
Генералното собрание на Обединетите нации ноќеска со големо мнозинство го осуди рускиот „обид за нелегална анексија“ на четири делумно окупирани региони во Украина и ги повика сите земји да не го признаат потегот, зајакнувајќи ја дипломатската меѓународна изолација на Москва, јави ДПА.
Одлуката на ГС на ОН не е обврзувачка, но резолуцијата ја прогласи анексијата за неважечка и бара Русија да ги поништи своите потези за припојување на источните украински региони Доњецк, Керсон, Луганск и Запорожје.
Три четвртини од 193-те членки на Генералното собрание, или 143 земји, гласаа за резолуцијата, која исто така ги потврдува суверенитетот, независноста, единството и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прослави одлуката како историска.