Ксенофобија: Авганистанците заминаа, стравот од странци/туѓинци остана

0
246
Зоран Бојаровски
Зоран Бојаровски

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

Дали себе си се штитевме од нив или нив ги штитевме од нас, кога Авганистанците што беа на привремен престој во нашата земја одеа во трговските центри во Скопје во посебен автобус, со полициска придружба (или под контрола е посоодветен збор)?

Ова логично прашање му се поставува на секој здраворазумен и рационален човек, сведок на сликата кога една група граѓани од друга земја со полициски ескорт се движат низ градот, а не се ниту осуденици, ниту во логор, туку луѓе од странска земја кои во Северна Македонија престојуваа според активните законски можности за привремен престој на странци. Како и секој друг кој секојдневно пристигнува во нашата земја, без разлика дали е турист, доаѓа службено, или од било која приватна причина.

Кога на крајот на август минатата година пристигна првата група Авганистанци, Владата соопшти дека Северна Македонија „ја продолжува својата активна улога во рамки на светската хуманитарна акција за спас на цивилното население од Авганистан кое е во животна опасност од талибанскиот режим“.

„На Северна Македонија не и се случува никаква мигрантска криза, напротив, Северна Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција за спасување на авганистанско мирољубиво население кое е под опасност од екстремистичките талибански структури“, нагласуваат од владината прес-служба“, соопшти тогаш прес службата на Владата.[1]

Потоа следуваше пристигнувањето на граѓаните од Авганистан, претходно вработени во хуманитарните меѓународни организации во нивната земја.

Ширењето страв го презедоа и го засилија и некои од политичките партии

И во пресрет, и за време на пристигнувањето на групите со авганистанските граѓани што доаѓаа во периодот што следуваше, се случи цунами од говор на омраза. Изјавата на премиерот Зоран Заев дека „Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потреби“,[2] на Фејсбук страницата каде што беше објавена постигна рекорд со повеќе од 600 коментари на граѓани,[3] од кои речиси 90% од нив беа говор на омраза, негативно настроени и полни со лични навреди.

„Во земјата доаѓаат талибанци“, “Ние ќе примиме убијци на сопствениот народ кои сега се протерани од својата земја“, „Ќе примаме експерти за хероин“, „Не, не ги сакаме, не ни требаат, носете си ги дома“…, се само дел од „поумерените“ коментари, а тој дискурс го поддржаа, па дури и го засилија и коментарите на дел од политичките партии во земјата.[4]

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ секојдневно организираше прес конференции или присуствуваше во медиумите со изјави на авоите челници.

„Јас не сум видел понервозен политичар од Заев. И како не би бил, мораше да признае дека му тупнаа илјадници Авганистанци, за старт 1800, коишто никој не ги прима! А не смее да каже зошто другите не ги примаат! На пример заради можна освета на Талибанците кон оние мигрантите? На пример затоа што баш се окуражени заради повлекувањето на најсилните армии пред нив може да тргнат по соработниците низ светот? И на пример заради тоа што “тешко” ќе ги најдат “по хотелите” во Македонија сместени од Заев?“, напиша на својот фејсбук профил портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски[5].

И од партијата Левица го осудија овој потег на Владата коментирајќи дека „Сојузништвото со империјалистичките сили и нивното помагање уште еднаш ја става државата во подредена позиција и без избор“.

„Неминовен е фактот дека овој конфликт носи нов бран на бегалци, кои транзитираат, ќе се задржат или можеби трајно ќе останат на Балканот…. Овој политички чин уште еднаш покажа на колку погрешна основа се гради македонската надворешна политика, исфрлувајќи го на површина слугувањето на домашната елита кон Западните вазали“, напишаа на Фејсбук од Левица.[6]

Силниот бран говор на омраза и дезинформации кои имплицираа и безбедносни прашања го поттикнаа и директоорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски да изјави дека државата ги презела сите неопходните мерки и оперативни активности за организиран и безбеден прифат на цивилно население од Авганистан, како и за навремено превенирање и спречување од можни закани и ризици.

„Не отфрлајќи ја политичката и безбедносната димензија, одлуката на Владата за прифаќање и времено сместување на бегалците е мотивирана пред сѐ, од хуманитарни причини. Се работи за лица кои во најголем број се новинари, претставници на граѓански и мировни организации и други општествени групи и кои активно работеле на создавањето на демократско општество во нивната држава во изминатите години“, потенцираше Димовски.[7]

Сепак, оцени тој тогаш, “и покрај транспарентноста и целосната отвореност, се следи пласирањето на лажни вести и дезинформации кои имаат за цел да всејат страв и паника кај граѓаните, да поттикнат ксенофобија и да разгорат национализам со нескриен мотив да ја поткопаат довербата во институциите на системот“.

