More

    Стојановски: Не може да се креира вистината преку реклами или политичка пропаганда

    Фондацијата Метаморфозис имајќи ја предвид важноста од вистината, направи истражување за тоа какви последици имаат дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во земјава.

    Ако може накусо да се резимираат резултатите од истраувањето, насловено „Истражување: Ефектот на дезинформациите и странските влијанија врз демократските процеси во Северна Македонија“ тогаш тоа би било дека –  дезинформациите имаат токсични ефекти.

    Како да се надминат тие токсични ефекти? Преку создавање ефикасен модел кој ќе ги опфати сите засегнати страни од дезинформациите, а засегнати се сите.

    Владините институции, медиумските здруженија, индивидуалните медиуми, граѓанските организации, научно-образовната заедница и приватниот сектор е нужно заеднички да се спротивстават и да ја побараат вистината преку иницијатива за застапување.

    „Емпириските податоци од истражувањето овозможуваат иницијативата за застапување да поттикне соодветна промена на јавните политики и конкретни активности за да се намалат штетните ефекти од непријателските странски влијанија“, се вели во еден исечок од истражувањето.

    До вистина – преку јавна дебата и знаење

    Филип Стојановски, директор за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата Метаморфозис за резултатите од истражувањето вели дека „граѓаните бараат и од медиумите поголема одговорност, но бараат и на некој начин и државата да обрне внимание на проблемот со дезинформации“.

    – До вистината во модерно општество се доаѓа преку јавна дебата, преку примена на знаењето на научници и стручни лица, а од друга страна не би требало да биде предмет на методи со коишто може да се манипулира. Не може да се креира вистината преку реклами или преку политичка пропаганда. Тоа е веќе вештачко наметнување на нечија „вистина“ која е различна од објективната, вели Стојановски од „Метаморфозис“ во интервју за порталот Приказна.

    Демократијата подразбира посветеност на вистината

    Тој додава дека ако „ние сме одбрале да живееме во демократско општество како заедница“ тогаш е исклучително важно „да се посветиме на потрагата по вистината“.

    – Тоа не е апстрактна вистина со која ќе ја откриеме смислата за животот, ниту пак е идејата дека вистината е нешто што треба да дојде и да биде одобрена само од еден извор. Во конкретниот случај, од аспект на слободното новинарство, независни медиуми и информирани медиуми, се работи за онаа вистина која е едноставно опиплива, вистината којашто може да се утврди со научни методи, со методи на новинарско истражување, методи на испитувања кои се валидни за функционирање на нашите институции, вели Стојановски во интервјуто.

    Која е Фондацијата Метаморфозис

    Фондацијата Метаморфозис е формирана со цел да ја зајакнува свесноста и капацитетот на граѓаните и граѓанското општество. Мисијата на Фондацијата Метаморфозис е граѓаните и граѓанското општество да ја преземат најдобрата можна улога како активисти за демократија, поддржувајќи ја власта да ја исполни нејзината демократска улога – да работи во служба на општеството.

    Exit mobile version