Последни написи

Седмата сила стана евтина работна сила

Социо-економската положба на голем број медиумски работници во Северна Македонија е на незавидно ниво. Сведени се на евтина работна сила, врз која може лесно да се врши притисок поради нерегулираниот работен статус. Сето тоа придонесува кон нискиот квалитет на информации, кои пуштени во оптек, влијаат поразително.

Високиот притисок, долгите работни часови и малата плата ја „ослабуваат“ седмата сила, чија енергија е неопходна за борба против дезинформациите што го нагризуваат општеството.

Просечната плата расте, новинарската – заглавена под просекот

Според последното истражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници направено во 2021 година, повеќе од половина медиумски работници кај нас (52,5 проценти) имаат плати од 20 до 40 илјади денари. Дел од нив на месечно ниво добиваат повеќе од 40 илјади денари (4,8 проценти), а далеку поголем е бројот на оние што заработуваат плата под 20 илјади денари (28,4 проценти).

Резултатите од истражувањето што е дел од публикацијата „Со заедничко дејствување до поголемо почитување на правата на новинарите и на медиумските работници“, покажуваат дека високи 41,6 отсто од анектираните новинари и медиумски работници се вработени на определено време, работат со договор за дело или хонорарно.

– Главнината од испитаниците (80 проценти) имаат редовни примања, но на 11,9 проценти им се случиле доцнења во времетраење од еден до три месеци, односно плати, во последната година. Вкупно 62,9 проценти сметаат дека материјалната состојба е значително или делумно подобрена во последните три години, но 21,7 проценти сметаат дека ситуацијата е значително или делумно полоша, велат од ССНМ.

Месечни примања помали од 30.000 денари имаат дури 72,9 отсто од испитаниците, што е приближно на граница на просечната плата во земјава, а повеќе од половината од испитаниците, 57,7 отсто, се незадоволни од своите примања и од својата економска сигурност.

Овие податоци се показател за социо-економска состојба на мнозинството вработени во медиумскиот сектор и тоа во континуитет во последните неколку години.

Новинарите не смеат да бидат евтина работна сила

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници има став дека тековните месечни примања се далеку под потребните и дека со оглед на економската криза, па и според тоа колку средства се слеваат во медиумите, неопходен е раст на платите на новинарите и на медиумските работници.

– Во исто време, ССНМ во редовните, па и засилени средби со своето членство во последниот период, но и воопшто со луѓето ангажирани во медиумите, доаѓа до информации за ангажирања без договори, пролонгирање на дозволениот период на ангажмани на определено, исплата на рака и така натаму, наведуваат оттаму.

Дополнуваат дека работата во недела, ноќни и празнични дневници, како и минат труд, се долго предмет на „борба“.

– ССНМ секогаш инсистирал на нивна примена во сите медиуми. По последните законски измени и по период на адаптација, во текот на оваа година голем дел од македонските медиуми започнуваат да ги практикуваат на дело обврските што им се наменети од државата. Но, треба да се истакне дека тоа и во овој дел има отстапки, па бележиме нецелосни суми при исплатата на месечните примања, нивно доцнење, а дел се само уште во најава, посочуваат од Синдикатот.

Од Здружението на новинарите на Македонија, на прашањето колку изнесува просечната плата на медиумските работници во Република Северна Македонија и колку е под или над просекот, одговараат дека најголем дел од новинарите имаат месечни примања далеку под просечната плата во земјава, која во 2021 година изнесуваше 28.869 денари.

– Платата на најголемиот дел од младите новинари, според анкетата на ССНМ, не ја достигнува ниту оваа цифра. Шест отсто од анкетираните млади новинари одговориле дека земаат помалку од 25.000 денари, а дури 27 проценти од нив се платени помеѓу 15.000 и 20.000 денари. Останатите 12,9 отсто одговориле дека нивната плата е од 25.000 до 30.000 денари, односно 24,6 проценти дека имаат плата повисока од 30.000 денари. Нешто подобра е состојбата во јавниот сервис, каде што просечната плата на новинарите во 2020 година изнесувала 38.120 денари, иако се смета дека платите на новинарите, особено тие што не се почетници, се пониски од платите на новинарите во националните приватни телевизии, велат оттаму.

Хонорарците најранлива категорија во новинарството

Од ССНМ велат дека хонорарците се „најранлива“ категорија во новинарството и во сите професии поврзани со медиумите.

– Сè уште се многу, нивните приходи за одработеното доцнат, а често и не се исплаќаат. Неколку случаи, особено со дописниците, се вистински лични драми. Така, имаме дописник од една ТВ кој нема никаков договор, а за куќата работи веќе седум-осум години, а на една поголема група хонорарци им беа „прескокнати“ четири месеци. Главниот проблем на хонорарците е што се во прекаријатска позиција, со несигурен, нередовен приход, кој во секој момент може да престане, велат од ССНМ.

Од ЗНМ, исто така, сметаат дека освен што се евтина работна сила, и работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми, е несигурен.

– Бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, не им се исплаќа надоместокот за пензиско и за социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работнички права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и од политичарите. Притисоците најчесто се суптилни и малку видливи, новинарите главно се воздржуваат отворено да зборуваат за овие појави и ретко пријавуваат кога им се прекршуваат основните права, велат оттаму.

Од ССНМ дополнуваат дека, иако се оценува дека новинарите во редакциите главно имаат поголема слобода, сепак има многу влијанија врз секојдневното работење, кои не се толку видливи, односно има повеќе самоцензура, отколку директни притисоци.

Со сериозен пристап новинарите нема да се евтина работна сила

За подобрувањето на финансиската „атмосфера“ во која работат новинарите и медиумските работници, особено хонорарците, од ССНМ велат дека одржале средби и со некои од работодавачите и побарале да бидат заштитени правата на вработените со акцент на хонорарните соработници.

– Во исто време, постојат и заложби за поставување долни граници или минимални плати, и тоа по сектори, но за таков потфат ќе треба обединување на голем дел од членовите во ССНМ што би значело и мандат за барањата, велат од Синдикатот.

Од ЗНМ се согласни дека во овој контекст е потребно продолжување на напорите на ССНМ, со поддршка на ЗНМ, во потпишувањето нови колективни договори со приватните медиуми.

– Потребно е спроведување кампањи и обуки, преку кои новинарите и медиумите би се запознале повеќе со своите основни работнички права. Еснафските новинарски здруженија треба да продолжат да обезбедуваат правна помош и советодавни услуги на новинари и на медиумски работници. Исто така, неопходно е интензивирање на соработката и на дијалогот со институциите во интерес на заштитата на работничките права на новинарите и на медиумските работници, се некои од решенијата што ги наведува ЗНМ.

Во врска со прашањето како малите плати влијаат врз квалитетот на известувањето, од ССНМ велат доколку тргнеме од претпоставката дека квалитет најлесно се добива со високи плати, тогаш, според нив, јасно е дека со евтина работна сила сопствениците не може да се надеваат на квалитетно известување.

– Секако, доколку сметаат дека професионалното известување е во нивен интерес. За жал, сведоци сме дека не е мал бројот на медиумски сопственици што не го гледаат медиумот како јавно добро и бранител на јавните интереси, што, впрочем, е и основната функција на новинарството и на медиумите. Другата димензија, долгорочна, е дека младите се демотивирани од сознанијата за мали приходи, па како резултат на тоа се јавува отсуство на студенти по новинарство и на групите комуникација и медиуми, а познато е дека со помала база, помала е шансата за квалитет, посочуваат од ССНМ.

Од ЗНМ велат дека новинарите и медиумските работници што работат во неповолни услови, имаат ниски финансиски примања, немаат мотивација за работа и се подложни на влијанија. Тие се евтина работна сила во секоја смисла.

– Новинарите велат дека најголем проблем претставува фактот што на сопствениците на медиумите најчесто тоа не им е основен бизнис. Па, така, во заднина на медиумот постојат други фирми, кои, пак, се врзани со тендери со министерства и институции, и од тој аспект постојат табу-теми за одредени медиуми. Таквата состојба е особено изразена во локалните медиуми. Во тој контекст, во текот на изминатава година, со оглед на тоа дека сè уште беше актуелна здравствената криза предизвикана од пандемијата, новинарите и медиумските работници чувствуваа уште поголема несигурност за својата работа, а тоа, пак, водеше кон демотивираност и самоцензура, велат оттаму, дополнувајќи дека најлоша е позицијата на новинарите во локалните и во регионалните медиуми, поради тоа што овие медиуми се во лоша финансиска состојба, а освен тоа, во малите средини локалните моќници можат полесно да вршат притисок.

 

Latest Posts

Не пропуштај