Стравот од странците/туѓинците го зарази и „системот“

Дали под притисокот на јавноста или стравот од другиот, со стравот од странците/туѓинците се „зарази“ и системот.

Мерсиха Смаиловиќ, претседателка и една од основачите на здружението на граѓани „Легис“, чија мисија е да им обезбеди хуманитарна помош на мигранти и бегалци, во едно интервју за Радио МОФ[8] посочи дека како организација со искуство на овој план, забележале дека самиот процес на прифаќање и сместување на Авганистанците, беше премногу затворен и дека државата успеа преку безбедносните протоколи, целосно да им го ограничи основното човеково право на овие граѓани – слободата на движење.

Таа истакнува дека со дел од авганистанските граѓани се знаела преку меѓународните мрежи и постојано била во контакт со лицата кои престојувале во земјата. Смаиловиќ посочува дека дел од нив биле борци за човекови права кои цел свој животен век го поминале борејќи се против традиционалните стеги кои владееле во нивното општество.

„Во Македонија беа среќни и задоволни што се на безбедно, што процесот на евакуација помина без сериозни проблеми за нив. Беа задоволни од односот на македонските граѓани со кои се сретнаа додека престојуваа тука. Но, како што изминуваа деновите, почна да ги облева силно чувство на депресија. Неможноста слободно да се движат целосно влијаеше на нивната психолошка состојба“, објаснува Смаиловиќ.

Таа продолжува велејќи дека децата имале импровизирани часови на едукација кои биле организирани од самата авганистанска заедница во хотелите, а при движењето низ градот со силно полициско обезбедување добиле чувство дека населението се плаши од нив и дека полицијата е таму за да спречи судири.

„Додека се допишувавме се обидував да им објаснам дека моето лично убедување е, дека забраната на движење е поради локалните избори кои беа тој период. Но, како деновите поминуваа и изборите завршија, немав повеќе изговори освен моето убедување за кое објаснив погоре. Јас не успеав да се видам со нив во живо. Не ми беше дозволена посета од страна на надлежните органи, кои велеа дека не се надлежни, ниту од организациите кои беа во хотелот за кој барав дозвола за влез“, вели Смаиловиќ, дополнувајќи дека сега нејзините контакти се во Шведска и Канада, каде што верува дека ќе се сретне со нив.

Од Владата пак, излегоа со став дека при привремениот престој на Авганистанците во Република Северна Македонија не им е ограничена слободата на движењето доколку немаат ограничувања од аспект на мерки против Ковид-19.

Мерсиха Смаиловиќ ова објаснување на Владата дека ваквото ограничување на слободата на движење е поради нивна безбедност го оцени како неприфатливо.

„Од моето искуство во работата со бегалци и мигранти и односот на државата, сметам дека единствена причина поради која овие граѓани се затворени во хотелите е поради стравот дека со нивното слободно движење ќе се покрене лавина на ксенофобска реторика, која може да им наштети единствено на политичарите и нивните гласови на следните избори. Затоа сметам дека забраната за движење е единствено популистичка мерка, која е во линија на екстремни десничарски практики. Евакуираните авганистански граѓани во Косово и Албанија, слободно се движеа на целата територија на овие држави“, вели таа.

Хелсиншкиот комитет за човекови права: Ксенофобијата одамна не е инцидентна појава во нашето општество

Ксенофобијата, која доаѓа како израз од грчките зборови xénos – странец, тугинец, и phóbos – страв, не е туѓa ниту странец во нашата јавност и јавната комуникација. Напротив, како појава е одомаќена.

Хелсиншкиот комитет за човекови права оценува дека е загрижувачки што омразата кон луѓе од други култури и религиозни групи веќе одамна не е инцидентна појава во нашето општество.[9] За време на бегалската криза 2016-2018 година, говорот на омраза кон мигрантите и бегалците, од политички причини беше постојано засилуван со лажни вести и дезинформации, кои дополнително влијаеа за раст на ксенофобијата кај населението.

Таквата реторика остава долгорочни предрасуди и последици врз ставовите на луѓето и ја руши сликата за гостопримлива и толерантна земја, како што сакаме да се нарекуваме. Тоа е причината што ваквите сентименти се повторуваат во различни прилики, како говорот на омраза кон авганистанските бегалци кои летоска беа привремено сместени во земјава, или во спорадични инциденти, како што беше нападот на расна основа врз група Корејци на почетокот на пандемијата на Ковид-19 во 2020 година, констатираат од Хелсиншкиот комитет.

Мерсиха Смаиловиќ, во разговорот за оваа анализа, потсетува дека „во 2015-та кога Македонија беше дел од т.н. Балканска рута, повеќе од еден милион бегалци поминаа низ нашата територија. Но, тогаш вестите кои поттикнува ксенфобија и друг вид омраза, беа сведени на безначен број, сите беа насочени кон говорот на солидарноста“.

Но, пред и по локалните избори во 2017-та, вели за ИМА Смаиловиќ, „тогашната опозиција ВМРО-ДПМНЕ, целокупната кампања ја искористи во ширење на говор на омраза кон мигрантите и бегалците, плашејќи го народот дека ијадници, милиони ќе се населат во Македонија, и дека власта ќе им додели станови и други социјални погодности. За таа цел беше користена собраниската говорница, локалните совети и градоначалници. Се делеа летоци со цел заплашување на народот“.

Петрит Сарачини, во својата анализа „Локалните избори 2021, рововска битка со црна пропаганда и дезинформации[10] дека тие избори за локална самоуправа „уште еднаш потврдиja дека Северна Македонија не е исклучок од светскиот тренд, туку, напротив, еден од покарактеристичните примери за општество во кое се одвива ‘перманентна кампања’ што не престанува со години, а во која преовладуваат пропагандата, дезинформациите и офанзивната реторика која произлегува од ксенофобијата.

Ксенофобијата како алатка за политичка употреба на стравот

За потребите на оваа анализа вредно е да се навратиме на периодот пред локланите избори во 2017 за да видиме како бегалците и мигрантите станаа предизборна и изборна тема.

Кон средината на 2017 година, Владата, односно Министерството за труд и социјална политика ја презентираше предлог Стратегијата за интеграција на бегалците и странците во Република Македонија 2017-2027,[11] по што следуваше јавната расправа.

Согласно Стратегијата, интеграцијата на новодојденци во општеството е динамичен и двонасочен процес, кој бара напори од страна на сите коишто се вклучени во овој процес. Тоа бара постоење на подготвеност од страна на имигрантите, да го прифатат општеството домаќин, без да се откажат од сопствениот културен идентитет, како и подготвеноста од страна на заедниците домаќини и јавните институции, да ги примат новодојденците во општеството, и да ги задоволат потребите на разновидна група на луѓе, притоа земајќи го предвид почитувањето на културните и социјалните разлики, како и човековите права и човечкото достоинство.

Промоцијата на фундаменталните права, недискриминацијата и еднаквите можности за сите, се клуч за еден успешен интеграционен процес, беше истакнато при промоцијата на Стратегијата.

Но, наместо да бидат прифатени овие препораки, во јавноста беше предизвикана бура од ксенофобични изјави и ширење на говор на омраза, коишто беа искористени и за политички пресметки кои беа насочени кон тогашната владеачка структура за планирање масовно населување на бегалци и мигранти.

Сето тоа кулминираше со организирање на референдуми против населувањето на овие лица во повеќе општини во државата, коишто во тој период беа под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

Во мислењата за Стратегијата доставени  до МТСП, како дел од јавната расправа, општините Ново Село, Демир Капија, Крива Паланка, Велес, Гази Баба и Прилеп, се пренесени изричито негативни ставови околу предлогот, а како аргументи, освен тоа што општините немале просторни, финансиски и инфрастуктурни услови за мерките предвидени со Стратегијата, се потенцираше и дека со неа трајно ќе се наруши демографската слика, имајќи предвид дека, на пример, „во општина Ново Село живее 99,9 отсто македонско население со православна вероисповед“.

Дополнително, во образложението за оваа иницијатива беше наведено дека прифаќањето бегалци и странци во Македонија „ќе ги дестабилизира регионот и државата во целина“.

Иако на овие критики за Стратегијата, Владата одговори дека документот е меѓународна обврска на Македонија и тој воопшто не значи дека во земјава ќе има доселување бегалци или изградба на домови за нив, следуваше формирањето на граѓанското движење „Будење“, кое собираше потписи[12] против „населувањето мигранти во Македонија“.  Се ширеа пораки како „мигрантите ќе бидат присутни во твоето, нашето маало, ќе одат на училиште со нашите деца, ќе го земат твоето работно место, доселувањето мигранти значи и пораст на стапката на криминалот и насилството…“.

И генералниот секретар на „Легис“ Јасмин Реџепи е на мислење дека „во историјата на современото македонско општество, ксенофобијата како алатка на национализмот се негува и одржува и тоа за политички цели за создавање меѓуетнички инциденти и конфликти, особено за време на избори, за да се извлече „профит“ од глас повеќе.

„Последиците од таквата политичка кампања се тешки. Граѓаните се трујат со омраза која прераснува во едно накарадно чувство и идеологија, според која ако не ги мразиш различните, нема да си доволно добар Македонец. Ваквата омраза се всадува во сите возрасни категории на граѓани, па дури и кај младите“, рече Реџепи за ИМА.

Одлика на ксенофобијата изразена во кампањите против бегалците и мигрантите е што „таа е заедничка за политичките кампањи на десницата во Европа, посебно за време и по големиот бегалски бран од 2015/16-та, што коинцидира и со ситуацијата во Македонија за време на изборите во 2017, небаре истата директива и средства за таквите кампањи ги добиваат од ист центар, што и не е далеку од вистината“, вели Јасмин Реџепи од „Легис“.

Мерсиха Смаиловиќ за ИМА вели дека денес, 5 години после бегалската криза, „немаме населување на стотици илјади бегалци, ниту нови објекти, но како некое „проклетство“ остана во медиумите и во политичкиот контекст, темата за бегалци и мигранти да се злоупотребува“.

„Секоја вест поврзана со бегалци или мигранти во нашата држава е проследена со над стотици коментари на социјалните мрежи, повеќето од нив се со негативен, или во ектремно негативен контекст. Сета таа ксенофобија влијае и кон креирањето на политиките на централната власт“, вели Смаиловиќ.

„Стратегијата за бегалци не е изгласана од собранието, ниту ресорното министерство ја става на дневен ред. Стапките на одоборен азил се минимални, и во 2020 година бележат 0. Таквата политика влијае и на препораките на Европската комисија кои за оваа тема бараат поголеми напори од нашата влада. Но, тие напори се минимални, и поради политиката на ксенофобија која се шири од опозицијата и од населението, темата за бегалци и мигранти останува орудие на политичките партии“, категорична е Мерсиха Смаиловиќ од „Легис“.

Ксенофобијата како „скриен змеј“

Дека ксенофобијата е „скриен змеј“ во Македонија сведочат повеќе случаи во последните две или три години.

Македонија се прослави, напиша еден сериозен портал,[13] кога со расистички изрази и со говор на омраза во центарот на Скопје вербално беа нападнати неколкумината Јужнокорејци, претставници на невладини организација, кога пандемијата со ковид-19 земаше замав во нашата земја и во светот.

Откако видеото на социјалните мрежи наиде на општа осуда во јавноста, тогаш техничкиот премиер Оливер Спасовски и Министерството за надворешни работи, во име на владата, им се извинија жртвите на вербалниот напад, кои како претставниците на невладина организација „Heavenly Culture World Peace Restoration of Light“ (HWPL), одржуваа работилници во повеќе градови во земјава на тема „Мир, толеранција и меѓусебно разбирање“.

Понов, и многу сериозен изблик на ксенофобија[14] беше регистриран и со низата инциденти и говор на омраза насочени против припадници на еврејската религиозна група „Лев Тахор“, кои се обидоа привремено да престојуваат во Македонија.

И овој случај се покажа ниското ниво на толеранција кон различните и високиот степен на ксенофобија во општеството.

И покрај тоа што Министерството за внатрешни работи, односно Агенцијата за национална безбедност, веднаш излезе со информации дека оваа група има привремен и регулиран престој во земјава и дека таа не претставува никаква опасност по безбедноста на граѓаните, тоа не ги спречи изливите на омраза кон нив и нападите со камења и јајца со кои им беше загрозена нивната сигурност. Притисокот со кој се соочија во Куманово, продолжи и во Скопје, каде што повеќе хотели одбија да ја примат групата, а нејзин член јавно се пожали дека полицијата повеќе им одмагала, отколку што помогнала.

Членовите на оваа група не беа поштедени од силен говор на омраза и закани за време на нивниот престој во едно село во близината на Охрид, по што ја напуштија земјата.

Кога зборуваме за ксенофобијата не може да ги затвориме очите кога оваа појава е насочена и кон нашите сограѓани, соседи, пријатели – Ромите.

Од година во година се повторуваат извештаите[15] според кои „вкоренетиот расизам е во сржта на повеќекратната дискриминација со која Ромите секојдневно се соочуваат и таа се согледува и во односот на институциите кон нив, но и во третманот кој го добиваат од страна на општеството во целина“.

Токму расната дискриминација е клучниот проблем поради кој, децении наназад, сите посебни политики и мерки наменети за оваа заедница остануваат половични, недоволни и неефективни во пракса, констатираат годишните анализи на Европската Комисија.[16]

За потребите на оваа анализа, ќе ги наведеме дел од случаите со дискриминацијата со која се соочуваат Ромите во слободниот пристап до јавни објекти како што се дискотеките или базените

Регистрирани се случаи кога на Ромите во Битола, Велес, Прилеп и Скопје, не им било дозволено да влезат во јавните пливачки базени во овие градови затоа што биле Роми.

„Обезбедувањето на базенот им кажало на Фикри и на уште еден Ром кој бил со него дека не можат да влезат на базенот бидејќи имале упатства да не пуштаат Роми. Истото лето, ЕЦПР организираше тестирање за дискриминација во кое беа вклучени шестмина Роми и четворица не-Роми, а подоцна резултатите од ова тестирање беа поднесени до судот како доказ. Притоа, на сите лица кои не се Роми им било дозволено да влезат на базенот, додека на сите Роми им бил забранет влез“, велат од Европскиот центар за правата на Ромите, пренесува порталот Фактор.

Но, обрнете внимание на насловот: Ром си лапна 1.000 евра обештетување откако не бил пуштен на базен во Битола.[17]

За овој медиум, најважно е дека „Ром си лапнал 1000 евра…“, бидејќи, според новинарските правила, најважната поента во една вест секогаш оди во насловот, а не дека „судот во Битола донел пресуда против еден базен во градот поради директна дискриминација на Ром со тоа што не му дозволил влез на базенот во летото 2017 година поради неговата етничка припадност“ и им наредил на „операторите на базенот Довлеџик да ја прекинат практиката за одбивање влез на базенот за Роми и доополнително да му исплатат оштета во висина од 60.000 денари, согласно законските прописи, на 37-годишниот Ром кој го тужеше базенот со поддршка од Европскиот центар за правата на Ромите“.

Наместо позитивната пресуда на судот, медиумот фокусот го ставил на добивката со понижувачки термин „си лапнал“ и со тоа го поттикнал дополнително дискриминаторскиот однос кон припадниците на оваа етничка заедница.

Уште еден апсурд говори за искривената перспектива за начините за решавање на ксенофобијата и дискриминацијата.

Како решение на овие негативни појави, локалната и централната власт „се сетиле“ дека ќе ја решат дискриминацијата и понижувањето на Ромите што го трпат кога им го забрануваат влезот во јавните базени, со тоа што ќе им изградат базен во нивната општина.

На ова реагираа и Хелсиншкиот комитет за човекови права и Мрежата за заштита од дискриминација[18] со соопштение во кое се истакнува дека ова апсурдно решение, изградба на базен во Шуто Оризари, може да доведе до комплетна сегрегација на Ромите во пристапот до овој тип на јавни добра и услуги.

Сегрегацијата е последниот стадиум на ксенофобијата.[19]

Од ксенофобијата не можеа да се воздржат ниту „исмевачите“ на честитката на Оливер Спасовски кога ја извршува функцијата технички премиер и кога по повод Меѓународниот ден на Ромите дел од својата честитка ја искажа на ромски јајзик. Петрит Сарачини во неговиот кус коментар „О биџуко расисти[20] коментираше дека „тие што исмеваат не знаат ниту збор ромски, освен пар пцовки. А не се исмеваат со Спасовски, туку со ромскиот јазик, нека е јасно. Спасовски е тука само спотер на политичка омраза, преку кој го изјавуваат и својот расизам и ксенофобија“.

Спектарот на целни групи на ксенофобијата

Ксенофобијата кон Албанците повторно исплива на површина ова лето, додека траеше кампањата на опозицијата против „францускиот предлог“.

Институтот за медиуми и аналитика ИМА, во текстот „Се интензивира говорот на омраза по повеќе основи: Пак ечи „Клетите Шиптари““, предупреди дека говорот на омраза е закана за мирот и безбедноста на општеството и дека медиумите, граѓанското општество, но пред сè надлежните институции, мора да сторат сè што е во нивна моќ за да го спречат неговото ширење и неговата употреба како метод во политичките битки.

На заканите од нагласениот говор на омраза со што загрозуваат меѓуетничките состојби, предупреди и претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски во интервјуто за неделникот Фокус од 28 јули 2022 година,[21] кога кампањата на опозицијата против „францускиот предлог“ влезе во фазата на кулминација.

„Меѓуетнички судири и тензии се јавуваат кога политичките актери ќе ја засилат националистичката реторика и тоа е работа која најмногу ме загрижува. Не дека Македонија ќе се распадне ако останеме надвор од ЕУ, ниту ќе има сериозна дестабилизација заради тој факт, но не е добро да постојат политички фактори кои манипулираат со националните чувства на граѓаните“, посочи Пендаровски, и додаде дека „реториката кон Албанците е невидена и се плашам дека некои нови генерации поведени од реториката на политичарите можеби ќе сакаат да испровоцираат инциденти“.

На оваа тема претседателот Пендаровски се наврати и во своето обраќање на јавната дискусија на тема „Дискриминирачки говор во дигиталните медиуми-состојба и предизвици“,[22] во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), која започна со потпишувањето на меморандум за соработка со цел поддршка на националната борба против дискриминирачкиот говор и другите негативни појави во интернет просторот.

„Длабоко сум убеден дека соработката и заедничките акции на сите чинители во општеството се клучни во борбата против дискриминирачките содржини во интернет-просторот, но и воопшто во јавниот говор. Спречувањето на оваа појава која сериозно ги разнишува основните темели на секое општество кое цели кон инклузивност, мора да стане национален приоритет. Комуникацијата не смее да биде сведена, како сега, во голем дел, на негативна енергија, фрустрации, напади врз личноста, дискриминирачки говор или говор на омраза“, истакна Пендаровски на овој настан.

„Скриениот змеј“ ксенофобија се покажа себе си и во однос на народот на Бугарија, поттикнат од незадоволството на македонските граѓани од ултиматумите на нашиот источен сосед.

Во разговор за порталот „Независен“, Владо Бучковски,[23] кој беше специјален пратеник на Владата за спорот со Бугарија, вели дека бил свидетел на многу дебати во нашиот парламент, „но ваква мизерија немам видено.  ВМРО-ДПМНЕ демонстрираше омраза, пред сѐ кон СДСМ, но и кон ДУИ и Албанците воопшто, кон Европа, посебно кон Франција и Германија… кон Западот генерално“.

Според него, дискусиите, кои биле демонстранција на ксенофобија и неофашизам, му нанеле голема штета на угледот на нашиот парламент, но „уште поголема штета на ВМРО-ДПМНЕ“. Бучковски во интервјуто вели дека со објавувањето на Протоколот се покажало дека тој не е страшило и почива на принципот на реципроцитет. „За мене беше страшна манипулацијата што ја направи опозицијата, но и неколкумина ‘експерти’, околу овој документ“, нагласува Бучковски.

Чекори што најавуваат промени, но неопходна е нивна бескомпромисна имплементација

Хелсиншкиот комитет за човекови права во 2021[24] година, слично како и за 2020 година, нотира дека согласно високиот број на случаи со говор на омраза на социјалните медиуми, односно и вкупно 877 пријави на порталот www.govornaomraza.mk, говорот на омраза врз основ на етничка припадност повторно беше на врвот на пријавите, достигнувајќи 34% од сите случаи.

Сепак, зголемениот број на пријавени случаи во 2021, иако анонимно, охрабрува ако се земе предвид дека на оваа платформа во 2019 година имало 214 пријави, а во 2018 само 84.

На ова охрабрување на пријавите на говор на омраза и ксенофобија, најверојатно делуваа и измените на Кривичниот законик во Република Северна Македонија од 2018 година со кои се воведе злосторството од омраза како одвоено кривично дело, за да го приближи своето национално право со правото на ЕУ.[25]

Како дело од омраза изречно предвидено со Законот, се смета кривично дело против физичко или правно лице и со нив поврзани лица или имот кое е сторено во целост или делумно поради реална или претпоставена (замислена, вообразена) карактеристика или поврзаност на лицето што се однесува на раса, боја на кожа, националност, етничко потекло, религија или уверување, ментална или телесна попреченост, пол, родов идентитет, сексуална ориентација и политичко уверување.

Овие охрабрувачки индиции, сепак, според мислењата на експертските и професионалните организации, не ги следат со ист чекор медиумите, кои, согласни се сите, имаат исклучителна улога во поттикнувањето, но и силен потенцијал да го спречат ширењето на ксенофобијата и говорот на омраза.

Хелсиншкиот комитет е на став дека со своето неодговорно и тенденциозно известување, медиумите придонесуваат за јакнење на ксенофобичните чувства кај граѓаните, а кои понатаму водат и до извршување на дела од омраза.[26]

И навистина, говор на омраза, ксенофобија, расизам, дискриминација, навреди се дел од работите кои редовно може да се прочитаат во коментарите под одредени вести кои се пласираат од медиумите на социјалните медиуми. За експертите ваквите појави се штетни и затоа е задолжително филтрирање на коментарите на публиката за што се одговорни тие кои ја споделуваат, односно самите медиуми.

Поранешната извршна директорка на Советот за етика на медиумите во Македонија (СЕММ), Марина Тунева децидно вели дека медиумите имаат одговорност редовно да прегледуваат и брзо да ги отстрануваат коментарите со говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици под новинарските содржини на веб-страниците или социјалните мрежи.

„Недозволиво е медиумите да дозволат да бидат злоупотребени и да послужат како средство за ширење омраза, упатување повици за обединување на поединци и групи за радикално однесување и постапки кои го загрозуваат јавниот ред и мир“, препорачува Тунева.[27]

Во истиот текст таа се осврнува и на друг момент, посочувајќи дека редакциите може да направат и многу повеќе од тоа.

„Новинарите и уредниците треба да истражуваат и објавуваат извештаи за наративи на омраза во медиумите, да ги стават во фокус и да ги проблематизираат наративите на омраза на политичари, јавни личности, итн., да се осврнат на положбата и потребите на малцинствата и други маргинализирани групи во општеството кон кои што неретко се употребуваат наративи на омраза“, смета Тунева.

За темата ксенофобија во медиумите пишува и Жарко Трајаноски во неговата анлиза „Пропагандните конспирации за кампови за бегалци и мигранти во Македонија[28].

„Неретко, во медиумите бевме сведоци на синџир од дезинформации кои пропагандно се надоврзуваа една на друга, а се презентираа како ‘факти’. На пример, дезинформацијата објавена на ‘Инфомакс’ за ‘милион Африканци’ се надоврзува на претходната дезинформација дека ‘СДСМ одлучиле да прифатат неверојатни 150 илјади мигранти во Република Македонија’, ‘обзнанета’ од екс-премиерот во интервју за Инфомакс. Индикативно е тоа што и двете дезинформации се илустрирани на ‘Инфомакс’ со иста фотографија и се споделуваа небаре станува збор за ‘неприкосновени факти’, открива Трајаноски и потенцира дека Фејсбук страницата „ФАКТ вести“ ја сподели „веста“ дека „СДСМ одлучиле да прифатат неверојатни 150 илјади мигранти“.

Комуникологот Бојан Кордалов, кој е специјалист за односи со јавност и нови медиуми, смета дека сѐ позачестените коментари од ваков тип се одразуваат од целокупната клима во земјава која, како што вели, се одликува со говор на омраза, дискриминација и навреди на сите страни.[29]

Дел од факторите за ваквата ситуација, според Кордалов, е и неказнивоста, но и бавната санкција за сторителите, кои влијаат и понатаму масовно да се случуваат ваквите дела.

Ситуацијата пак, може да се подобри, само доколку се вратиме на основните „лекции“ по демократија, вели Кордалов, односно на координирана акција и комуникација на релација граѓани – медиуми – институции.

Јасмин Реџепи како еден можен модел за справување со оваа појава посочува на искуството на „Легис“, односно со работата на младите со цел разобличување, превенција и борба против ксенофобијата.

„Младите се одлучувачки фактор и мора да ги научат и разберат здравите односи во општеството, пред сè меѓу етничките односи, мултикултурната природа на нашето општество, а потоа и правата кон оние кои транзитираат или бараат заштита во државава“, вели Реџепи.

„Легис“ овие работлници, тренинзи и кампањи ги одржува секоја година со поддршка на Еразмус плус, Владата на Република Северна Македонија, Агенцијата за остварување на правата на заедниците и други партнери.

„Резултатите секогаш се позитивни, а тоа најлесно се забележува по коментарите на тие млади кои на социјалните мрежи самостојно се спротивставуваат на говорот на омраза, преку позитивни коментари и објаснувања“, велат од „Легис“, и посочуваат на неопходноста од долгорочно и континуирано организирање на овој тип активности во средните училишта како дополнување на предметите кои вклучуваат граѓанско образование или/и медиумска писменост.

 

Референци:

[1] Соопштение на Владата на Република Северна Македонија, објавено на 17.08.2021

[2] Заев: Спремни сме да прифатиме цивилно население од Авганистан“, објавена на 15.08.2021 на порталот на Радио Слободна Европа.

[3] Објавено на Фејсбук страницата на Радио Слободна Европа на 15.08.2021

[4] Македонците „гласни“ околу пристигнувањето на Авганистанците, објавен на 20.08.2021 на порталот на Радио Слободна Европа

[5] Фејсбук статус на Наум Стоилковски, порпарол на ВМРО-ДПМНЕ, објавен на 19.08.2021

[6] Пост на Фејсбук страницата на Левица, објавен на 17.08.2021

[7] АНБ ги презема неопходните мерки за организирано и безбеднo прифаќање на цивилно население од Авганистан, објавено на порталот Независен.мк на 31.08.2021

[8] Привремениот третман на авганистанските граѓани во „Хотел Македонија“, објавено на порталот на Радио МОФ на 01.03.2022

[9] Хелсиншки комитет: Ксенофобијата не е инцидентна појава во нашето општество, објавено на интернет страницата на ХК на 16.02.2022

[10] Локалните избори 2021, рововска битка со црна пропаганда и дезинформации, објавено на порталот Цивилмедиа на 27.12.2022

[11] Стратегијата за интеграција на бегалците и странците во Република Македонија 2017-2027 на интернет страницата на Министерството за труд и социјална политика

[12] Страв од мигранти и покрај владините деманти, објавено на порталот на Радио Слободна Европа, на 23.08.2017

[13] Стравот од новиот коронавирус предизвикува расизам и ксенофобија на Запад, објавено на порталот 360 степени, на 04.02.2020

[14] Охриѓанката која повика да се запалат Евреите ќе одговара кривично за ширење расизам и ксенофобија, објавено на порталот А1он на 22.02.2022

[15] Системот не им дозволува на Ромите да излезат од маргините на општеството, објавено на интернет страницата на Хелсинсшки комитет за човекови права на 08.04.2022

[16] Ромите во Извештајот за напредокот на Европската Комисија за 2021 година, објавен на порталот Ромалитико

[17] Ром си лапна 1.000 евра обештетување откако не бил пуштен на базен во Битола, објавено на порталот Фактор.мк на 19.11.2018

[18] Базенот во Шуто Оризари не ги решава проблемите на Ромите, објавено на  интернет страницата на Хелсиншки комитет за човекови права на 10.02.2017

[19] Protection against racism, xenophobia and racial discrimination, and the EU Anti-racism Action Plan, Policy Department for Citizens’ Rights and Constitutional Affairs Directorate-General for Internal Policies, May 2022

[20] О биџуко расисти, објавено на поратлот Гринцивил.мк на 26.07.2020

[21] Интервју на претседателот Пендаровски за неделникот „Фокус“ од 28.07.2022

[22] Пендаровски: Мораме да ја вратиме пристојноста во комуницирањето, зборот коски нема, ама коски крши, објавено на порталот СМК.мк на 22.09.2022

[23] Протоколот не е страшило, невидена ксенофобија во Собранието: Интервју со Владо Бучковски, објавено на порталот Независен.мк на 18.07.2022

[24] Годишен извештај за човековите права за 2021 година на Хелсиншки комитет

[25] Правна анализа – Основните белези на криминалитетот од омраза со посебен осврт на говорот на омраза, Хелсиншки комитет, 2020

[26] Хелсиншки комитет: Ксенофобијата не е инцидентна појава во нашето општество, објавено на интернет страницата на ХК на 16.02.2022

[27] Медиумите со одговорност за филтрирање навреди или говор на омраза во коментарите под вестите, објавено на порталот Пина.мк на 06.03.2022

[28] Пропагандните конспирации за кампови за бегалци и мигранти во Македонија, објавено на порталот Независен.мк на 03.06.2022

[29] Ibidem.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде