Последни написи

Кировски: Некому да не му го признавате правото на самоопределување и на сопствен јазик е тежок облик на дискриминација

Кировски: И политички невештите се свесни дека во оваа зовриена ситуација – отворање на бугарски клуб во Охрид со името Цар Борис – кој е симбол на бугарската окупација за време на Втората Светска Војна, е провокација која само долева масло на огинот.

Атанас Кировски во колумната „BAD FAITH“, објавена на ИМА, укажува дека “независно од политичкиот исход на преговорите и независно колку договори и протоколи ќе се потпишат со кои официјална Софија ќе смета дека е „победник“ во тие преговори, крајниот исход е голем пораз на бугарската политика:

„Договорите кои ќе покажуваат на хартија дека имаме заедничка историја, дека чествуваме заеднички херои, дека сме исклучително блиски словенски народи со слична култура и јазик, (токму инсистирањето дека македонскиот јазик е вештачки и е некаков дијалект на бугарскиот е во коренот на сите проблеми во односите) во праксата, во реалниот живот кај Македонците создаваат еден огромен, непремостив јаз, кој нема да може да се надмине со децении, и кој наместо да создаде пријателство и да ги приближи двата народа, бескрајно ги оддалечува, па дури и создаде чувство на отворено непријателство кај Македонците кон Бугарите. Некому да не му го признавате правото на самоопределување и на сопствен јазик е тежок облик на дискриминација, од која ништо добро не може да произлезе.

Ако целта на договорот за пријателство и доброседство беше Софија да покаже дека за Бугарите нема поблизок народ од македонскиот, секако дека целта која е постигната е токму спротивната. Официјална Софија со политиката што ја води последните неколку години предизвика нејзините граѓани да имаат доза на нелагодност ако отпатуваат во Македонија, па дури и страв дека може да бидат изложени не само на вербални непријатности, туку и на физичко насилство. На прашањето на еден бугарски колега кон демонстрант во Скопје – „Може ли нешто да те попитам “ – доби одговор „Не може да ме попиташ, може да те пошлапам“ – што наиде на воодушевување кај огромен број луѓе во Македонија, а синтагмата „Може да те пошлапам“ стана и постер на социјалните мрежи. Таков еден говор на омраза, закана со физичко насилство, и во суштина крајно нецивилизирано однесување кон новинар на странска држава наиде на одобрување кај дел од македонската јавност! Како се случува ова кога е познато дека Македонците се питоми и гостoпримливи луѓе?!

Бесконечната серија смислени, ниски провокации од типот на политичари како Каракачанов и Ковачев, ветото, уцените, отвореното негирање на македонската нација и јазик, имињата на бугарските клубови што се отвараат низ Македонија доведоа до изблик на огорченост и омраза.

Официјална Софија намерно ја потхранува таа омраза, бидејќи и политички невештите се свесни дека во оваа зовриена ситуација – отворање на бугарски клуб во Охрид со името Цар Борис – кој е симбол на бугарската окупација за време на Втората Светска Војна, е провокација која само долева масло на огинот. Во дипломатијата, нема индивидуална вокација и случајности, а особено се невозможни серија на несреќни околности и случајности кои имаат ист епилог.

Големото мнозинство Бугари немаат негативни чувства кон Македонците, убеден сум во тоа, но официјалната бугарска политика не сака да се водат конструктивни преговори кои ќе придонесат за релаксирање на состојбите, а натаму и за развој на пријателство и добрососедство. Напротив, Бугарија постојано ги води преговорите “In a bad faith“. Ако не дојде до пресврт во политиката на Бугарија кон Македонија епилогот на тоа ќе биде исклучително мачен процес на преговори за членство во ЕУ, со постојано измислување нови пречки од Софија, ескалација на односите и омразата и веројатно лош исход на тие преговори. Мислам дека токму тоа е и целта на политиката на Бугарија кон Македонија, заради некои други агенди. За жал.“, пишува Атанас Кировски во колумната „BAD FAITH“, објавена на ИМА.

Latest Posts

Не пропуштај