За нов референдум за независност на Шкотска ќе одлучи судот

0
32
Британскиот Врховен суд ќе ја разгледа законитоста на обидот на Шкотска следната година да одржи нов референдум за независност

Британскиот Врховен суд денеска ќе ја разгледа законитоста на обидот на Шкотска следната година да одржи нов референдум за независност, без согласност на владата во Лондон, јавува Би-би-си.

Шкотската Влада во Единбург бара ново гласање за прашањето: „Дали Шкотска треба да биде независна земја“.

Шкотската прва министерка категорично за референдум

Првата министерка на Шкотска, Никола Старџен, вчера, на годишната конвенција на нејзината Шкотска национална партија (СНП), изјави дека сослушувањето нема да биде неопходно доколку британските власти во Вестминстер ја почитуваат шкотската демократија.

-Но, Вестминстер нема таква почит. Тоа значи дека ова прашање секогаш било предодредено да заврши на суд порано или подоцна – порано, според мене, е подобро, рече таа.

Никола Старџен

– Доколку судот одлучи онака како што се надеваме, на 19 октомври следната година ќе има референдум за независност“, додаде таа.

На сослушувањето во Врховниот суд, адвокатите ќе се расправаат за овластувањата на децентрализираниот шкотски Парламент во Единбург наспроти британскиот Парламент.

СНП лани излезе на шкотските парламентарни избори со ветувањето дека ќе одржи законски валиден референдум по смирувањето на кризата со Ковид-19.

Владејачката партија сега сака да одржи референдум, но британската Влада, која мора да даде одобрение согласно Законот за Шкотска од 1998 година, не даде дозвола.

Британската премиерка е против референдум за независност на Шкотска

Новата британска премиерка Лиз Трас во телевизиско интервју овој месец го повтори својот став дека последниот референдум во 2014 година беше настан што се случува еднаш во генерација.

-Јас сум целосно јасна дека не треба да има уште еден референдум пред да исчезне таа генерација, додаде таа.

Тесен исход од ново гласање, покажуваат анкетите

Анкетите сега покажуваат дека гласачите во Шкотска речиси рамномерно се поделени во однос на изгласување одвојување на референдум за независност.

На последниот референдум за независност во 2014 година, 55 отсто од Шкотите гласаа против отцепување.

Но, тоа се случи пред Брегзит, за кој мнозинството во Шкотска гласаше против, и општите избори, на кои за прв пат беше избрано мнозинството пратеници за независност.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде