе од неговиот избор или од вршењето на правата произлезени од тој избор” (член 3 од Рамковната конвенција).

Еден друг познат Канаѓанец, професорот Вил Кимлика (“Мултикултурно граѓанство”) укажа на вториот предизвик: националните држави, обично не се расположени да ја прошират правдата врз групите кои ги сметаат нелојални или закана за безбедноста. Неговиот заклучок, врз основа на студии на поединечни примери, е дека политиката на признавање и лингвистичката правда не можат автентично да пуштат корени во едно општество, се додека базичнот страв околу лојалноста и безбедноста не се реши.

Национализмот како предизвик

Третиот, најсериозен предизвик, е национализмот. Професорот од Белфаст и добар познавач на етничките конфликти Адриан Гуелке, (“Демократијата во длабоко поделени општества”), напиша дека е можно интензивирање на конфликтите кога луѓето се свесни за поделбите и им придаваат преголемо значење заради политички цели. Тој укажа на национализмот, коj поттикнува силни антагонистички чувства и негативни емоции кон друга етничка група, како најголема опасност за кохезијата на едно мултикултурно општество.

Етничките конфликти на Балканот од 1990 до 2001 (Босна, Косово и Македонија) го потврдуват ова правило. Иако денес, овие држави како членки или идни членки на НАТО и ЕУ се далеку побезбедни отколку што беа на почетокот на деведесеттите, националистичките партии и нивните политики, вкоренетите предрасуди и повремени еуфорични изливи на негативни чувства и реторика кон „другиот“, можат да ја  загрозат безбедноста и стабилноста на овие општества.

Случајот со Македонија

Македонија спаѓа во општества кои го применуваат моделот на т.н. Либерализам 2. Државата, со Устав и закони, им гарантира заштита и развој на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници и припадниците на тие заедници.

Ратификуваната Европска рамковната конвенција за заштита на националните малцинства исто така е дел од нашиот правен режим.

Ако важи за останатите, зошто не и за Бугарите?

Би било праведно и во духот на досегашните политики, кога станува збор за бугарското национално малцинство во Македонија, да добие уставни гаранции за заштита на нивните права.

Иако не е вообичаено една држава да и наложи на друга промена на Устав, Владата на Македонија прифати таква обврска заради подобрување на добрите соседски односи со Бугарија и продолжување на преговорите со ЕУ.

До каде досегаат правата, од каде почнува злоупотребата на правата

Во меѓувреме, неколку инциденти со имињата на клубовите на бугарското малцинство, покренаа дебата, до каде може да се зборува за права, а од каде за злоупотреба на тие права и мешање на друга држава во внатрешните работи на земјата? Одговорот би можел да се најде во основните принципи на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, нашиот Устав и закони.

Македонија, како и Бугарија се потписници на оваа конвенција, која има обврзувачко дејство за двете држави и каде се вели дека: „…заштитата на националните малцинства и на правата на припадниците на малцинствата, е во согласност со правото, територијалниот интегритет и суверенитет на државата”.

Има права, има и обрски

Припадниците на националните малцинства покрај права имаат и обврски, да го почитуваат Уставот и другите национални закони, како и правата на другите (чл. 89). Повикување на традициите, според оваа Конвенција, не значи одобрување или прифаќање на активности спротивни на националното право, или меѓународните стандарди.

На пример, имиња на клубови, друштва и слично, како  „Цар Борис III“,  „Ванчо Михајлов“ итн. е спротивно на Уставот на земјата, каде во преамбулата, експлицитно се вели дека темелите на државата се положени врз антифашистичката барба и одлуките на АСНОМ.

Нема мир и стабилност без взаемно разбирање и прифаќање

Уште поважно е што имаме богата традиција на соживот а стабилноста на земјата последните дваесет години се должи на позитивното одобрување на разноликоста и водење на политики на признавање. Со уставните измени од 2001 година, мајоризацијата е напуштена и целокупната конструкција на политичкиот систем е поставена да овозможи пристап на помалите етнички заедници до инструментите на власта, со што е отстранета една од основните институционални причини за етнички конфликт.

А што е, со духот на толеранција и меѓукултурен дијалог, доколку постоел, без кој институциите се само празни згради и ходници? Тој не никнува сам, туку се негува секојдневно, преку взаемно разбирање, прифаќање, почитување и соработка меѓу сите кои живееме во оваа држава.

Силните антагонистички чувства и негативни емоции меѓу двете заедници на Македонци и македонски Бугари веројатно нема да се надминат бргу и лесно, но денес во Европа е општо прифатено дека мирот и стабилноста не се можни без заштита на правата на националните малцинства.

 

„Слободна Македонија“ и Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласуваат секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде